(1) Доведувајќи ја оваа болна глава до крај, ние сакаме да го потсетиме читателот дека таа претставува само делумна и апстрактна слика на војната. Таа ги соединува во една продолжителна перспектива страдањата на неборечкото население во Македонија и Тракија во рацете на војските восхитени од победа, или огорчени од пораз. Да се засновува врз неа каков било морален суд, би значело да се покаже некритички и неисториски дух. Процената на моралните квалитети на балканските народи под напрегнатоста на војната мора, исто така, да ги земе предвид нивната храброст, издржливост и преданост. Ако едно поткренато национално чувство помага да се објаснат овие ексцеси, тоа исто така ја инспирира храброста што постигнува победа и цврстината што го поднесува поразот. Моралистот кој сака да ја сфати бруталноста за која сведочат овие страници мора да помисли дека сите балкански раси израснале насред турските модели на војување. Народните песни, историјата и усната традиција на Балканот, за жал, зборуваат за војната како за процес кој вклучува силување и грабеж, пустошење и масакр. Во Македонија сето тоа не е далечно сеќавање туку неодамнешно искуство. Новата и модерна црта на овие војни е таа што првпат во балканските анали е направен напор, колку и да е несовршен, од страна на некои од борците и на некои цивилни официјални личности, за почитување на европскиот идеал за хуманост. Единствената поука што ние би сакале да ја извлечеме од овие настани е таа дека војната во исклучителни услови доведува до нешто полошо одошто се нејзините нормални резултати. Крајното варварство на некои епизоди е локална околност која има свој корен во балканската историја. Но главен факт е дека војната ги суспендирала воздржувањата на цивилниот живот, ги распалила страстите кои се задре-мани во време на мир, ја уништила природната љубезност меѓу соседите и ја ставила на нејзино место волјата да се повредува. Тоа е секаде суштината на војната.(затворени наводници)
од Поранешните балкански војни 1912-1913;
Извештај на Карнегиевата балканска комисија, Култура
(2) Читателот кој ги прочитал претходните страници и го следел бескрајниот синџир на жалните настани што ги проучуваше и ги опиша Комисијата, несомнено ги открил заедничките црти што ги обединуваат балканските нации, иако е потребно да се открие дека војната ја воделе не само војските, туку и самите нации. Месното население е поделено во толку многу фрагментарни делови колку што содржи националности и тие се борат заедно, секоја сакајќи да се подметне себеси за другите. Ете зошто овие војни се толку крвави, зошто доведуваат до толку многу загуби во луѓе и завршуваат во уништување на населението и разурнување на цели региони. Повеќе пати имавме можност да покажеме дека најлошите свирепости не се должеле на ексцесите на редовната војска, ниту секогаш може да им се ставаат на товар на доброволците,башибозуците. [1] Населенијата меѓусебно се колат и се прогонуваат, со жестокост зголемена од меѓусебното познавање и старите омрази и лутини што ги одгледуваат.
Прва последица на овој факт е таа што цел на овие вооружени конфликти, отворена или прикриена, јасно замислена или неодредено чувствувана, но секогаш и секаде иста, била целосно истребување на туѓото население. Во некои случаи оваа цел се изразувала во форма на неумолива и категорична "наредба", да се убие целото машко население на окупираните области.
од Поранешните балкански војни 1912-1913;
Извештај на Карнегиевата балканска комисија, Култура
(3) Бидејќи населението на земјите што ќе бидат окупирани по традиција, инстинкт и од искуство знаело што го очекува од војските на непријателот и од соседните земји на кои им припаѓаат тие војски, тоа не го чекало нивното доаѓање туку бегало. Така, општо земено, војската на непријателот не наоѓала на својот пат ништо освен села кои биле или наполовина опустени, или сосема напуштени. За да се изврши наредбата за истребување, требало само да се запалат. Населението, предупредено од пламенот на пожарите, бегало со најголема брзина. Дошло до вистинска преселба на луѓето, зашто во Македонија, како и во Тракија, одвај дека има некое место кое не било во даден момент на линијата на маршот на една или на друга војска. Комисијата секаде се среќаваше со вториов факт. По целата должина на железницата бескрајни колони коли влечени од волови се движеа една по друга; зад нив одеа семејствата што емигрираат, а во близина на големите градови се наоѓаа многу улогорени бегалци.
