Nada POP-JORDANOVA, M.D.
Pediatric Clinic, Faculty of Medicine, Skopje

Младите и современото општество

Младите и современото општество

Живееме во време на несигурност. Во последните сто години се разнишаа многу од долготрајните традиции, особено оние во фамилијата и социјалното живеење, економскиот поредок, владејачките елементи, религиозните верувања.

Годините што изминаа изобилуваа со настани, промени, несигурности и амбивалентности на политички, образовен и на културен план. Последната, 1999 година, како завршница на дваесеттиот век, стимулираше многу сумирања на искуства, ставови, успеси/неуспеси. Поттикнати од една социолошка анкета спроведена во централната европска земја - Франција[1], направивме истражување за некои релевантни ставови и мислења на младите и во нашава земја. За споредбите да бидат пореални, запазени се истите критериуми за истражувањето: возраст помеѓу 15 - 25 години, застапеност на обата пола, случаен избор на испитаниците со водење сметка за разновидноста на социјалното и едукативното ниво.

Нашето истражување вклучи 300 испитаници од Скопје, со средна возраст 17.2 години, од обата пола, ученици, студенти и работничка младина. Анкетата беше анонимна и по писмен пат, со заокружување на одговорите. Прашалникот содржеше 12 прашања поставени на лесен стил, со понудени можни одговори. Еве ги одговорите што ги понудија нашите млади луѓе кои истовремено ќе ги споредиме со одговорите на младите од Франција.

Животот во современото општество е со поголеми товари и тешкотии отколку тој на постарите генерации. Младите на Европа се согласуваат дека општеството во кое живеат е корумпирано, со големо социјално раслојување, полно со агресивност и насилство, со протекционизам и со мала надеж за вработување, за добивање стан. Парите се основен двигател на современиот живот.

На прашањето: Како се чувствуваш во современото општество? младите од Македонија споредено со младите од Франција одговорија вака:

  Сосема добро Средно Лошо
Македонци 35% 58% 7%
Французи 20% 70% 10%

Одговорите на младите Македонци се чинат повеќе оптимистички во однос на Французите, но ова е само навидум. Понатамошните одговори укажуваат дека ваквото чувство не е конзистентно.

Прашањето кои се најсериозните проблеми со кои се соочуваат младите? е посебно интересно, а ги добивме следниве одговори:

  Македонци Французи
Безработица 70% 76%
Насилство 34% 60%
Дрога 69% 50%
Немање пари 51% 42%
СИДА 40% 40%
Алкохол 46% 20%
Немање на стан 17% 20%
Самотија 19,5% 19%

Значи, безработицата останува доминантен проблем кај младите и кај нас и во развиената Европа. Бевме изненадени што нашите млади се поисплашени од дрогата отколку француската младина. Слично мислење постои во однос на алкохолот и Сидата, трите најголеми зла на современиот живот.

Посебно важно за младата генерација е рангирањето на човечките вредности и вредносните системи. Обично велиме во секојдневието дека вредностите на младите се изменети. Еве што покажа испитувањето за најважните лични вредности на младите во Македонија, како и за младите во Франција.

Прашањето бараше да се назначи точно што има особено значајно место во животот на младиот човек, што е битно, помалку значајно или сосема незначајно.

Нашите млади на овие прашања ги дадоа следните одговори:

Следното прашање беше довербата на младите во институциите на државата.

Зачудувачки е што за младите и во двете средини сепак најбитно во животот е семејната топлина. Дури 91% од младите Македонци (82% од Французите) сметаат дека за нив најзначајно во животот е формирањето семејство. Веднаш потоа, следи како најбитна љубовта (61%), имањето работа (60%) училиштето (44,3%) итн. Она што не изненадува е фактот што за 25% од младите Македонци религијата има многу битно значење во животот, што во споредба со Французите е 2.5 пати повеќе (10%). Дали е ова резултат на вистинското верување или едноставно моден тренд е големо прашање. Во секој случај, на почетокот на 21 век, кога научно-технолошките достигнувања овозможија големи сознанија, религиското верување на младиот човек, ако не се работи само за етички норми, значи пат наназад.

Дали мислиш дека актуелното општество дава доста можности за напредок ако си од семејство без врски или без пари?

Македонци Французи
 
Да
 
Не

Младите во Македонија најмногу имаат доверба во средните училишта, релативно високо ја рангираат довербата во армијата, основните школи и здравствениот систем. За разлика од кај нас младите Французи најголема доверба имаат во здравствениот систем и основните училишта. Паѓа в очи релативно високиот процент на млади кои им укажуваат доверба на политичките партии, што за Французите скоро да нема значење. Ова зборува за политизацијата на младите во нашава држава.

Од друга страна, сигурноста која младиот човек ја чувствува во однос на сопствената иднина кај нас е катастрофално ниска. Додека 61% од младите Французи се чувствуваат сигурни за сопствената иднина, дури ? три четвртини (76%) од младите Македонци се несигурни и загрижени за сопствената иднина. Ова е индикатор и за феноменот на иселување на мозоците. Несигурни пред иднината младите бараат пат и начин да се отселат во посигурни региони. Овој резултат се совпадна со некои поранешни истражувања во МАНУ, според кои токму 75% од студентите од завршната година по енергетика и информатика планираат да работат во странство [2].

Кога мислите за сопствената иднина дали се чувствувате сигурни, или сте загрижени?

Македонци Французи
 
Сигурни
 
Загрижени

 

За непотизмот, корупцијата, врските се зборува секојдневно. Како тоа го доживуваат младите луѓе? Следното прашање е провокативно во таа смисла.

