Војната и пацифизмот
Кон книгата „Поранешните балкански војни (1912-1913)“, како Извештај на меѓународната Карнегиева балканска комисија, преведено од англиски јазик, изд. Култура, Скопје, 2000
Пацифизмот е изум на посовремената епоха. Порано мислеле дека природна потреба на луѓето е да водат војни, односно дека нивна незаобиколна должност е да ги убиваат другите. Тоа досега не е сосема совладано во човековата природа, но луѓето сепак почнуваат да бараат начини како ќе ги совладаат грдотиите на војната, измислувајќи правила на војувањето и создавајќи тела кои ќе се трудат да ги смират страстите и недоразбирањата меѓу народите, чии политики, како што вели дефиницијата на Клаузевиц, водат до војна ако своите цели не можат да ги постигнат по политички пат. Следната стапка беше раѓањето на идејата на пацифизмот, која сака да ги увери луѓето дека не треба да бидат воинствени и дека војната никако не треба да се користи како метод за разрешување на конфликтите.
Меѓу многуте добротворни дела кои станаа дел на размислувањето и делувањето во современата епоха - како што се Црвениот Крст, или јавните болници, или општото школување и народните библиотеки, или помошта на бедните и хендикепираните, и многу други, а денес еколошките движења - се зароди и идејата за основање на организации кои ќе помагаат во намалувањето на воените опасности или ќе ги шират пацифистичките идеи. Една од познатите такви форми е Карнегиевата фондација за мир, основана во 1910 година од најголемиот милијардер на Америка од почетокот на ХХ век Ендрју Карнеги (1835-1919), кој своето огромно богатство, здобиено со производството на челик, го делеше за изградба на јавни градби, концертни сали и библиотеки. Во тој дух тој ја основа и Фондацијата за мир, чија цел беше да ја промовира идејата на пацифизмот, а во тоа и да ја прикажува воинствената политика на разните земји и во разните региони, а во конкретни случаи да ги следи судирите и да помага во нивното осознавање, во увереност дека така ќе им помогне и на завојуваните и на другите во избегнувањето на воените судири, кои секогаш се катастрофални со последиците, и врз оние кои непосредно се бијат, и врз населението, кое страда на трасата на војната, која законито се претвора во злосторство, како и врз целото човештво, кое наместо да ја остави, и натаму ја шири воената идеја и практика како една од најтешките и најгрди форми на односите меѓу луѓето. Еден од придпнесите на ваквите ангажмани е дека денес хуманизмот почна да се идентификува со престанувањето на нетолеранцијата и на воените разврски.
Ние на Балканот и денес сме во лоша ситуација на децениски политички, меѓунационални и воени конфликти, кои никако да престанат. Силите и енергијата не се насочени кон градење, туку кон заканување и уривање, кучињата на војната постојано ги разбудуваат амбициите за да ги покажуваат своите нечовечни сили, зборовите „толеранција“ и „разбирање“ ја имаат најниската вредност, бидејќи мнозина и натаму мислат дека конфликтите и војната се најубавото нешто на светот. Во таква ситуација поимот на толеранцијата и тука стана највисоко етичко барање. Во таква ситуација, луѓето се потсетија дека пред многу децении Балканот беше поприште на една страшна војна, која ги покажа сите грди страни на војувањето. Тогаш плацдарм на операциите беа Македонија и Тракија, а злото на војната беше толку големо, што тукушто основаната Карнегиева фондација за мир испрати своја интернационална Комисија од седум респектибилни членови од разни земји да напишат извештај за она што се случило - за поука на луѓето, пред сu за ука на оние од Балканот да не живеат и да не постапуваат така.
Извештајот беше направен непосредно по Втората балканска војна, така што во Извештајот за причините и водењето на балканските војни се опфатени судирите и неморалноста на воените дејства во 1912 и во 1913 година. Непосредно потоа од Балканот започна Првата светска војна, на Балканот се водеше и Втората светска војна, во меѓувреме уште неколку воени судири и граѓански војни меѓу и во балканските земји - за новите војни кон крајот на ХХ век повторно да ги возбудат духовите на човештвото. По тој повод, од архивите е изваден стариот Извештај на Карнегиевата комисија и повторно е објавен, со предговор на Претседателот на Карнегиевата фондација за меѓународен мир Мортон Абрамовиц и со воведни зборови од прочуениот американски дипломат Џорџ Кенан - за да им посочи и на современите генерации дека веќе порано се случувале истите нешта на омраза, братско крвопролевање, крајно уништување и нечовечко однесување, и тоа токму во истиот регион и меѓу истите субјекти, односно дека еднаш треба да престанат тие деградациони тенденции и дејства и луѓето да се поучат да живеат во мир и разбирање, за своја среќа и со шанса за неповредување и напредување.
