Демократските стандарди наспроти суверените права; Природата на меѓународната управа на Косово
Абстракт:
И по четири години од воената интервенција на НАТО, конечниот статус на Косово сe уште не е решен. Иако официјално е дел од исчезнатата Сојузна Република Југославија, неодамна прекрстена во Сојуз на државите на Србија и Црна Гора, од 1999 година тоа де факто e протекторат на Обединетите нации во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.
Косово не е ниту држава, ниту дел од некоја европска структура. Официјалната основа за одржување на статус кво-то е мислењето дека за решавање на државниот идентитет на Косово се потребни демократизација и градење на институции. Постигнат е некаков политички прогрес: три избори, два општински и едни парламентарни избори, се одржани од 2000 година како дел од напорите на “меѓународната заедница” за демократизација. А ОН и КФОР успеаја, во голема мера, да го запрат етничкото насилство во Косово. Српското малцинство, кое живее во разбиени енклави, сe уште има потреба од заштита на КФОР. Но, криминалот во голема мера е намален, а оваа година нема податоци ниту за едно убиство од етнички побуди.1
Никој не одрекува дека отсуството на правни структури било, и сe уште е, голем проблем на Косово. Воспоставениот судски систем е во зародок, а Владата и Парламентот не се покажаа ефикасни, особено во борбата против криминалот и распространетата корупција. “Недостигот на демократија”, меѓутоа, е само дел од причината зошто “меѓународната заедница”, во основа Обединетите нации и Европската унија, одбива да се занимава со идниот статус на Косово. Ако истиот аргумент се примени за Источен Тимор, каде што политичките, социјалните и економските услови беа далеку полоши, тогаш тој никогаш немаше да добие независност. Неизречените геополитички интереси овде се поважни: имено, стравот од потенцијално прелевање на последиците врз Сојузот на државите Србија и Црна Гора, врз Македонија и Босна, ако на Косово му се даде независност.
Обвинението дека Привремената администрација за Косово на ОН (УНМИК), е всушност неоколонијална структура,, во никој случај не е измислено. И покрај присуството на институционални структури со претседател, влада и парламент, во кои доминира албанското мнозинство, Косово го управуваат Обединетите нации и НАТО. Штајнер ја има целосната контрола, со моќ за вето, додека Претседателот Ибрахим Ругова е повеќе симболичен, а Владата, на чело со Премиерот Бајрам Реџепи, и Парламентот се целосно подредени на авторитетот на ОН. Албанското политичко раководство зборува на јазикот на “меѓународната заедница” и е на линија на нејзината “демократизација.” Но, за нив не постои друго конечно решение освен независност.
Целта на оваа статија е да се проговори за лошиот однос меѓу глобалното и локалното на Косово, една симбиоза која е во опасност да се дезинтегрира и која нема јасни идеи околу конечната станица на процесот на демократизација. Освен нерешениот конечен статус, постојат и други значајни прашања кон кои се нема енергичен пристап, како што е територијалниот интегритет на Косово, неговите перспективи за економска способност и неговиот однос со Европа. Албанското мнозинство никогаш нема да прифати некој вид федералистичко решение со вклучување на Србија, било во форма на држава водена од Србија или на еден повампирен југословенски модел заснован врз политичка автономија во рамките на српско-црногорската федерација. Сегашната агенда на ОН, во која се поттикнуваат демократските вредности наместо институциите, или, според омилената фраза на Штајнер, “стандардите пред статусот”, досега не наиде на сериозно противставување од страна на албанската политичка елита. Но, овде ќе расправаме за тоа дека со de facto механизмот за одложување на тешките прашања врзани за финалниот статус, постои ризик од назадување на работите во однос на меѓународното присуство на Косово.
Природата на меѓународното присуство на Косово
Моментално има околу 50.000 “меѓународници” на Косово како дел од мировната мисија, вклучувајќи 30.000 припадници на КФОР. Се смета дека контингентот на КФОР ќе биде намален за околу половина оваа година.2 Во неговиот состав има припадници од сите 19 земји-членки на НАТО и на околу 20 земји кои не се членки на НАТО. Огромната машинерија на УНМИК на Косово ја водеа три специјални претставници на ОН од 1999 година: Бернар Кушнер, Ханс Хакерап и Михаел Штајнер. Основната задача на Кушнер беше да воспостави политичка контрола и безбедност на Косово, да започне економска реконструкција и да направи подготовки за можното локално учество во Владата. Во февруари 2000 година УНМИК воспостави Заедничка привремена административна структура со цел да им обезбеди на косоварите квази-владини одговорности. Во 2001 година Хакеруп воспостави Уставна рамка со која се дефинираа привремените владини институции како замена за Заедничката привремена административна структура, првиот чекор кон самоуправа, отворајќи го патот за општите избори и успеа да ја убеди албанската политичка елита да му даде на српското малцинство минимум 10 места во Парламентот од вкупно 120, без разлика на нивниот фактички број или учеството на гласачите, како и уште други 10 места на другите малцинства (Роми, Ашкали, Еѓипќани, Бошњаци, Турци и Горанци). Една квота од 30% беше оставена за жените, еден голем прогресивен чекор во смисла на патријархалните традиции на Косово, каде што жените имаа минимално политичко влијание. Како што рече еден албански интелектуалец: “Хакеруп ја заврши валканата работа. Него генерално не го сакаа, но тој ја направи потребната работа со тоа што им даде право на Србите на глас.”3 Иако Уставната рамка беше чекор кон самоопределување, УНМИК всушност ја задржа целосната политичка контрола на Косово.4 Штајнер постигна две цели во пролетта 2002 година: воспостави “мултиетнички” кабинет со 10 министри и успеа Ибрахим Ругова, симбол на ненасилничкиот отпор против српското владеење, да биде избран за Претседател. Во март 2003 година Штајнер исто така вети дека ќе им даде повеќе моќ, особено во стопанството, здравството и јавните услуги, на локалните политички структури. Но специјалниот претставник на Генералниот секретар на ОН ќе ја задржи целосната власт врз безбедноста, правните работи, малцинските заедници и надворешните работи. Накратко, овај потег на пренесување на моќта нема вистинска содржина.
