Denko Maleski
Professor at Doctoral School of Political Science
Ss. Cyril and Methodius University in Skopje

ГРАНИЦИТЕ НА НАШИТЕ УМОВИ (ГРАНИЦИ И НАЦИИ НА БАЛКАНОТ)

 

Овие размислувања ги посветувам на вашиот колега- студент Борјан Таневски кој премина граница за да живее и да студира со студенти од Грција и од други земји. Со тоа Борјан ги премина и границите на нашите умови.


Книгата што ја држев во моите раце во библиотеката на Универзитетот во Принстон тој ден пред десетина години, беше колекција на географски карти на Источна Европа низ вековите. Држејќи ги листовите со палецот, ги пуштив да паѓаат еден по еден со голема брзина. Одеднаш, овие навидум фиксирани граници на држави и нации оживеаа, движејќи се напред и назад, ширејќи се и стеснувајќи се , исчезнувајќи и одново појавувајќи се, онака како што паѓаа листовите и со нив вековите. Со малку фантазија, можев да ги замислам овие одливи и приливи на историјата во форма на освојувачки армии кои бришеле стари граници и воспоставувале нови. Можев да си замислам некои од нивните последици: судбини на тероризирани народи одделени од нивните сонародници или фатени во стапица во непријателски средини, ако биле доволно среќни да не бидат етнички исчистени. Тогаш моите мисли се насочија кон Балканот.

Се до крајот на дваесеттиот век, односите меѓу балканските држави, наликуваа на оние од познатиот опис на Хобс: држави како човечки тврдини, во став на гладијатори кои се демнат едните со другите, со гарнизони и топови на нивните граници, перманентно шпионираќи ги соседите и подготвувајќи се за војна. Моите први сеќавања за такви граници ма враќаат во педесеттите, на патување со брод по Преспанското езеро. Еден униформиран човек од мал воен глисер, со машинка на неговото рамо, кој се обидуваше да се качи за да изврши инспекција на бродот, се лизна, машинката испука рафал и тој падна ранет. Тогаш, на седумгодишна возраст разбрав дека нашиот брод се доближил до некаква линија во водата наречена граница, која што го раздвојувала делот од езерото кој ни припаѓал нам, од оној на Грција и на Албанија. Како што разбрав подоцна, луѓето во униформа сакале да се осигураат дека никој нема да помине на другата страна, или, уште полошо, никој оттаму да не влезе во нашата држава. Признавам, границата ми беше некако чудна, затоа што немаше бодликав тел, симболот на границите на моето време. Фактот дека бодликав тел не можеше да биде поставен во водата, ја отежнуваше работата на униформираните луѓе, помислив гледајќи во едно буре офарбано црвено кое што ја обележуваше границата, како весело потскокнува под удатот на секој нов бран.

Човекот во униформа сеуште лежеше ранет додека луѓе во паника се обидуваа да го префрлат во глисерот. Првиот печат што овој настан го сотави врз мојот ум беше чувството на страв: границите беа линии на одбрана од нашите непријатели, соседите, каде што можеше да се загине. Тогаш не знаев дека едно долго историско наследство на страв и недоверба кое ги раздвојувало луѓето на Балканот не само географски туку и емоционално остави лузна врз мојот ум. Како што растев, учев и за другите емоционални граници кои ги мачат срцата и умовите на народите на Балканот: омразата, нетолеранцијата, предрасудите, супремацијата... Тоа се границите на нашите умови кои ги предизвикаа последните балкански војни во поранешна Југославија на крајот од дваесеттиот век, и кои се во коренот на многу наши недоразбирања и конфликти денес.

После завршувањето на Студената војна, овие емоции ги потпалија малигните национализми кои ги предизвикаа најголемите убивања во Европа од крајот на Втората светска војна. Парадоксално, демократските системи кои беа воведени по падот на еднопартиските диктатури, беа едни од причините на војните. Имено, демократијата, во својата најдлабока суштина е состојба на умот на луѓето, па така во нашиот балкански случај, демократијата даде легитимитет на политика која што извираше од умови загадени со историја на омраза, нетолеранција,предрасуди и супремација. За да се преведат овие емоции во малигни форми на современ национализам, потребни беа политичари си слични умови, спремни да ги рзбрануваат овие негативни емоции, создавајќи националистички бранови кои ќе ги понесат кон позиции на моќ. Но, за да останат таму, почнаа една опасна игра со своите народи. Имено, во умовите на сите балкански нации, без ниту еден исклучок, постојат две географски карти со две различни граници. Првата е современата, наречена политичка карта на државата. Најчесто таа не се сака, бидејќи нејзината намалена димензија ги симболизира неправдите кои историјата ги сторила на нацијата. Втората е историската карта која некогаш тајно а некогаш јавно се воспева.

