УПОТРЕБА НА МИЛИЦИИ ВО РОГОТ НА АФРИКА И ВО ДЕМОКРАТСКА РЕПУБЛИКА КОНГО
Оваа студија за бунтовничките групи и мерките за борба против бунтовниците што се користат во ДРК, Етиопија и Судан ја открива единственоста во односот што постои меѓу маргинализираните групи и владините сили во секоја од овие национални држави. Населенијата на Судан, Етиопија и Демократска Република Конго и натаму ќе бидат погодени од војни поради употребата на милиции што служат само за да ги интензивираат и онака веќе постојните проблеми. Во маргинализираните региони од овие земји, мора да постои сериозен напор да се сопре употребата на милиции за смирување на немирите во регионите што не се под владина контрола, и да се стави поголем акцент на зајакнување на државните и локалните институции за да може да се воспостави политички легитимитет.
Внатрешни борби, угнетување и злосторства против човештвото се дел од политичкото, општественото и економското ткиво на многу африкански земји. Демократска Република Конго (ДРК), Етиопија и Судан се меѓу националните држави во Африка што во историјата и денес се засегнати од такви проблеми. Постојните кризи во овие три држави се интензивираа со употребата на милиции како мерка против бунтовниците. Владините сили во горенаведените студии на случаи се бореа заедно со милициите во обид да запрат различни бунтовнички групи, но тоа доведе само до повеќе смрт и уништување.
Постојат многу причини зошто африканските влади продолжуваат да се потпираат на такви неефективни мерки против бунтовниците. Првата е корупцијата и недостиг на инфраструктура. Повеќето африкански влади се нефункционални поради слабите државни институции што се преплавени од корупција и недостиг на инфраструктура што резултираше со неможност да се обезбедат основни услуги за граѓаните. Освен корупцијата и недостигот на инфраструктура, големите африкански држави, како што се Судан, ДРК и Етиопија, се оптоварени со одговорноста да ги употребуваат слабите државни институции за да владеат со голема територија што претставува уште поголем предизвик за политичкиот легитимитет на централната власт. Така, бунтовничките групи и мерките против бунтовниците се одговор на нефункционалноста на државата.
Африканските војски често пати не можат да ја добијат војната против бунтовничките групи бидејќи немаат финансиски ресурси и воена опрема што се потребни за да се „нападнат герилците со таква сила каква што е потребна за да бидат победени.” Освен тоа, бунтовничките групи обично се цврсто стационирани во руралните области, кои не се под постојана контрола на владата. Задачата да се одбранат големи територии и распрснато население е уште посложена поради недисциплираната воена сила што многу често не добива плата за дадените услуги. Неможноста да се употреби сила поради ослабнатите воени капацитети предизвика африканските влади, кои се под притисок, да ја изберат употребата на милиции како ефтина мерка против бунтовниците. Опцијата за милиции што живеат меѓу групите кои се спротивставуваат на владата во многу случаи се покажа како многу корисна бидејќи таквата тактика ги дели и им го одвлекува вниманието на групите кои инаку би можеле да се обединат. „Иако милициите обезбедуваат директни предности за владата” , сепак, долгорочно, не обезбедуваат средина за конструктивно делување и мир. Оваа студија за бунтовничките групи и мерките за борба против бунтовниците што се користат во ДРК, Етиопија и Судан ја открива единственоста во односот што постои меѓу маргинализираните групи и владините сили во секоја од овие национални држави.
Демократска Република Конго
ДРК, која е дом на најголемата мировна мисија на светот поради долгогодишните граѓански војни, беше погодена од конгоанската војска и нејзиниот однос со различни бунтовнички групи. Бунтовничките групи што постојат и во и надвор од ДРК имаат длабоко влијание врз институционалниот капацитет на државата. Владините сили на ДРК особено се погодени од тешкотиите во источниот регион на земјата. Централната, регионалната и локалната власт во источниот регион од земјата го напаѓаат вооружени фракции, а тука се одвиваат и етнички спорови и спорови за земјиште на индивидуално, семејно, кланско и селско ниво уште од дамнешни времиња. Ова играше голема улога во дестабилизирање на државата. Со оглед на тоа дека ДРК е втората најголема земја на континентот и е населена со околу педесет и шест милиони луѓе, „кои им припаѓаат на повеќе од две стотини и педесет етнички групи”, оваа студија ќе се фокусира само на владиниот однос со милициските групи во источниот регион на земјата, како што се Маји Маји и Демократските сили за ослободување на Руанда (ФДЛР).