Штајнер, исто така, стави голем акцент врз враќањето на српските бегалци, што се совпаѓа со филозофијата за спречување на возвратното етничко чистење. Во практиката, оваа агенда ја затемнуваат неколку пречки. Прво, не постои верна статистика во врска со раселените косовски Срби. Се спомнуваат бројки од 150.000 до 350.000, а најчесто се зборува за бројката од 200.000. Меѓутоа, погрешно е да се вклучат овде оние Срби коишто Слободан Милошевиќ ги доведе од Хрватска и Босна на почетокот на граѓанските војни во средината на 1990-тите години. Тие Срби немаат врски со Косово и нивниот прилив резултираше со поголема дискриминација против косовските Албанци, како што беше одземање на имотите и отпуштање од работа. Косовските Срби покажаа мала подготвеност за интегрирање во општество во кое доминираа Албанци. Општинските избори од октомври 2002 година во основа го потврдија нивното одбивање да земат учество во политичкиот процес; на големо незадоволство на УНМИК и Штајнер, тие ги бојкотираа изборите во некои места и нивното појавување, генерално, беше многу слабо.5 Пред изборите, Штајнер директно апелираше кај оние Срби кои живееја во области каде што Албанците беа во мнозинство со ветување дека ќе добијат поголемо влијание во општинската власт преку еден механизам наречен “децентрализација.” Но, по изборите, тој во основа ја одложи идејата, велејќи дека “Србите сами си ја пресекоа ногата” со тоа што не учествуваа на изборите.6 Одбивањето на Србите да ги прифатат новите реалности на Косово, во голема мера можат да бидат објаснети со надворешните фактори. Српската влада има голема моќ врз косовските Срби и тврди дека ги застапува нивните интереси. Ова значи дека Белград беше во позиција да ги манипулира, повеќе или помалку отворено, во политичката сфера. Само во помалите заедници, каде што тензиите беа намалени, на пример во Гњилане, локалните Срби сакаат да се дистанцираат од Српската влада. За нив губење на време е да се занимаваат со опструктивна политика, бидејќи веруваат дека Белград веќе никогаш нема да диктира со настаните на Косово.
Потпирајќи се на своите тесни врски со германската политичка елита, Штајнер, во некои области, беше ефикасен во привлекувањето финансиски средства за решавање на секојдневните економски проблеми на Косово. Но неговата мисија, во основа, се состои во зачувување на статус квото. Она што тој го нарекува “логичка потреба”, “стандарди пред статус”, може да се сумира со неговата сопствена реторика: мултиетничко, демократско Косово на пат кон членство во интегрирана Европа. Се разбира дека ова е еуфемистички израз, благо речено. Не се работи за прашањето на мнозинското владеење и самоопределување. Исто така се пренебрегнува круцијалното прашање дали Косово ќе стане држава и дали ќе биде независно ако и кога ќе бидат постигнати овие “стандарди”, во форма на осум генерално срочени демократски нивелирани знаци. Додека Карл Билт, поранешен висок комесар на ОН за Босна, предупреди, во една влијателна статија во International Herald Tribune во летото на 2002 година, дека одложувањето на прашањето за конечниот статус би можело да доведе до нестабилност, 7 Штајнер одговори дека “за конечниот статус на Косово не може сериозно да се зборува сe додека неговите институции, стопанството и политичката култура не еволуираат така што да може само да си се управува без значајна надворешна поддршка или мешање.” Тој беше уште помалку јасен во врска со конечниот статус: статусот нема да биде “она што беше пред интервенцијата на НАТО” и нема да биде “заснован на поделба.”8
Ова повеќе звучи како правило за непреземање на акција како резултат на пошироки геополитички интереси. Се разбира, постојат многу држави кои зависат од надворешниот свет за својот опстанок или кои не ги задоволуваат оние демократски стандарди кои се бараат од косовските Албанци. Дел од причините за нерешениот статус на Косово лежи во тоа што Европската унија страхува дека ако Косово добие независност, тоа би можело политички да го дестабилизира целиот регион: би можело, на пример, да се обноват барањата во Црна Гора за одвојување од новосоздадените уставни врски со Србија; би можел да се загрози мировниот договор постигнат со помош на Европската унија во Македонија во 2001 година, а би можело да се поттикат барањата за територијални ревизии во Босна.9
Наголемо се зборува дека Клинтоновата администрација на албанските политички лидери на Косово им дала гаранции за американска поддршка за независност во 1999 година. Според неуспешниот Договор од Рамбуе од февруари 1999 година, кој му претходеше на бомбардирањето на НАТО и кој беше ратификуван само од претставниците на косовските Албанци, требаше да се одржи референдум за идниот статус на Косово во текот на следните три години. Приватно, американски функционери тврдат дека ја поддржуваат независноста на Косово, додека официјалниот став е да се поддржи пристапот “статусот пред стандардите.” Тие исто така многу ја критикуваат Европската унија, велејќи дека неактивноста на ЕУ е мотивирана од нејзините сопствени интереси: т.е., потребата да се ограничи бројот на европските држави кои во иднина ќе ? се приклучат на ЕУ. Накратко, се вели, ЕУ е против малите држави; таа сака да промовира федерации на држави на Балканот, какви што се Србија и Црна Гора.10 Вистина е дека таа беше инструментална во присилувањето на Србија и Црна Гора да се согласат за Државниот сојуз на Србија и Црна Гора, кој стапи во сила во февруари 2003 година. Тоа не е ниту конфедерација (српскиот став) ниту лабава федерација (црногорската желба), туку нешто помеѓу. Со договорот, името “Југославија” беше оставено на историјата. Србија и Црна Гора ќе имаат заедничка надворешна и одбранбена политика, но ќе имаат одвоени економии, пари и царина. Републиките исто така имаат едно заедничко место во ОН и се подготвуваат да се приклучат кон Советот на Европа. Страхувајќи дека евентуалното отцепување на Црна Гора може да ги охрабри сецесионистите во Косово, во Македонија и во Република Српска, ЕУ енергично се противстави на независноста на Црна Гора.