Имено, младите и во Франција и во Македонија сметаат дека можностите на сите млади не се големи ако семејството не е влијателно или ако не е богато.

Ако обичниот млад човек има минимални или никакви шанси да успее без потпора од семејството (материјална, протекција) тогаш што тие предлагаат како промена?

Дали општеството во кое живееш треба :1) да се остави какво што е, 2) радикално да се менува, 3) да има битни реформи, 4) битното да остане исто, а да се реформираат некои сегменти?

Само 3% од младите сметаат дека општеството треба да остане вакво какво што е, додека 42% предлагаат радикални промени или 37% реформи во битни сегменти на општеството. Ако се сумираат сите одговори 97% од Македонците се за промени што е за 10% повеќе од мислењата за промени во француското општество.

Заради тоа, социјалните разлики меѓу младите стануваат особено нагласени. На конкретното прашање на разликите, 91% од младите Македонци одговориле дека се јасно видливи социјалните разлики помеѓу младите луѓе, што е многу помалку видливо во француското општество.

Дали постојат социјални разлики меѓу младите?

Македонци Французи
 
Да
 
Не

 

Преку што се гледаат разликите?

 
Стан
 
Имање работа
 
Дружење
 
Образование

 

 

Разликите според младите се гледаат според изборот на пријателите, имањето постојано вработување како и преку степенот на образованието.

Дали е битно да припаѓаш на политичка партија?

На ова прашање со да одговориле 22%, додека со не 78% од младите Македонци. Во Франција скоро 81% од младите воопшто не се занимаваат со политика.

Политичкото ангажирање и интересирање кај младите не е многу високо, но сепак како постојни феномен загрижува. Можеби овој процент е добиен заради фактот што анкетава е спроведувана за време на претседателските избори како и изборите на раководството на студентите, но сепак, останува како факт дека нашите млади се повеќе инволвирани во дневната политика отколку младите од Франција.

Што ти нуди образовниот систем?

Македонци Французи

Да научиш многу 28% 91%

Да добиеш општа култура 35% 82%

Да научиш занает 37% 75%

За младиот човек од развиениот систем, школото обезбедува знаење, добивање на општа култура, но и професионален кредибилитет. Кај нашите млади профитот од школувањето е зачудувачки низок. Образовниот систем не им обезбедува ниту знаење, ниту култура а многу малку спремност за конкретен занает.

Дали самиот избра што ќе учиш/работиш?

Македонци Французи

88% да 85% да

12% не 15% не

Изборот на занимањето, како што се гледа, е главно лична иницијатива; малку се оние млади што типот на училиштето или професијата го избираат по сугестија на родителите.

Сумирано, младите во современото македонско општество се чувствуваат несигурно, многу се загрижени за сопствената иднина и го чувствуваат социјалното раслојување. Тие сметаат дека без врски и материјална потпора од фамилијата немаат речиси никакви шанси да се снајдат во општеството: да добијат вработување, стан и сл. Сметаат дека тоа е резултат од дефицитарноста на школскиот систем, кој не им обезбедува ниту доволно знаење, ниту општа култура, ниту пак професионален кредибилитет, иако главно самите тие избираат што ќе учат/студираат. За нив, безработицата е најголемиот проблем кој бара решавање, но не многу помалку е значаен проблемот со дрогата, алкохолот и СИДА-та кај младите.

Фамилијата, имањето работа и љубовта се најбитни вредности во животот на современиот млад човек. Немајќи сигурност и доверба во општествените институции, тие предлагаат битни реформи на системот, а немоќни самите да ги реализираат стануваат политизирани (барем вербално) и бегаат во религијата. Треба особено да се нагласи дека истражувањето е изведено на примерок кој го сочинуваат млади кои учат или студираат. Резултатите би биле најверојатно уште подрастични ако анкетата се вршеше на младите кои се без работа или оние кои не се ангажирани во едукативен процес.

Заради овие факти, нашето општество споредено со Франција, ако има цел да обезбеди стабилност, сигурност, просперитет, како основна задача која треба да ја реши е да најде начин за битни промени во системот кои би ги ублажиле проблемите на младите луѓе кои остануваат движечка сила и иднината на една држава.

Препораки кои се наметнуваат од ова истражување би биле:

-промена на образовниот систем во смисла обезбедување на вистинско знаење, професионализам и општа култура;

-обезбедување работа врз основа на вистински мерила, а не со помош на непотизам и корупција;

-намалување на социјалните разлики меѓу младите луѓе што индиректно би го намалило предизвикот од консумирање дрога, алкохол, никотин како стрес-редуцирачки супстанции;

-битни реформи во општествениот систем би обезбедиле постабилна држава, со што младите би останувале дома, не би барале излез во други држави. Со други зборови, феноменот на одлив на мозоците би се минимизирал така што интелектуалниот кадар би останувал за користење во сопствената држава.

Благодарност: За големата помош во изведувањето на анкетата и должам голема благодарност на Татјана Зорчец, дипломиран психолог, од Клиниката за детски болести.

Референци:

[1] Les valeure et les attentes se 15-24 ans, Sofres, FSU, Paris, 1999; aussi Gurrey B. et Subtil M.P Les jeunes critiquent la societe mais ne souhaitent pas la boulverser, le Monde, 21-22 Nov. 1999

[2] Pop-Jordanov J., Markovska N., Brain drainin energy and informatics,, Enciclopedia Moderna, 1993, 4: 308-313

[3] МАНУ: Национална стратегија за економскиот развој на Р. Македонија, развој и модернизација, Скопје, 1997: 20-21; 30-31; 163-170.