Тој прочуен Извештај на Карнегиевата балканска комисија сега е објавен под наслов „Поранешните балкански војни (1912-1913)“, а по излегувањето во Србија и во Бугарија, сега е објавен и на македонски јазик (превод Свето Серафимов и Христо Ивановски, изд. Култура, Скопје, 2000, 463 стр). Во книгата се објавени прилозите за одделните аспекти на двете балкански војни од 1912 и 1913 година, напишани од членовите на Комисијата, документацијата за настаните, како и многу табели, фотографии и друг материјал. Книгата има извонредно историско значење и за воената и политичката историја, но и за растењето на пацифистичките сознанија и методи. За Македонците ова е една автентична приказна и документација како е делена македонската територија меѓу нејзините соседи и како при тоа не е правена воздршка од ниедно политичко и воено злосторство.
Во првата глава е прикажано потеклото на Првата и на Втората балканска војна од 1912 и 1913 година, со кус историски приказ на вековното траење на конфликтите околу овие територии и со поопстојно претставување на настаните кои им претходеа на воените судири. Откако е прикажано како соседните земји, веќе ослободени од Отоманската империја, се спогодиле како да влезат во војна со Царството, проследен е текот на Првата војна, а потоа и текот на меѓусојузничката (Втора) војна околу поделбата на пленот, што заврши со мировниот договор од Букурешт на 20 септември 1913 година.
Во втората глава се претставени криминалното однесување во војната и меѓусебните злосторства меѓу Грците и Бугарите. Во третата глава истите тие аспекти меѓу Бугарите, Турците и Србите. Во четвртата глава под наслов „Војната и народите“ се прикажани завојувачките, анекторските и асимилаторските тенденции на секоја од страните, со одделен приказ на настаните во Српска Македонија и во Грчка Македонија.
Петтиот дел ја содржи анализата на политичките аспекти на војувањето и на однесувањето меѓу сојузниците со оглед на постојното меѓународно право. Претставена е непринципиелната основа на започнувањето на војната, пројавите на измама и на политички и дипломатски игри за тоа, како и ужасните форми на повредување на военото право и на меѓународните норми на хуманоста.
Во шестата глава се претставени страшните последици на овие војни врз економиите на завојуваните земји, особено во контекстот на уривачката смисла на военото дејствување врз мирното население и економската положба на народите.
Последната глава ги прикажува моралните и социјалните последици од балканските војни. Во прв план се истакнати општочовечките и етички проблеми, зашто застрвените воини и етничките омрази, сето тоа дополнето и со криминалното дејствување, демонстрираа најдолно човечко смислено и бескрајно е тормозено, пљачкосувано, убивано, силувано, обесправувано, деградирано на секакви начини. Така сликата за војните е заокружена со нивната најцрна димензија на човечката неетичност и на користењето на секое лошо средство за деморализација на населението и непријателот.
Последниот прилог во текстот се однесува на претпоставките во врска со иднината на Македонија. Според сите параметри се констатирани уништувачките резултати од војните, а се предлага однос на грижа, заштита, работа, доверба и мир, односно форми на цивилизирано живеење и однесување.
Додатоците донесуваат изворна документација за разните аспекти на нечовечно постапување во текот на војната, помеѓу војските и во однос на населението. Се зборува за безбројните злосторства сторени во тој период, за неводењето контрола за однесувањето на воените трупи и придружните нерегуларни чети, за намерното предизвикување на конфликти, за палењето и пљачкосувањето на населените места, за неразумното убивање и колење на илјадници невини жртви, за неограниченото навредување и силување, за повредувањето на достоинството на личностите и за нивното изгонување од нивниот имот и крај. Редица страшни, тажни и бедни човечки постапки, водени најчесто од регуларни војски, кои имаат и свои обврски според военото право, а суштествено поттикнати од шовинистички и бандитски пориви, кои на секоја човечка егзистенција одговарат со омраза и насилство.
Трагични настани, опишани во една трагична книга, која е страшен документ за страдањата на нашите дедовци. Судирите се поведени од соседите, со цел да се истребат меѓусебно и едните на другите да си ги уништат придобивките на животот. Но, ова е само еден од илјадниците вакви злосторнички човечки меѓусебни однесувања без разум и морал, без свест за заедништво и со уништувачка целе, без достоинство и самодостоинство. Документ на жал и срам.
По едно столетие во истиот регион повторно возникнуваат речиси истите идеи, со слични завојувачки цели, со исти асимилаторски објаснувања, со ист етничко-шовинистички занес, со уште понеобразложена аргументација, со усовршени криминални постапки, со идентична одбрана на злосторништвото, со иста грда страст по војување и убивање. Најмалку што може да се стори за да е одбранат хуманоста и духот на пацифизмот, како придобивки на човечката цивилизираност, е дека мора да престане со логиката на конфликтите, освојувањето, убивањето, уништувањето, понижувањето на личноста, за да се воспостави логиката на разумот, на заедничкиот опстанок, на прогресот и човештината.
Луѓето малку учат од советодавните книги, а уште помалку од документаристичките сведоштва. Потребно е исклучителното трагично сведоштво на меѓународната Карнегиева балканска комисија да стане темел на еден поинаков однос кон минатото и кон политичките и етичките сознанија за човечката бедотија и страдања. А уште понужно е моралот на уништувањето да го замениме со моралот на градењето, разбирањето и соработката.