Кога се работи за природата на меѓународното владеење и иднината на Косово, американските и европските раководители нудат различни перспективи. Иако американскиот дел од меѓународната помош која се дава за економската реконструкција на Косово изнесува 15%, американското политичко присуство на Косово е многу силно. На почетокот на Косовската војна, американската војска ја изгради воздушната база Бондстил& која се смета за најголема американска база изградена надвор од САД по Виетнамската војна. Има околу 5.000 американски војници во базата Бондстил од каде што Американците, меѓу другото, водат извиднички мисии надвор од Косово. Во едно интервју еден американски функционер потврди, што без сомнение е точно, дека само еден поглед на базата би го убедил секого дека Американците се на долги патеки на Косово.11
Американците имаат огромно влијание врз косовското албанско раководство, во согласност со нивното високо котирање на Косово како резултат на нивната инструментална улога при воената интервенција на НАТО. Меѓутоа, и покрај тоа што ги критикуваат заложбите на ЕУ за федералистичко решение, и самите Американци не презедоа никаква иницијатива за прашањето на конечниот статус.12 Како што забележавме, Бушовата администрација го поддржа ставот на ЕУ за градење институции пред да се донесе одлука за иднината на Косово.13Освен што се свесни за географската положба на Косово во Европа, Американците исто така се многу свесни за водечката улога на ЕУ во економската реконструкција на Косово.
Но, какви ќе бидат последиците од можното геополитичко прелевање ако на Косово му се даде независен статус? Се разбира дека ова е најголемата загриженост на ЕУ. Да се изедначат реалностите на Косово со оние во Македонија или Босна би било погрешно. Имајќи го предвид големото албанско малцинство во Македонија, идните настани на Косово несомнено ќе имаат влијание врз македонската внатрешна политичка ситуација. Но македонските обвиненија против албанскиот иредентизам, идејата за Голема Албанија, не се поткрепени. Не постојат индикации дека косовските Албанци имаат такви претензии; за нив, Косово е повеќе од интегрален географски термин. Многу познат е фактот дека косовските Албанци сакаат да имаат пријателски односи со Албанците од Албанија, со кои имаат заеднички јазик. Сепак, постојат длабоки културни разлики меѓу Косово и Албанија, а мал број косовски Албанци ја посетиле Албанија.14 За време на Косовската војна, косовските бегалци беа шокирани кога ги видоа социјалните услови и сиромаштијата во Албанија.15Што е уште поважно, нема знаци дека Албанската влада има иредентистички или експанзионистички планови. Повеќе се работи за претерување кога се зборува за Голема Албанија кое служи како политичко средство против можните потези на Западот за давање независност на Косово.
Погрешно е да се споредуваат и да се изедначуваат Босна и Косово. Оваа тенденција се покажа во Косовската војна: САД и поголемите европски сили мислеа дека неколкудневно бомбардирање ќе ги натера Србите да дојдат на преговарачка маса, каков што беше случајот со Босна. Слободан Милошевиќ имаше поголем влог во Косово: тој ја започна својата политичка кариера како водач на српската Комунистичка партија, со тоа што на Косово му го одзеде правото на самоопределување во 1989 година, со него управуваше, помалку или повеќе, како со колонија во текот на една деценија, и покани Срби, многу од нив од Босна и Хрватска, да се населат во Косово како противтежа на помногубројните Албанци. Населението на Босна било секогаш помешано отколку населението на Косово, каде што Албанците престатвуваат големо мнозинство веќе подолго време. Наместо играта на аналогии на Балканот, многу е поубедливо да се користат аргументите за решавање на косовскиот проблем со неговото вистинско име, а не Косово да биде заложник на една поширока регионална агенда.
Внатрешен план: играње демократизација
Нема поголеми промени во политиката на Косово од првите општински избори во 2000 година. ОЕБС го надгледуваше изборниот процес и ги напиша изборните правила. Во моментот, три албански партии го исполнуваат политичкиот простор, Демократската лига на Косово, на чело со Претседателот Ибрахим Ругова, Партијата на демократско Косово (ПДК), под раководство на Хашим Тачи, и Сојузот за иднината на Косово (која е многу помала), под раководство на Рамуш Харадинај, иако на изборите учествуваа повеќе од 20 партии и сојузи. Србите беа застапени со една повеќепартиска листа, со коалицијата Повратак(“Враќање”) на косовските избори, која се растури на последните општински избори во 2002 година. По големо натегање и притисок од страна на Штајнер, се формира коалициона влада на чело со Премиерот Бајрам Реџепи (ПДК) во пролетта на 2002 година, со претставници од најголемите албански партии, вклучувајќи и едно портфолио за српското малцинство (земјоделство).
Во овој момент е прерано да се суди за нејзината работа. Не постојат поголеми идеолошки поделби во рамките на Владата, иако некои министри љубоморно го чуваат својот ресор.16 Некои министри, со право, се изложени на критики поради нивната неефикасност, а Парламентот бавно донесува закони. Генерално, политичките партии се залагаат за западните идеи за слободен пазарен капитализам и социјална одговорност. Но нивниот дневен ред беше, и ќе биде, најоптоварен со нивното барање за независност. Една неодамнешна сугестија на Тачи за “замрзнување” на прашањето за конечниот статус или за ставање “мораториум” врз него беше причина за големо изненадување. Мотивот е нејасен: тој сигурно не го променил својот став за идната независност на Косово. Но тој тврди дека поради разликите меѓу Албанците и Србите околу тоа како треба да се решава ова прашање, би било подобро, во оваа фаза, фокусот да се стави врз градењето на структурите потребни за демократско Косово. Се очекуваше енергичното одбивање на овој став од страна на Ругова и Харадинај, кој беше исто така критикуван од многу Албанци. Отпрвин, Штајнер ја поздрави иницијативата на Тачи, што значи дека и тој имал замешано прсти во овој потег, но се чини дека сега се дистанцира од него од страв да не биде заплеткан во внатрешната политика на Косово. Треба да се види дали овој најнов развој има вистинско политичко значење, за што постои сомневање, или пак претставува само еден обид за да се пристапи кон прашањето за конечниот статус на поинаков начин.