Односот меѓу конгоанската влада и милициите, како што се ФДЛР и Маји Маји почна за време на владеењето на Лорен Кабила како шеф на државата. Доаѓањето на власт на Лорен Кабила потекнува од граѓанските немири меѓу етничките групи во регионот Киву во источно Конго поради спорови во врска со земјиште, како и поради државјанството на раселените лица и бегалците. Тензиите се зголемија и како резултат на политичката, економска и општествена поддршка на претседателот Мобуту Сесе Секо на етничките малцинства, особено на оние со руандско потекло. Поради овие немири, соседните земји, како што се Руанда, Бурунди, Ангола и Уганда помогнаа да се формира коалиција, која најпосле доведе до отфрлање на режимот на Мобуту. Владата на Руанда даде воена поддршка за отфрлање на Мобуту поради големата потреба да се заштитат руандските Тутси, кои ги населуваат регионите на источно Конго што се богати со минерали. Желбата на Владата на Руанда да го заштити населението од иста етничка припадност во источно Конго доведе до откривање на најголемите минерални ресурси на источно Конго како што се каситерит, колтан, злато, дијаманти и палмини плодови. Како резултат на откритието на таквите минерали, Уганда и Руанда станаа главни извозници на каситерит, колтан и злато, чија количина е многу мала и во двете земји. Поради тоа, Лорен Кабила подоцна ги употреби Маји Маји и ФДЛР како милициски сили за да се заштити од неколку инвазии што ги направија Руанда и поранешните сојузници. Владата на Руанда беше особено навредена кога Кабила ги отпушти конгоанските политички официјални лица со руандско потекло, ги прекина конгоанско-руандските воени односи, „и почна да го поттикнува населението на расна омраза кон Руандците и Конгоанците со руандско потекло.”
Со текот на годините, фракционализмот и промената на сојузниците ги усложнија односите меѓу владата, ФДЛР и Маји Маји. Во моментов, постојат некои фракции во рамки на ФДЛР и Маји Маји што и натаму ја поддржуваат владата, како и такви кои не ја поддржуваат. Сојузот меѓу ФДЛР и Маји Маји беше воспоставен набргу по геноцидот во Руанда во 1994 година. По завршувањето на руандскиот геноцид и по доаѓањето на власт на Пол Кагаме, сегашниот руандски претседател од редот на Тутсите, милион руандски Хуту бегалци пребегнаа во источно Конго, што доведе до тоа конгоанскиот народ во источниот регион да организира неструктурирани воени групи наречени Маји Маји. Поради неуспевањето да се воспостави владеење на законот во источниот регион, на Маји Маји им се даде одговорност да ги заштитуваат локалните граѓани од незаконските акти што ги извршуваше надојденото руандско население, меѓу кое имаше припадници и на Хуту и на Тутси, бегалци кои биле извршители на геноцид, и трупи од руандската национална армија. Некои фракции во рамки на бунтовничката група Маји Маји набргу им се придружија на победените Хуту бунтовници кои тукушто беа пристигнале. Ова беше само почетокот на сојузот меѓу Маји Маји и ФДЛР. Новодојдените Хуту бунтовници на крајот се стационираа во источно Конго поради нивниот сојуз со бунтовничката група Маји Маји која им помогна да добијат пристап до некои земјишта и рудници богати со минерали.
Џозеф Кабила, сегашниот шеф на државата и син и наследник на поранешниот претседател Лорен Кабила, го употреби сојузот Маји Маји-ФДЛР за борба против Тутси бунтовниците кои го поддржуваат Тутси генералот Лорен Нкунда, поддржан од Руанда. Лорен Нкунда беше лидер на Националниот конгрес за одбрана на народот (ЦНДП), кое претставува бунтовничко движење што беше воспоставено за да ги заштити правата на народот Тутси од источно Конго. Постојаните јавни поплаки во врска со прекршувањата на човековите права што беа извршени од генерал Нкунда и неговите следбеници резултираа со негово неодамнешно апсење што се случи на 22 јануари 2009 година. Генералот Нкунда беше уапсен во Руанда за време на заедничките воени операции меѓу руандските сили и конгоанската војска. Поради претходните инвазии на ДРК од страна на руандските сили и непријателските односи меѓу Тутси и Хуту долго време не постоеше воената соработка. Генералот Лорен Нкунда ја одобруваше руандската агенда во која се планираше пораз на сите Хуту милициски групи во источно Конго што претставуваа закана за националната безбедност на Руанда и на Тутсите и во Конго и во Руанда. Нкунда, руандски припадник на Тутси роден во ДРК, беше застапник за руандската агенда поради тоа што неговите родители пребегнале од нивната родена земја Руанда за време на „првиот бран етнички убиства во 1962 година.” По изборот на Џозеф Кабила во 2006 година и воспоставувањето на ново Национално собрание што радикално го разреши етничкото чистење на Конгоанци од руандско потекло, повторно постојат стравувања од кампањи на етничко чистење во источниот регион на Конго. Како резултат на тоа, главна конфронтација меѓу владините сили на Конго и трупите на Генерал Нкунда станаа борбите со помал интензитет. Владата на Конго рутински ја обвинува руандската влада за постојано снабдување на бунтовничкото движење на Генерал Нкунда со оружје поради големото минерално богатство на источно Конго и постоење на Хуту милициски групи во регионот. Така, борбите меѓу конгоанската влада, провладиниот милициски сојуз ФДЛР-Маји Маји и Генерал Нкунда добија регионален, како и меѓународен карактер...