Социјалната дистанца кај адолесцентите во Република Македонија

Социјалната дистанца кај адолесцентите 
во Република Македонија>

(емпириско истражување)

Апстракт: Трудот претставува сепарат од емпириско истражување на повеќе варијабли, изведено во 1997/98 година. Испитувани беа психосоцијални карактеристики (доверба во други луѓе, подготвеност за соработка, толеранција на фрустрации, етнички стереотипи, социјална дистанца, слика за себе), кај примерок од 105 адолесценти од македонско и албанско етничко потекло, пред и по примената на наменски дизајнираната едукативна програма "Почитување на разликите".

Овој текст ја третира социјалната дистанца кај испитаниците пред примена на програмата, како и промените до кои се дошло по нејзината примена.

Заклучено е дека социјалната дистанца, општо, е високо изразена во двете мерења, кај двете групи, во сите социјални ситуации. Статистички поизразена социјална дистанца покажаа испитаниците од албанско етничко потекло.

Потврдена е хипотезата дека по примената на едногодишната програма социјалната дистанца се намалува кај експерименталните групи и од македонско и од албанско потекло. Генерално, намалувањето е благо и е поизразено кај испитаниците од македонско етничко потекло.

 

ВОВЕД

врати се назад

Во услови на живеење во земја ситуирана на традиционално турбулентниот Балкан со изобилство од разновидности, каков што е случајот со Република Македонија, од витално значење е создавањето на социјална, емоционална и интелектуална клима за конструктивна комуникација и меѓусебно разбирање на луѓето. Дури и во земји што се далеку поразвиени, според степенот на економскиот и технолошкиот развиток, како и во функционирањето на демократските односи, станува неопходно да се почитуваат различните вредности на другата група или поединци.

Македонија е земја каде што на мал простор и ограничени ресурси живее етнички, религиски и лингвистички хетерогено население. Прашањето на квалитетното сожителство станува с$ поактуелно, што се чувствува во сите сфери на заедничкото живеење. Тоа особено доаѓа до израз кај младите, кои за жал, иако по природа ориентирани на комуникација и интеракција, поради прифаќањето на стереотипните и предрасудните обрасци на однесување од возрасните, комуницираат скоро исклучиво во рамките на своите групи.

Можноста за систематско влијание врз обликувањето на младата личност му дава предност на училиштето како потенцијално најсилен интегративен агенс на социјализација. За очекување е дека таму треба да се одвива воспитувањето на просоцијални облици на однесување, прифаќање и соработка и создавање на поволна клима за конструктивна комуникација. За жал, токму училиштето е место каде што се одржуваат и неретко експлицитно се поттикнуваат стереотипите и нетолерантноста.

Во психолошката наука е одамна познато дека социјалната дистанцираност во релациите помеѓу различни етнички групи е резултат на социјалните ставови, односно на етничките стереотипи. Потребата на луѓето за категоризација на појавите во средината и предвидување на последиците врз основа на минимален број индикатори, резултира со когнитивниот процес на стереотипизација. Етничките стереотипи се симплифицирано и ригидно сфаќање за карактеристиките на другите народи. Сите членови на групата се гледаат како нејзини претставници, а не како индивидуи со посебни психо-социјални карактеристики. Тие се афективно обоени и обично вклучуваат компоненти на негативно вреднување, како рационализација за хостилните чувства кон одредени групи. Тие се феномен со кој веројатно уште долго ќе се среќава светот, дури и во средини со високо развиен степен на економски и демократски односи.

Одбивањето на припадниците на другата група и стереотипизирањето по правило се резултат на недостаток на комуникација и интеракција особено кај групите со различно културно потекло. Furnham i Bochner (1986) истакнуваат дека ситуацијата дополнително се отежнува ако е различен јазикот, начините на невербална комуникација, правилата во социјалните ситуации и вештините на решавање на секојдневните проблем-ситуации. Според некои автори (De Friese & Scott Ford, 1973) дискриминацијата спрема одделни групи често претставува составен дел на супкултурата, еден вид културни норми. Тоа резултира во одржување и пренесување на стереотипите на припадниците низ генерации, при што предрасудите се прифаќаат како нешто што е точно и се подразбира. Теоријата на социјален идентитет на Tajfel (1978) вели дека сликата за себе и самопроцената делумно зависат од групите на кои им припаѓаме, така што правиме с$ нашата група да ја доживееме како различна и супериорна на кој било начин во однос на другите (според Argyle, 1991).