Одзивот на гласачите непрестајно опаѓа од првите избори; во 2000 година одзивот изнесуваше 79%; во 2001 година 65%, а во 2002 само 54%.17 Овој тренд делумно се објаснува со замореноста на гласачите; покрај тоа, најверојатно гласачите не мислат дека нивните претставници се ефикасни во надминувањето на нивните економски и социјални потреби. Ова не претставува само проблем за локалните политички партии; “меѓународната заедница” исто така е изложена на критики. Иако УНМИК и Штајнер се обидоа да ја префрлат одговорноста за управување со Косово на рамениците на локалните политичари, малку е веројатно дека во тоа ќе успеат. Најверојатно, локалните политичари ќе го обвинат УНМИК за недостиг на прогрес во врска со многу економски прашања и во врска со идниот статус на Косово. Ако раководствата на трите најголеми албански партии ги поддржат ваквите ставови, лесно, и бргу, би можеле да се поткопаат легитимноста и авторитетот на УНМИК и КФОР кај косовските Албанци.
Пред Косовската војна, Ругова и Демократската лига на Косово ја губеа подршката поради вооруженото востание на УЧК. Партијата ја загуби контролата во многу општини по воената интервенција на НАТО. Но таа стекна доволно услови за да извојува решителна победа на општинските избори во октомври 2000 година. Ова најмногу се должи на симболичниот непрекинат апел на Ругова и на брзото дистанцирање од главниот наследник на УЧК, Демократската партија на Косово. Лигата за Демократија на Косово доби 58% од гласовите на општинските избори во 2000 година, а победи и на општите избори на Косово во ноември 2001 година со 48% од гласовите.18 Причина за воскреснувањето на Лигата за демократија на Косово беше очигледното незадоволство со начинот на кој УЧК стекнуваше политички и економски позиции (честопати со насилство) по војната.19 Сигурно е дека Лигата за демократија на Косово загуби повеќе од 10% од својата поддршка на општите избори на Косово поради својата неактивност и недостиг на видлив економски прогрес. На општинските избори од октомври 2002 година си го задржа местото на најголема партија без никакви поголеми добивки. “Империјалното претседателство” на Ругова, неговата толеранција за корупцијата (на пример, во Приштинската општина) и неговата наклонетост кон луксуз, најверојатно ја намалија неговата популарност. Многу образовани Албанци на него гледаат само како на фигура.20 Што е уште позначајно, неговиот амбивалентен став спрема вооружената борба против српската управа на Косово на крајот на 1990-тите беше исполнета со политичка одговорност. А неговата позиција како Претседател на Косово е главно церемонијална, без вистинска моќ или авторитет, иако тој ја користи за да има контрола врз Лигата за демократија на Косово.
Хашим Тачи, поранешен шеф на УЧК и “премиер” на самопрогласената привремена влада на Косово, е вториот најзначаен политичар на Косово. Во 2000 година неговата Партија го промени името во ПДК и до појавата на други лидери на УЧК на политичката сцена се чинеше дека Партијата е единствениот наследник на УЧК; ужива огромна поддршка кај браниците на УЧК. Партијата беше во доминантна позиција по војната, со централна улога во Заедничката привремена административна структура, со Тачи како еден од тројцата албански политички челници. Но Партијата ја загуби поддршката откако се виде дека ја злоупотребува својата моќ. На општинските и на општите избори, ПДК беше на второ место со 26% од гласовите, а ЛДК на прво со 27%. На изборите од октомври 2002 година Партијата доби малку повеќе гласови. Солидните изборни резултати на ПДК можат да се објаснат со нејзината кампања за поддршка на граѓанска влада и за коегзистенција на разните политички сили.
Поради неговото милитаристичко минато, Тачи не можеше да биде избран за премиер во пролетта 2002 година. Наместо него, местото го зазеде малку познатиот лекар од Митровица, Бајрам Реџепи, поранешен член на ЛДК, кој премина кај ПДК по војната. Реџепи беше привремен градоначалник на Митровица сe додека ЛДК не ја презеде контролата врз градот на општинските избори од октомври 2000 година. Тој ужива поддршка кај Албанците, како и кај клучните играчи од
“меѓународната заедница”, какви што се Штајнер и претставниците на САД и на Европската унија.21 Се смета за прагматист и за подготвен за соработка со ОН, но тој исто така докажа дека не е марионета. И покрај тоа, наследството на УЧК останува како проблем. Косовскиот заштитен корпус (КЗК), агенција на граѓанска подготвеност за итни услуги, беше формиран со цел во него да се вклучат разоружените поранешни борци на УЧК по војната; оваа агенција дава обука за возвраќање, а истовремено изведува хуманитарни проекти низ цело Косово, како што е хуманитарна работа во врска со земјотрес на Косово. Демобилизацијата на УЧК во голема мера беше успешна, иако УНМИК планира во иднина да го намали обемот на КЗК. За многумина Албанци КЗК е срцето на идната армија, која ќе биде или независна, или, како што предложи Премиерот на Косово, под контрола на НАТО.22 Но таквите планови не ги одобруваат меѓународните организации кои дејствуваат на Косово. Вистина е дека постои голема неподготвеност КЗК да се вклучи во некои воени проекти поради неговите корени во УЧК.
Пред иницијативата за “мораториум” на Тачи, расчистувањето на прашањето за државност беше од огромно значење за Владата. Реџепи рече дека не треба да се брза со независноста, но јасно стави до знаење дека е тоа единствената алтернатива. Тој верува, со право, дека САД повеќе се залагаат за независност отколку Европската унија, и вели дека се работи за воспоставување на двегодишна или тригодишна рамка за целосен суверенитет.23 Меѓутоа, ЕУ не покажа подготвеност за разговор за таква можност. Бушовата администрација беше првата влада која го покани Реџепи во Вашингтон откако тој стана премиер; тој се сретна со Државниот секретар Колин Пауел и со други функционери, иако овие состаноци не беа одржани под строг дипломатски протокол. Тој исто така отиде во Германија, каде што се сретна со Министерот за надворешни работи Јошка Фишер и со други германски дипломати. Според ова, “меѓународната заедница” полека, но невпечатливо, му дава на Реџепи легитимитет, иако на овие состаноци не им беше даден голем публицитет.
