ДО КАДЕ ДОСЕГНУВА СМЕНАТА НА МИЛОШЕВИЌ
Оваа година политичките околности на Југоисточна Европа драматично се сменија. Умре Туѓман, сменет е Милошевиќ и се повлече Изетбеговиќ. Тие три имиња суштински и симболички ја претставуваат сложеноста и свирепоста на собитијата кои ја разурнаа Босна и Херцеговина во последните десет години. Сепак, најдраматична е смената на Милошевиќ. Со неа се зафаќа во центарот на сложената појава која предизвика страдања и разорувања што тешко ја разбираат и најпесимистичките аналитичари. Смената е проследена со видлива радост и оптимистички предвидувања. Ниту едното, ниту пак другото не се потпира на разборитоста којашто ја бара замрсенато босанскохерцеговско трауматско искуство. До таа промена светот беше против Србија, а сега сака да биде со неа. Каков развој на политичките, економските и културните прилики во Босна и Херцеговина може да биде поттикнат со промената во Србија? Постојат ли зафати или пак разгледувања, врз чијашто основа сегашната босанскохерцеговска држава би можела да се потпре при градењето на ставот спрема тие нови околности? Кои се можните учесници во договарањето со наследниците на Милошевиќ?
1. [Врати се]
Треба да се нагласи дека војната против Босна и Херцеговина беше судир на три етно-политички авторитарни режими. Тие беа произведени во динамиката на присилно наметнат редослед: големосрпски, големохрватски и бошњачки. Сите тие беа противбосански. Првите два, бидејќи се суштински спротивставени на светското единство на различноста, а бошњачкиот им се придружи од збунетост и очај.
Милошевиќ го градеше својот авторитарен режим врз неизбежните процеси на преобликување на Југославија. Промените во земјата, кои беа неопходни со оглед на истрошеноста на нејзините кохезивни структури и потреси во Европа, елитата на Милошевиќ ги насочи кон проектот за воспоставување голема Србија на териториите кои во дамнешни национални програми беа замислени како српски . Тоа значеше дека, наместо одржување и хармонизирање на односите во сложени општества на тоа подрачје, требаше да се изгради хомогена нација-држава на територии кои историски, културно и етнички се повеќеслојни. Од тоа произлезе грабеж и злоупотребување на сите расположливи организациски форми на Југославија со цел да се оформи цврста структура елита-идеологија-организација со Милошевиќ на нејзиниот врв. Најефикасниот начин да се придобијат апсолутно лојални извршители беше поттикнувањето на што поголем број луѓе на злочини против оние кои како други го населуваа хипотетичниот простор на зададената национална држава. Со тоа беа разорени сите облици на доверба и поврзаност меѓу етничките заедници, за да биде спроведено етнизирање на териториите или територијално групирање на етничките групи. Со оглед на сложените прилики на целото подрачје, Милошевиќ бргу го придоби Туѓман како свој стратегиски партнер. Туѓман ја воведе големохрватската идеологија и сите расположливи организациски можности во тој однос. Тие двајца, според таа програма, се стремеа дефинитивно да го решат прашањето за разграничување меѓу сите Срби и сите Хрвати; тие како татковци на нацијата, би ги вовеле нив во единствената нација-држава за која порано можело само да се сонува. Меѓутоа, основна пречка за тоа беше постоењето на босанско-херцеговското општество и неговата држава. Според тоа, усогласена цел на обајцата стана разорувањето, како на тоа општество, така и на таа држава. Како што тоа денес е секому очевидно, разорувањето се спроведуваше со сите расположливи средства. Едно од нив беше сведувањето на босанско-херцеговската држава на три компоненти-српска, хрватска и муслиманска- но, конечно, срж на севкупното регионално прашање останаа Муслиманите. На таа зла стратегија Изетбеговиќ, за жал, не знаеше да се спротивстави. Така, во најтешките моменти на војната против Босна и Херцеговина беа наметнати редукционизам, двоумења и лаги. А тие битно придонесоа за слабеењето и пропаѓањето на босанско-херцеговските општествени и државни содржини.
Со смртта на Туѓман и со промената на хрватската државна политика Милошевиќ го загуби најважниот регионален партнер. Само преку целосна политичка и воена соработка со Туѓман, Милошевиќ можеше во 1993 година да им го упати следниов повик на босанските Срби, на кои претходно им вети пропаст на нивната земја и воспоставување на некоја поинаква, според неговата визија: Србија поднесе огромни жртви за да ви помогне да ја сочувате слободата и рамноправноста и да ја остварите Република Српска. Не е чесно Србија и цела Југославија да чекаат на симнување на санкциите сега кога тоа е остварено. Ако сте вие, после се, заслепени до таа мера со некои себични и лични интерес и ако не ви е доволно што е остварена Република Српска на половината од босанско-херцеговската територија и што на таа основа се нуди мир, тогаш сте на најдобар пат, одбивајќи го мирот, да извршите злостор против сопствениот народ. Меѓутоа, последицата од оствареното е 2.111.000 прогонети, 269 810 убиени и разорена и опустошена земја. Замислата за територијално групирање на етничките посебности, ветувана и спроведувана како национален интерес, произведе, на крајот, најголеми загуби, токму заради политиката на се она што е остварено (Милошевиќ).