Овој судир на граници во нашите умови не е единствениот доказ за нанесената неправда врз “нас” од страна на “нив” во регион каде што границите не ги следат етничките линии туку сечат преку нив. Вториот е дека достоинството на малцинството не се поддржува од страна на мнозинството. Тоа е така затоа што само луѓе со достоинство, ослободени од страв, омраза,нетолеранција, предрасуди и супремација, можат да го бранат достоинството на други. Но, патувањето преку овие граници на нашите умови е споро и тешко затоа што сите ние носиме тежок идентитетски товар. Би сакале да ги одложиме мечевите и да го оставиме зад себе Хобсовиот свет на конфликт и да зачекориме во Кантовиот свет на соработка и транснационални врски што поврзуваат поединци, а сепак, не сме сигурни во намерите на нашите соседи од друга националност. Оттаму ги вложуваме сите наши сили во создавањето на идентитетот , процес на себеповрзување со други поединци или групи преку споделување цели и вредности кои почиваат врз заедничко историско искуство. Меѓутоа, овој процес на “создавање на себе” нужно се одвива преку дистинкција со други. Значи, националните идентитети имаат свои надворешни “други” кои на Балканот секогаш се доживуваат како заканувачки други. Секоја нација на Балканот, каде што до скоро границите на државите и на нациите, па дури и самите нации, на картите биле издлабени со меч и со оган, ќе ви рече дека историјата и сторила неправда. Парадоксално е но секоја од нив ја зборува вистината. Такво е искуството на Балканот, регион лоциран во турбулентен дел на Европа, во кој судбината делела тешки удари на секоја нација, создавајќи кај нивните народи чувство на жртви на историјата. Ваквите чувства се толку силни што во психата на народите “заканувачките други” се поголема преокупација од цели какви што се мир, прогрес и просперитет.

Односите помеѓу Република Грција и Република Македонија се таков случај. После насилното распаѓање на Југословенската федерација во 1991, Грција се соочи со фактот дека ќе мора да живее со независна Словенска Македонска држава на својата Северна граница. Грчката држава не беше во состојба, во тоа време, пред осумнаесет години, да го прифати постоењето на посебен македонски национален идентитет, а уште помалку на ист таков идентитет како малцинство во Грција. Бидејќи Грците веруваа дека македонското име е дел од нивното историско наследство и дека не треба да се употребува за да идентификува друга нација, на новиот Македонски идентитет се гледаше како на нешто премногу заканувачко за чувствата за Грчкост и премногу заканувачко за кохезијата на Грчкиот национален идентитет. Овие чувства беа толку силни што на новата Македонска држава се гледаше како на закана по грчката национална безбедност, што резултираше со соодветна политика: на домашен фронт се разбрануваа националистичките емоции; на меѓународен фронт се наметна разорно економско ембарго на границите и дипломатска војна и се објави на новата држава.

Ова имаше како меѓународни така и домашни последици за новата балканска држава. На меѓународен план, заради противењето на грчката држава, Македонија, единствената република која што ја оствари својата независност преку еден правен процес на мирољубиво самоопределување и која што заедно со Словенија доби позитивно мислење за независност и признавање од други држави од Арбитражната комисија на ЕУ, беше симната од потенцијално брзиот пат кон Унијата и вратен назад на балканските патишта. На домашен фронт, Грчкиот национализам и зададе страотен удар на либералната мисла во Македонија отворајќи ги вратите за националистичка интерпретација на нејзината историја и идентитет. Како што знаете, националистите гледаат на нациите како на “етничко чисти човечки ракети”кои патуваат од длабочините на историјата до нашите денешни времиња, не грижејќи се многу за брановите на историјата кои поместувале граници и народи, а уште помалку за фактот дека модерните нации се скорешен производ на човековата историја.

Меѓутоа, овие историски симплификации го претворија конфликтот во гротескна расправија помеѓу античките Грци и античките Македонци. Таквите симплификации ги комплицираат односите помеѓу двете држави бидејќи како да сугерираат дека постојат неразрешени територијални прашања. Конфликтот, на кој луѓето однадвор можеби гледаат како на скеч на Монти Пајтон во кој групи од една страна носат транспаренти на кои е испишано “Македонија е грчка” а оние од другата страна транспаренти со географската карта на историска Македонија, станува сериозна пречка за стабилноста, прогресот и благосостојбата на Македонија но и на регионот на Европа и на транс-атлантскиот сојуз во целина.