Позицијата на Партијата на Рамуш Харадинај, Сојузот за иднината на Косово (ААК), е многу послаба од онаа на ЛДК и ПДК. Партијата е основана во 2000 година како политичка машина на Харадинај и на други поранешни елементи на УЧК кои не беа задоволни со Тачи. Сојузот има силна база во домот на Харадинај во западно Косово, но немаше време политички да се наметне на општинските избори во 2000 година, кога доби само 8% од гласовите. За жал на Харадинај, неговата Партија не помина подобро ни на општите избори на Косово, така што слабите позиции на Партијата ги натераа некои цврсти, радикални елементи, да ја напуштат. Тој не помина подобро и на општинските избори од октомври 2002 година. Од еден поранешен командант на УЧК, кој, во својата автобиографија, графички пишува за својата улога во вооруженото востание против Србите во 1990-тите години, тој се претвори во политичар со западен стил, со сите познати надворешни обележја. Тој е многу претпазлив и дипломат кога зборува за улогата на “меѓународната заедница” на Косово и е наклонет кон “агендата за демократизација”. Но, како и други косовски албански политичари, и тој се сосредоточува на конечниот статус.24
Начинот на кој “меѓународната заедница” на Косово излегува на крај со албанските политичари е полн со противречности. Претставници на КФОР и ОЕБС често ги критикуваат Ругова и ЛДК; тие го обвинуваат Претседателот за блокирање на напорите за промовирање на демократијата и транспарентноста во рамките на ЛДК, со цел да се зачува автократската контрола врз Партијата. На ЛДК се гледа како на стагнантна и како на остаток од комунистичкото југословенско минато, поради нејзината хронична неподготвеност да се соочи со новите политички реалности. Тачи, а особено Харадинај, се проектираат во многу попозитивна светлина.25 Но Тачи и Харадинај не се универзално прифатени од “меѓународната заедница”. Може да се очекува големо назадување ако се вистински гласовите дека Меѓународниот суд за воени злосторства за поранешна Југославија во Хаг размислува да поднесе пријава против Харадинај, па дури и против Тачи. Некои официјални лица од КФОР енергично изјавија дека и двајцата треба да бидат обвинети за воени злосторства.26 Штајнер признава дека нивното апсење би можело да предизвика големи проблеми, но вели дека во тој случај Меѓународниот суд за воени злосторства секако треба да има докази пред да донесе таква одлука.27
Нема никакво сомневање дека нивното апсење би предизвикало внатрешна политичка експлозија; досега, главните политички партии се воздржуваа од придружување кон демонстрациите во Приштина во 2002&2003 против апсењето на поранешни членови на УЧК (дури иако ПДК и ААК велат дека овие апсења се политички мотивирани). Постои огромна веројатност дека Тачи и Харадинај би ги мобиилзирале своите приврзеници кога би биле екстрадирани во Хаг. Тие сепак имаат поддршка најмалку од 35% од електоратот. Со други зборови, дилемата со која се соочува “меѓународната заедница” е следнава: иако лидерите на УЧК се легитимизираат на локално ниво, опцијата за нивното криминализирање на меѓународно ниво останува отворена. Можна е поголема политичка нестабилност на Косово и сериозно внатрешно назадување спрема ОН и КФОР.
Предизвикот за територијалниот интегритет на Косово
САД и Европската унија ги отфрлија сите идеи за поделба на Косово, оставајќи го северно Косово под српска контрола и доделувајќи му независност на големото мнозинство Албанци во останатиот дел од Косово. Штајнер секогаш истакнува дека поделбата е надвор од секакво прашање.28 Сепак, Косово беше поделено повеќе од три години, или до крајот на ноември 2002 година: Митровица во северно Косово беше поделен град, каде што Србите го контролираа северниот дел и имаа директна политичка и економска поддршка од Српската влада.29 И покрај ветувањата дека поделбата ќе заврши и дека ОН ќе воспостават контрола во Митровица, УНМИК не се ангажира пред да се договори со Српската влада. Но факт е дека освен воспоставувањето на канцеларија на ОН, во Митровица малку работи се променија. Српската влада сe уште има вистинска контрола врз Северна Митровица, како и врз српските енклави на Косово. Што е уште поиронично, ЕУ и западните земји индиректно го поддржуваат овој договор.30 Српската влада издвојува пари од државната каса (70% од кои ги финансира Западот) за Србите во Митровица и на тој начин им обезбедува финансиска помош и ги покрива нивните трошоци за електрична енергија и др.
И покрај забелешките на Штајнер, некои функционери на ОЕБС веруваат дека сe ќе биде ставено на маса кога ќе се реши конечниот статус, вклучувајќи ја и поделбата.31 Јасно беше дека цел на Српската влада е поделба е кога Милошевиќ почна со протерување на косовските Албанци во текот на раната фаза на Косовската војна, особено од области близу до границата со Србија. Српски владини функционери постојано го изнесуваат ставот дека поделбата е посакуваното решение за Косово.32 За Србите, целта е да се воспостави српска контрола врз северните делови на Косово за да се подготви Косово за евентуална поделба.33 Небојша Ќовиќ, шеф на белградскиот “Координативен центар за Косово и Метохија”, рече дека Белград е подготвен да го прифати формирањето на “ентитети” на Косово според моделот од Босна и Херцеговина.34 Ќовиќ, исто така, навести дека ако Србите не можат да живеат меѓу Албанците, тие ќе треба да живеат до нив, што е правило за сегрегација. Сите разговори околу можната поделба се обид за формирање на конечното решение.
Статусот на Митровица не е единствениот пример за неуспех од страна на УНМИК и КФОР за обезбедување на територијалниот интегритет на Косово. “Меѓународната заедница” не ги спречи Србија и Македонија унилатерално да решат да ја променат косовско-македонската граница, оставајќи делови земја, кои отсекогаш биле дел од Косово, во македонски раце. Функционери на УНМИК и КФОР признаваат дека ова било грешка35, но не ја изменија одлуката. Освен фактот дека повеќето конфликти се однесуваат на гранични спорови, неактивноста на “меѓународната заедница” го урна својот углед по прашањето за територијален интегритет.