2. [Врати се]
Ветувањата што Милошевиќ ги даваше од Газиместан и ги спроведуваше со сите расположливи средства се покажаа лажни. Но овде не се работи за ветувања и лаги кои произведуваат забава и радост. Трауматските удари што ги задаваа Милошевиќ и Туѓман, преку потчинетите и задвижените државни структури, можат да се сведат во опсежна листа злочини за чие процесирање и пресудување не се доволни ни неколку децении. Како и да завршат судските процеси, Милошевиќ ќе биде најголемиот виновник. Тој е виновен како поединец. Затоа треба да му се суди, иако неговата вина е неспорна за сите босанско-херцеговски луѓе, живи или мртви. Но таа вина не ќе беше возможна без големосрпската идеологија и без организациите со коишто управуваше- пред се Србија и Црна Гора. И по неговото заминување Србија и Црна Гора остануваат. Заради тоа е нужно да се разберат, да се признаат и да се артикулираат босанско-херцеговските трауми во процесот на лечење. Затоа е трајно правото на босанско-херцеговските луѓе да бараат од секоја идна власт и јавност во Србија и Црна Гора исполнување на нивниот долг спрема тој потфат. Никогаш Србија и Црна Гора нема да бидат ослободени од таа одговорност, како што Германија е одговорна за холокаустот. Секоја босанско-херцеговска политика ќе има такво право спрема Србија и Црна Гора, а секоја српска и црногорска ќе има долгови кои одговараат на тоа право. Таа политичка и морална одговорност државата никогаш не ќе може да ја исклучи зашто тоа би значело согласност таа да се сведе на поединци- злосторници. Затоа тврдењето на Ивица Рачан, изнесено пред неговата посета на Босна и Херцеговина, е спротивно на она што би требало да се гради како облик на праведни односи во Југоисточна Европа: Зад таа војна не стоеше официјално хрватската држава, туку поголем дел на политичките структури со своите амбиции и тврдењадека не е можна самостојна и целосна Босна и Херцеговина. Дел од тие, тогаш владеачки структури, е соодговорен за избивањето на меѓусебниот судир. И тоа е историски факт. Не сум приврзеник на државна одговорност зашто хрватската држава тогаш, за среќа, беше нешто пошироко во однос на политичката структура околу Туѓман. Веројатно и овој текст е дел од цитатот! Зарем со тоа не е понуден модел и за одвојување на официјалната српска држава од делот на политичките структури? И не значи ли тоа дека таа држава, како и секоја друга, со тоа ќе го попречи нужното лекување од вината?
3. [Врати се]
Народот на Србија го избра Коштуница. Со тоа е искажана волјата за промени на се она што го симболизираше Милошевиќ. Волјата на народот да искаже спротивставување на Милошевиќ ги насочи гласовите кон Коштуница. Невозможно е да се процени каков е соодносот меѓу оние што не гласаа за Милошевиќ, заради тоа што тој не ги исполни ветувањата, и оние што не гласаа за него бидејќи се противеа на самите ветувања. Воислав Коштуница ќе мора многу јасно да се определи и спрема едното и спрема другото. И повеќе од тоа. Негова е обврската бргу да го одреди својот став кон последиците кои произлегоа од званичната државна политика на Југославија и тоа пред се во однос на Босна и Херцеговина. Таа земја е сега е во длабока агонија и политичка блокада. Виновник за тоа е Милошевиќ, но не како приватна личност. Босна и Херцеговина е доведена во таква состојба со неговото дејствување од функцијата што ја заземаше во Србија и во Југославија. Тоа го правеше, исто како и Туѓман, од позиција на најодговорен во официјалната српска држава . Нема ниту поединец, ниту заедница во Босна и Херцеговина, кои не трпат трауми произлезени од програмата во којашто Милошевиќ е само најистакнат врв на организирањето и управувањето. Неговата замисла за сувереност на српскиот народ, која ја докажуваше преку потпирање на воена сила, произведе разорување кај српскиот народ кое тешко може да се најде низ целата историја. Така, во историјата се прибележени: директната одговорност за злосторства како што се опсадата на Сараево, концентрационите логори, убивањети и сакатењето на цели градови, меѓу кои Сребреница е само најтежок и најпознат случај.