од Поранешните балкански војни 1912-1913;
Извештај на Карнегиевата балканска комисија, Култура
(4) Дел од сликата што се гледа на целиот Балкан. Турците бегаат пред христијаните, Бугарите пред Грците и Турците, Грците и Турците пред Бугарите, а Албанците пред Србите; а ако емиграцијата не е толку општа како меѓу Србите и Бугарите, причината е што овие две нации, така да се рече, не се судриле на своја сопствена почва, додека таа почва посакувана од секоја од нив, имено Македонија, тие ја гледале како веќе населена со луѓе од својата сопствена раса.[2]
од Поранешните балкански војни 1912-1913;
Извештај на Карнегиевата балканска комисија, Култура
(5) Настаните опишани погоре служат за тоа да обезбедат уште повеќе потврда на една стара вистина на која вреди да потсетиме. Дека легитимното национално чувство кое инспирира акти на хероизам и извртениот и шовинистички национализам кој води кон злостор се премногу блиску поврзани состојби на колективниот ум. Можеби навистина состојбата на духот е иста, но нејзината општествена вредност варира со целта кон која е насочена. Ние ги гледаме како оправдани и легитимни, дури им се восхитуваме на делата и на манифестациите со кои националноста го брани своето постоење. Ние зборуваме постојано за "оправдана причина" на угнетените националности или за националностите кои се борат против тешкотиите за да се пронајдат себеси. Но кога истите тие националности преминуваат од одбрана во напад и наместо да го обезбедуваат своето сопствено постоење почнуваат да посегаат по постоењето на друга национална индивидуалност, тие прават нешто незаконско, дури злосторничко. Во таков случај, како што видовме, се повикува на теоријата за државните интереси и државното чувство или инстинкт. Но самата држава мора да научи да се сообразува со принципот на морална слобода на модерните националности како што се принципот на морална слобода на модерните националности како што научила да го прифаќа оној за индивидуална слобода. Не е националноста таа што треба да го жртвува своето постоење на каква било погрешна или излитена идеја за државата. Кога ќе се примени оваа здрава максима на фактите од Втората балканска војна, на човека неминовно му се наметнува заклучокот дека бидејќи Букурешкиот договор ги санкционирал нелегитимните барања на победничките националности, тој е дело на неправда кое по секоја веројатност не ќе може да му се спротивстави на дејството на времето. Зар не би било повеќе во согласност со вистинското чувство на солидарност на народите да се преправи договорот одошто да се чека да се развива и да зрее неговиот лош плод? Прашање во моментов не е нова територијална поделба, онаква каква што веројатно ќе предизвика оној нов конфликт кој целиот свет би сакал да се избегне. Меѓусебната толеранција е сè што се бара; а неа ја оправдува фактот што и повредата е меѓусебна. Збрканата заплетканост на балканскиот национализам не може да се расплетка ни со обидите за асимилација по секоја цена, ни со нова преселба. Но во случајот со македонските Словени во грчка Македонија секоја национална група има потреба од заштита од некоја соседна држава - Романците, Бугарите, Турците, Грците, дури и Србите. Начинот за да се дојде до таква заемна заштита е прилично прост - враќање на грчко-бугарските предлози така погрешно отфрлени на Букурешката конференција. Сè што е потребно, тоа е една ефикасна меѓусебна гаранција на религиозна и просветна автономија. Ако постои некаква корист во тешката поука до настаните што ги опишавме, таа мора да биде да ги доведе сојузниците од денес пред вчера, страсните противници од вчера, љубоморните и студени соседи од денес, кои солидарно утре во нивната работа за благосостојба на Балканот. Букурешкиот договор треба да се ревидира и да се комплетира во таа смисла, ако не треба да биде прекршен од некој нов каприц на историјата.
од Поранешните балкански војни 1912-1913;
Извештај на Карнегиевата балканска комисија, Култура
Фото: В.Бранѓолица, од архивата на МЦМС
Забелешки
[1] Овој израз во грдо сеќавање добивал сосема ново значење во текот на последните војни. Башибозук веќе не мора да е Турчин. Тој е доброволец. Freischarler на сите завојувани нации без разлика; бугарскиот комита, грчкиот andart; општо земено тоа е секој борец кој не носи униформа на редовен војник.
[2] Кога оваа глава отиде во печат, бугарската царица Елеонора зборуваше во Neue Freie Presse за 60.000 бегалци во Бугарија, кои немаат ни облеки, ни сместување.