Економската состојба на Косово и односите со Европа
За време на постоењето на Југославија, многу мала сума пари се инвестираше во индустријата и во инфраструктурата на Косово; поголем дел од инвестициите одеа за изградба на станови и за развој на земјоделството. Во 1990-тите, главната економска активност се одвиваше во “сивата област” на економијата, а нивото на странските инвестиции беше, и сe уште е, крајно ограничено. Пред воената интервенција на НАТО, клучните индустрии беа затворени на Косово, вклучувајќи го рударството, металургијата и соодветните производствени капацитети. Секторот за изградба стана најсилниот економски сектор по војната. Аграрниот сектор е подобрен, но сe уште не го достигна нивото од пред војната.36 Подземната економија е очигледно голем фактор во денешно Косово. Организираниот криминал се сосредоточува на производи какви што се нафтата и цигарите, а шверцот и трговијата со луѓе се меѓу најпрофитабилните бизниси. Регистрирани се 1.400 бензиски пумпи на Косово, иако се оценува дека и покрај порастот на бројот на приватни автомобили, вистинската потреба е само 250. Нема сомнение дека мафијата е вклучена во бизнисот со нафтата, а постојат сомневања дека клучни политичари, како Тачи, добиваат помош од матните нафтени интереси.37 Постојат малку прецизни податоци за нивото на трговијата со жени, но има докази дека таквата активност е пример за координирана активност на етничките Срби и Албанци, каков што е случајот и со другиот организиран криминал. Присуството на голема “меѓународна заедница” исто така придонесе за зголемениот број бордели кои се вклучени во трговијата со луѓе. 38Навистина, се оценува дека “меѓународниците” претставуваат околу 30% од клиентелата која ги посетува борделите.
Инфраструктурата на Косово, генерално, е во многу лоша положба, а реконструкцијата на патиштата не е приоритетна работа во урбаните центри каков што е Приштина. ЕУ обезбедува, како што забележавме, голема економска помош за Косово, со Европската агенција за реконструкција која ги финансира и изведува програмите за реконструкција и развој, како и со столбот на ЕУ, УНМИК, кој е задолжен за развивање на економските активности со создавање услови за пазарна економија и со надзор врз репарациите за воените штети.39 Но Косово е во целост зависно од меѓународните донатори. На една донаторска конференција од крајот на 2002 година беа ветени 500 милиони евра во текот на следните три години за економски развој на Косово. Имајќи го предвид големото намалување на економската помош од страна на ЕУ во следните неколку години (иако ова нема веднаш да се почувствува, бидејќи програмите за реконструкција за кои порано беа доделени средства нема да бидат довршени), оваа дополнителна поддршка ќе го намали економскиот товар. Но, останува фактот дека економската ситуација е лоша, без конкретни економски можности при рака. Во моментот, невработеноста изнесува околу 60%.40
Кога се зборува за иднината на Косово, за нејзина предност се смета младата популација која е под големо културно влијание на Западот. На Косово има највисока стапка на раѓање во Европа, а 60% од населението е помладо од 24 години. Но, за да напредува малото стопанство, потребни се подобри структурални услови. Како прво, недостигот на електрична енергија е една од поголемите пречки на Косово за позначаен економски развој. Три години по војната, косоварите сe уште се сведоци на недостиг на струја по неколку часови дневно. Освен социјалните импликации од ваквите исклучувања, нормално е дека тоа ќе има штетни последици по плановите за привлекување на странски инвестиции на Косово. “Меѓународната заедница” беше пребавна во давањето одговор на она што може да се нарече криза.41 Програмата за приватизација под спонзорство на ОН исто така оди бавно.42 Еден нов механизам, Косовската агенција за доверба, беше формално создаден во летото на 2002 година за да врши надзор врз приватизацијата на неколу стотици поранешни “државни компании.” Агенцијата за доверба, меѓутоа, сe уште се наоѓа на почетокот на својот трнлив пат. Само 20-30 “државни компании” од неколкуте стотици се очекуваат да бидат ликвидни.43
Она што создава економска дилема поради зачувувањето на државниот статус кво е дека во Косово нема да влезе вистински приватен капитал ако сопственоста не биде целосно загарантирана. При недостиг на кредити или поголеми приватни инвестиции, Косово беше приморано целосно да се потпира врз меѓународната помош, како и врз помошта од вработените во странство или од локалните даноци, што, во еден подолг период, нема да му овозможат да застане на сопствените нозе. Накусо, Косово ризикува да стане зависно од донаторите. Без државност, не може да позајмува пари однадвор (Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд), ниту пак да привлече поголем дел од иселеничките пари од странство, особено од големата албанска иселеничка заедница во Швајцарија, САД и Германија.
Во септември 2001, во печатот се пушти вест за еден таен предлог од страна на германскиот Министер за надворешни работи Јошка Фишер за создавање на структурални врски меѓу повеќе балкански држави и “поддржавни ентитети”, од една, и Европската унија, од друга страна. Идејата на Фишер, меѓу другото, беше да се развие регионалната соработка со создавање на “ЕЕА II”, еден втор договор за Европската економска област според моделот на првиот за кој преговараа Исланд, Норвешка и Лихтенштајн со Европската унија во 1993 година. Ова беше очигледен обид за создавање на нешто поефикасно од Пактот за стабилност за Југоисточна Европа, кој очигледно не успеа да ги исполни ветувањата. Но ова беше исто така еден оригинален начин за разбивање на институционалниот ќор-сокак во кој се најде Европскиот интеграционен процесс на Балканот. Нереално е ЕУ да очекува дека Договорот за стабилизација и асоцијација ќе биде потпишан со новата држава на Србија и Црна Гора. Што треба да се направи со протекторатите какви што се Косово или Босна, за кои се очекува дека ќе го стават во сила законодавството на ЕУ? Можеби еден ЕЕА II би можел да послужи како мост, бидејќи можноста за полноправно членство во ЕУ на тие држави и поддржави е далеку. Ако Бугарија и Романија не можат да очекуваат придружување кон ЕУ пред 2007 година, Босна, Хрватска и Косово ќе треба да почекаат уште подолго време. Без оглед што може да излезе од оваа идеја, која ја отфрлија повеќето балкански лидери како многу исклучителна, ЕУ треба да изгради структурални врски со Косово ако таму сака политички и економски развој.
Заклучок
И покрај успехот на “меѓународната заедница” во обезбедувањето мир на Косово, постојат области каде што е направен мал или никаков прогрес. Во овој напис се тврди дека клучната слабост во сегашниот пристап “стандарди пред статус” е во тоа што тој го маргинализира прашањето што ќе стане со Косово кога ќе бидат постигнати “демократските стандарди”. И покрај тоа што косовските Албанци го прифатија политичкиот речник на “меѓународната заедница” и учествуваа во изборниот процес, тие се соединети околу идејата за независност и очекуваат да ја постигнат таа цел во период од две до три години. ОН се обиде да го стави товарот на владината одговорност врз Косовската влада и Парламентот. Но, и покрај реториката како “транспарентност”, “одговорност”, “одржливост” и “малцински права”, факт е дека со Косово не управуваат избраните претставници туку ОН и НАТО, со тоа што дневниот ред го составуваат Европската унија и САД. Кога локалните политичари нема да успеат да ги исполнат своите изборни ветувања, тие најверојатно ќе ја обвинуваат “меѓународната заедница” за непостигнување прогрес по многу економски и социјални прашања.