Затоа, мерката на се што Коштуница ќе покрене во Србија е односот спрема Босна, како сега, така и во иднина. Препознатливите и грди облици на разорување можат да бидат отклонети со неговото творечко вклучување во разбирањето и во воспоставувањето нови односи во целиот регион врз основа на демократското легитимирање на власта одговорна за владеење на законот и за заштита на човековите права. Замислата за разорување на Босна и Херцеговина, заради присоединување на нејзините делови кон Србија, мора да биде заменета со сосема нов пристап: градење демократска и просперитетна Босна и Херцеговина, поврзана одвнатре со демократски установи и со човечки права, за да може да стане рамноправен партнер во соработката со соседите и со светот. А за таква цел не може да послужи ниту една од постоечките форми на разделеност на Босна и Херцеговина што произлезе од злосторничкиот проект за нејзино разорување: ниту границите произлезени од војната, ниту етничките територии создадени со војната; ниту апархејдот во школските и другите програми, ниту идеологијата на нетолеранција, ниту заштитувањето на злосторниците. Коштуница ќе му помогне на таквиот пат кон иднината на Босна и Херцеговина, којашто не е возможна без рамноправност на сите нејзини граѓани и народи, низ јасно артикулирање на таква одговорна политика на почитување и помагање на босанско-херцеговската политика како целина. Само тоа може да биде добар начин за излез на Србија од сопствената агонија. Ако се продолжи воспоставувањето делумни односи на Србија со делови на Босна и Херцеговина, тоа ќе сведочи за согласноста на Србија со онаа замисла што е во самиот корен на војната и разурнувањето на Босна и Херцеговина. А тоа значи дека смената на Милошевиќ нема да покрене процес на разложување на злосторничката пирамида: елита-идеологија-организација-извршител.
Во Босна и Херцеговина денес Коштуница нема здрави и решителни партнери . Тоа е една од последиците на разорувањето кое координирано го смислија и го водеа Србија и Хрватска против оваа земја. На босанско-херцеговските луѓе лежи одговорноста, низ демократски процес, да ја надминат оваа состојба и да артикулираат нова општествена стратегија во која ќе бидат отстранети и објаснети остатоците на режимите на Милошевиќ, Туѓман и Изетбеговиќ. А тоа значи конечна замена на авторитаризмот на тројцата водачи, кои го потчинуваа и општеството и државата, со трајни облици на владеење, во кои претседателите ќе бидат само први во државната администрација што им служи на луѓето. За тоа се потребни: одговорна и творечка политика во Србија и Хрватска , којашто ќе го замени активниот разурнувачки однос кон Босна и Херцеговина со одговорно дејствување заради отстранување на последиците на наметнатата војна, која како последици остави урнатини и збунетост. Зашто стабилизирана Босна и Херцеговина, која ќе биде свртена кон некоја похармонична иднина, е во најдобар интерес за нејзините соседи.
Односите на Србија и Хрватска спрема Босна и Херцеговина се гаранција за демократските промени во нив. Иако уништувањето на Босна и Херцеговина во тие земји беше понудено како национален интерес, времето беше сведок на нешто спротивно: обединета, постојана и демократска Босна и Херцеговина е најдобриот столб на усогласениот развој на политиката, економијата и културата во цела Југоисточна Европа. Од тој факт произлегува битен предизвик за сите луѓе што се свртени кон иднината. Храброст е да се предвидува и гради доверба меѓу народите на ова подрачје. Тоа бара вистинско лекување на траумите, наместо нивно идеолошко држење под анестезија и свирепо злоупотребување во име на мегаломанските цели на авторитарните никаквеци.
____________________________________________
БИОГРАФИЈА [Врати се]
Русмир Махмутќехаиќ е професор по физика, а предава и феноменологија на светот. Беше еден од водечките босанско-херцеговски дисиденти, а од 1991 до 1993 е потпретседател на владата на БиХ. Во 1993 поднесува оставка. Сега е претседател на невладината организација Форум Босна, која ги собира водечките интелектуалци на БиХ, заради јакнење на Босна како демократска држава.
Автор е на повеќе статии и книги: “The Genocide against the Bosnian Muslims” (Sarajevo, 1991); “Živa Bosna: politički eseji i intervjui” (Ljubljana, 1994. i 1995.); “Living Bosnia: political essays & Interviews” (Ljubljana, London, 1996); “O nauku znaka” (Sarajevo, 1996); “Dobra Bosna”, (Zagreb, 1997); “Četrdeset kaligrafskih listova” (Sarajevo, 1997); “Kriva politika” (Tuzla-Sarajevo-Zagreb, 1998) i tn.