Таканареченото “прашање за името” денес е во ќорсокак. Дозволете да ви објаснам зошто она што на почетокот беше барање за дистинкција во името на новата држава и грчката провинција Македонија, сега продолжува со барања за дефиниција на македонскиот идентитет. Инсистирајќи на географска дистинкција, како Северна Македонија, грчкиот национализам, парадоксално, ја поддржува позицијата на македонскиот национализам кој зборува за поделена татковина. Оттаму, преговорите не можат да завршат туку мораат да продожат во насока на дефинирање на нацијата и на јазикот. Меѓутоа, ова е нешто на што ќе се спротистават политичките водачи во Македонија бидејќи идентитетот, високоемотивно прашање кое што обединува, може и да го разбие општеството. До кога вака? Можеби до моментот додека не разбереме дека дебатираме непостоечко прашање затоа што не постои проблем на идентитет меѓу нашите две нации: имаме различен јазик и различно историско наследство. Сепак, пред ова да се случи, прво ќе треба да ги преминеме границите на нашите умови.

Во меѓувреме, независно од нашите недоразбирања, мораме да живееме заедно со сите наши граници вклучувајќи ја и територијалната која, спречувајќи трговија и контакти меѓу луѓе, е анахронизам на денешна Европа. Привилегирани сме што живееме на континент на кој западно-европските држави, учејќи ги лекциите од војните, создадоа, пред шеесеттина години, еден мировен план наречен Европска Унија. Под воениот чадор на Соединетите американски држави и со нивна финансиска поддршка во годините на Студената војна, Западна Европа создаде наднационална структура која ги надминува границите и нациите, поттикнувајќи го слободниот проток на транснационални односи. Суштината на меѓународната политика во Европската Унија не е повеќе конфликтот помеѓу државите, туку транснационалните врски кои поврзуваат поединци. Денес и ние стануваме дел од тој ист мировен план. Се разбира, Европската Унија не е замена за државите туку нивно продолжение, па оттаму ние како суверени држави мораме да ги разрешиме нашите разлики и така да го дадеме својот придонес кон стабилноста на Европа.

Доколку сакаме да и се придружиме на заедницата на демократски држави кои не војуваат меѓусебе, ние на Балканот мораме да ги разоружаме нашите умови. За да го сториме тоа, политичарите мораат да ги поведат своите народи преку границите на страв, омраза, нетолеранција, предрасуди и супремација коишто го вообликувале карактерот на луѓето низ вековите. “Карактерот е судбина”, деновиве прочитав цитат од Хераклит во “Њујорк тајмс”. Под цитатот имаше едноставен коментар на читател кој напишал:”Карактерот на една нација не е само карактерот на нејзините граѓани туку е вообликуван од нејзините водачи”. Зошто недостасува водство кое што би го вообличило новиот карактер на нациите на Балканот? Па, заради границите на нашите умови. Имено, таквото водство бара од политичарите да му се спротистават на јавното мислење ризикувајќи да бидат наречени предавници, а бидејќи политичарите сакаат да бидат херои и да победат на избори, побезбедно е, експлоатирајќи ги стравовите на луѓето, да имаат непријатели врз кои би ја префрлиле вината. Некој на крајот од поемата на Константин Кавакас, слушајќи ги гласниците кои дојавале од границите за да ги информираат уплашените луѓе во градот, дека нема повеќе варвари, со жалење мрмори:”Штета, тие беа некакво решение”. Никогаш не сум размислувал кој би можел да биде тој човек. Сега сум сигурен: тој бил политичар.

Франц Фанон, познатиот историчар, напишал:”Секоја генерација мора, од својата релативна анонимност, да ја открие својата мисија, да ја исполни или да ја изневери”.Мисијата денес, не само на мојата генерација, туку и на вашата генерација, е да ги пречекори овие граници на страв, на омраза, на нетолеранција, на предрасуди и на супремација на Балканот. Значи, нашата заедничка мисија не е ништо помалку од менување на текот на Балканската историја, која досега е една бескрајна нарација на настани кои, преку конфликти и војни, ни зборувала дека треба да се плашиме едни од други. Ние имаме друга Балканска приказна за раскажување: приказна за народи со достоинство кои го почитуваат достоинството на другите.