Јасно е дека не постојат лесни одговори за косовското прашање. Воената интервенција на НАТО во 1999 година не доби овластување од Советот за безбедност на ОН. Рускиот фактор има помала улога сега отколку пред три години. Сепак, “меѓународната заедница” не беше во состојба и не беше подготвена да преземе одлучна акција по прашањето за идниот статус на Косово. Се разбира, една од причините е дека тие не сакаат да генерираат политичка нестабилност, имајќи ги предвид другите приоритети на својата надворешна политика, какви што се Ирак и Авганистан. Во исто време, не постои сомневање дека САД и Европската унија му приоѓаат на косовскиот проблем на различен начин, иако се обидуваат да презентираат заеднички фронт во јавноста.44Оттаму, акцентот на овој најнизок заеднички деноминатор, градење на институции на Косово, всушност е во функција на одложување на прашањето на државниот статус.
Јасно е, меѓутоа, дека Американците се помалку подготвени за федерални решенија отколку Европејците; тие исто така имаат проблеми со Европската заложба за вклучување на Србија во Косовското прашање, и покрај тоа што заедно со Европејците ја споделуваат потребата за нагласување на малцинските права (делумно за да го одбијат ударот на повратно етничко чистење). Освен што се плашат од регионални реперкусии во случај да се решава иднината на Косово, Европејците сметаат на интеграција на Балканот во ЕУ во една подоцнежна фаза. За ЕУ, според тоа, статус кво-то е подобра опција во моментов; тоа нема да ја дестабилизира Србија и сојузот со Црна Гора. Проблемот е што Албанците никогаш нема да сакаат да живеат под српска управа, ниту во форма на широка автономија ниту поинаку. Можноста за наметната институционална идентификација со Србија не е отфрлена од страна на УНМИК или ЕУ со надеж за српско-албанско помирување и демократизирана Србија. Но, треба енергично да се каже дека секој од овие планови има малку шанси за успех и дека тие лесно можат да завршат во рацете на екстремистите од двете страни.
Нерешениот државен статус исто така наметнува значајни прашања околу можностите за “одржлив економски развој” на Косово. Малку е веројатно дека странските инвеститори ќе го стават својот влог во Косово ако прашањето околу правата на сопственост не е докрај разјаснето. УНМИК постави камен-темелник на својата политика на Косово со прашањето врзано за враќањето на бегалците. Реинтеграцијата на внатрешно раселените Срби (многу од нив живеат во лоши услови во Србија) служи во хуманитарни цели, а планот е заснован врз добра мисла. Штајнер јасно даде до знаење дека тој го користи враќањето на бегалците како аргумент за обезбедување на повеќе пари за Косово од странство. Секако дека ова е политички исправна стратегија, но не е реална. Искуството во Хрватска и Босна покажува дека само една мала група Срби ќе се врати на Косово (најмногу околу 10%). Сеќавањето за српскиот деспотизам и злосторствата пред интервенцијата на НАТО сe уште се свежи во главите на косовските Албанци. “Меѓународната заедница” не треба да очекува дека етничкото помирување ќе се случи во скоро време. Се разбира, процесот на меѓународните принципи засновани врз идејата дека враќањето на бегалците треба да биде доброволно, безбедно и сигурно, треба да се има предвид. Но УНМИК премногу се концентрира на бројки и намалени ризици.45 Што е уште поважно, постојат сите индикации дека косовските Срби не се помирија со принципот на владеењето на мнозинството и очекуваат да ја задржат својата хегемонија на Косово. И, на крајот, Белград ги користи косовските Срби како пиони во своето барање да има влијание врз косовското прашање. Српското однесување во Косовскиот парламент одѕвонува од мислењата на Српската влада и нејзините планови за поделба.
Доказ дека “меѓународната заедница” не беше во состојба да го зачува територијалниот интегритет на Косово е длабоко вкоренетата “култура на заштитна сила”; ова не се однесува само на тешко вооружениот состав на КФОР, туку и на работата на меѓународните полициски сили на Косово. Меѓутоа, ривалството во работата на “меѓународниците” на Косово е многу нерамноправно; меѓународните полицајци често доаѓаат од места каде што не постојат домашни традиции (Непал и Зимбабве ми доаѓаат на ум) и нивната цел е да бидат подалеку од секаков ризик за време на нивниот шестмесечен престој. Формирањето на Косовските полициски сили е позитивен знак, но досега тие имаат добиено многу малку одговорност. Многуте невладини организации на Косово го почнаа процесот на доделување проекти на странски компании на локални невладини организации. Но тие честопати љубоморно ги чуваат своите овластувања и се натпреваруваат со други меѓународни невладини организации за работа којашто треба да им се остави на локални групи. Една друга причина за незадоволство од меѓународната управа е тоа што “меѓународниците” се имуни на прогон на Косово (има повеќе примери на злосторства направени од меѓународници кои останале неказнети). Овој двоен стандард, се разбира, им испраќа погрешна порака на косоварите, чиј законодавен систем допрва треба да биде формулиран.
Еден од главните услови поставени до албанското раководство е дека треба да започнат дијалог со Белград за решавање на билатералните прашања. Ова, се подразбира, е значајна цел. Досега, Штајнер ја заобиколувал Косовската влада кога со Српската влада расправал за важни прашања какво што е враќањето на бегалците. Повторно се враќаме на прашањето за власта и легитимноста. Во овој напис се поставува аргументот дека статус кво-то не е гаранција за стабилност. “Меѓународната заедница” и локалното албанско раководство се ангажирани во еден процес, една тешка симбиоза - под знамето на демократизација. На површината се појавува прашањето за инструментализирање на универзалните норми и вредности на Косово. Тоа подразбира градење на институции (демократски структури) и однесување (однос спрема човековите права). Тоа подразбира споделување на одговорности и, што не е помалку значајно, ризици за решавање на локални проблеми со употреба на војници и полициски сили од разни држави-членки на ОН, меѓународни и локални невладини организации и локално население; тоа исто така подразбира користење на разликите во напорите за европеизација на Балканот. Она што недостасува е разговор за опцијата за самоопределување во форма на државен суверенитет. Дури ни државност без суверенитет, еден вид тајванизација, не е на дневниот ред на “меѓународната заедница” на Косово. Идејата за демократски обележја без цврст дневен ред нема кередибилитет. За бездржавниците, овие услови се голем проблем. Косоварите се идентификуваат со неодамна исчезнатата, а секогаш фиктивна, Сојузна Република Југославија заедно со Србите и Црногорците, па дури и ако Косово стане протекторат на ОН. Линијата меѓу меѓународната администрација врз една територија и неоколонијализмот е тенка, особено кога Косово ризикува да биде зависно од донатори. Но уште поважна е неизвесноста околу отвореното завршување на мандатот на “меѓународната заедница” на Косово, што само по себе е дестабилизирачко и на локално и на регионално ниво.
Превод од англиски на македонски: Зора Бакалинова
Фусноти
1 Информацијата е добиена од Косовската полициска служба, 22 април 2003.
2 Питер Фелстед: “КФОР би можел да биде преполовен оваа година”, Jane’s Defence Weekly, 27 јануари 2003.
3 Интервју со Шкелзен Малиќи, 11 јули 2002.
4 Документ: Уставна рамка за привремена самоуправа, УНМИК, 15 мај 2001.
5 Коментар на Штајнер за печатот, 30 окт. 2002. http://www.unmikonline.org/.
6 Истото.
7 Види The International Herald Tribune, 10 јули 2002.
8 Михаел Штајнер: “Првин најважните работи: чекор по чекор на Косово”, The International Herald Tribune,24 јули 2002.
9 Интервју со анонимен функционер на ЕУ во Косово, 14 јули 2002.
10 Интервју со анонимен американски дипломат на Косово, 10 јули 2002.
11 Интервју со анонимен американски дипломат на Косово, 10 јули 2002.
12 Интервју со Рамуш Харадинај, водач на ААК, 12 јули 2002.
13 Цитирано од Дана Х. Алин: “Балканските интервенции на НАТО”, Adelphi Paper 347 (International Institute for Strategic Studies: London, 2002), стр. 73.
14 Интервју со анонимен албански интелектуалец, 15 август 2002.
15 Интервју со анонимен албански бегалец, 25 јули 2002.
16 Интервјуа со локални и меѓународни претставници на Косово, 18 јули, 20 септ. 2002.
17 Види ја веб-страницата на ОЕБС: http://osce.org/kosovo.
18 Види ја веб страницата на ОЕБС: http://www.osce.org/kosovo.
19 Види Ветон Сурои: “Ehrgeizige Ziele, Unrealistische Erwartungen,” Internationale Politik, 3, 56 (март 2001).
20 Интервјуа со анонимни албански интелектуалци, 10, 12 и 14 јули.
21 Интервјуа со анонимни американски и европски функционери на Косово, 10 и 11 јули 2002.
22 Интервју со Бајрам Реџепи, Премиер на Косово, 12 јули 2002.
23 Истото.
24 Интервју со Рамуш Харадинај, 12 јули 2002.
25 Интервју со анонимен американски дипломат на Косово, 10 јули 2002.
26 Интервју со анонимен висок функционер на КФОР, 18 јули 2002.
27 Интервју со Михаел Штајнер, специјалниот претставник на Ген. сек. на ОН, 18 јули 2002.
28 Интервју со Михаел Штајнер, 18 јули 2002.
29 Во моментот Митровица има население од 100.000. Северно од реката Ибар има 12.000 Срби (5.000 внатрешно раселени, 3.000 Албанци, 2.000 Бошњаци, 600 Турци и 500 Роми). Јужно од Ибар останаа помалку од 20 Срби; речиси сите 300 српски семејства кои живееја таму пред 1999 година, се преселија на север. Пред конфликтот, половина од населението на север беше албанско, но околу 9.000 од овие поранешни жители сега се раселени во јужна Митровица или на други места на Косово. Невработеноста е голема. Види: ОЕБС: “Mitrovica Municipal Profile,” avgust 2001. Vidi: Me|unarodna krizna grupa: “UNMIK’s Kosovo Albatross: Tackling Division in Mitrovica,” Balkans Report No. 131 (Приштина, Белград, Брисел: 2002), стр. 2, http://www.intl-crisis-group.org/.
30 Меѓународна кризна група: “UNMIK’s Kosovo Albatross: Tackling Division in Mitrovica,” види фуснота 34, стр. 7.
31 Интервју со Каролин МкКул, шеф на Канцеларијата на ОЕБС за демократизација на Косово, 12 јули 2002.
32 Меѓународна кризна група: “UNMIK’s Kosovo Albatros: Tackling Diovision in Mitrovica,” види фуснота 34, стр. 6.
33 Истото.
34 Истото, стр. 7.
35 Интервју со анонимен висок функционер на КФОР, 18 јули 2002.
36 “Human Rights Report on Kosovo” in State Department Country Report on Human Rights Practices, 2002. Американската канцеларија во Приштина, http://usofficepristina.usia. Co.at/hrkos.1.
37 Интервју со двајца анонимни функционери на КФОР, 29 јули 2002.
38 “Human Rights Report on Kosovo” in State Department Country Report on Human Rights Practices, 2002. Американската канцеларија во Приштина http://usofficepristina.usia. Co.at/hrkos.1
39 Види “Kosovo, the European Contribution,” http://europa.eu.int/comm/external_relations/see/frv/kosovo/index.htm.
40 Михаел Штајнер: “Најпрвин главните работи: чекор по чекор на Косово”, The International Herald Tribune, 24 јули 2002.
41 Интервју со анонимен функционер на КФОР кој работи за ОН, 29 јули 2002.
42 Истото.
43 Интервју со Михаел Штајнер, 18 јули 2002.
44 Интервју со албански владин функционер, 5 ноември 2002.
45 Види: Меѓународна кризна група: “Return to Uncertainty: Kosovo’s Internally Displaced and The Return Process,” 13 декември 2003, стр. 2. http://www.intl_crisis-group.org/.