Еден од индикаторите на социјалната толеранција, тесно врзан за предрасудите и етничките стереотипии, е социјалната дистанца. Социјалната дистанца е конотативната, "однесувачката" димензија на предрасудите и стереотипите, која означува неприфаќање на определени видови односи со други етнички групи.

Концептот на социјална дистанца датира уште од 1924, кога Park го дефинира како континуум на степени на интимност што ги карактеризираат социјалните односи воопшто. На тој континуум, едниот крај е претставен со крајно блиски, топли и интимни контакти, средината означува нијанси на индиферентност, а другиот крај на континуумот подразбира активно недопаѓање, нетрпеливост и одбивање. Правејќи преглед на наодите на повеќе истражувања во поширокиот регион, Лазароски (1994) ги сублимира теориските проучувања и емпириските наоди за социјалната дистанца во период од повеќе децении. Тие покажуваат дека социјалната дистанца е постојано присутна како реална општествена појава, како производ на објективни општествени спротивности (материјални, расни, историски, ситуациони, културни, јазични). Исто така е утврдено дека постои поврзаност помеѓу позитивните етнички стереотипи и прифаќањето, како и помеѓу негативните етнички стереотипи и неприфаќањето на определени социјални релации. Нагласената социјална дистанца, како израз на негативните етнички предрасуди кон некоја етничка група, по правило е знак на етноцентризам.

Во психолошката наука има мал број феномени кои имаат толку ригидна структура, каков што е случајот со предрасудите и стереотипите од кои произлегува социјалната дистанца. Нивното појавување, околности на развиток и манифестација, се доста стандардни и скоро да може да се рече, предвидливи. Истражувањата на етничките стереотипии и социјалната дистанца помеѓу различните етнички групи во Република Македонија го потврдуваат истото. Тие истовремено покажуваат и дека последниве години негативните етнички стереотипи и социјалната дистанца се во пораст.

Студијата на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања "Извори и фактори на меѓуетничките тензии во Република Македонија"(Најчевска, Симоска, Габер, 1998) ја потврдува претпоставката дека е зголемен процесот на стереотипизирање во периодот меѓу двете истражувања (1988-1998), дека е зголемена затвореноста, претпазливоста и дистанцираноста кон другите етнички групи и дека се зголемени негативните етнички хетеростереотипи, а меѓуетничката толеранција е намалена.

Друго истражување на етничките стереотипи е правено кај студентите на педагошкиот факултет "Климент Охридски" во Скопје (Петроска-Бешка, Поповски, Кениг-Богдановска, 1998). Македонците и Албанците себеси си ги припишуваат најдобрите карактеристики. Дистанцата помеѓу "ние" и "тие" е особено изразена кај Албанците, кои себеси се перцепирале изразито позитивно. Што се однесува до изразените стереотипи кон различни етнички групи Македонците изразиле најнегативни стереотипи кон Албанците, а пак Албанците најнегативно ги перцепирале Србите. Во однос на споредбата на резултатите од испитувањата на стереотипите од 1996 и 1998 г., е евидентирано дека се зголемиле негативните хетеростереотипи помеѓу Македонците и Албанците.

Предмет на ова истражување беше да се утврди колкав е степенот на социјалната дистанцираност, а особено да се согледаат можностите за намалување на етничките стереотипи и социјалната дистанца, преку испитувањето на ефектите од едукативната програма "Почитување на разликите".

МЕТОД

врати се назад

Испитаници, мерни инструменти, варијабли

Истражувањето опфати 105 испитаници, на возраст од 16,5-18,5 години, ученици од трета и четврта година на македонски и албански наставен јазик при гимназијата "Зеф Љуш Марку" од Скопје. За остварување на целите на едукативната програма беа избирани ученици кои се перцепирани како позитивни авторитети во класот, со способности за лидерство.

Истражувањето се одвиваше во согласност со правилата на квазиексперименталниот нацрт, кој во методологијата на научното истражување се смета како најблизок до експерименталниот. Испитаниците беа назначени во експериментална и контролна група, претходно изедначени по бараните критериуми. Истовремено тоа беше и акциско истражување.

Социјалната дистанца беше мерена со една од варијантите на Скалата на Богардус. Таа содржи осум социјални релации во кои испитаникот би стапил со типичен претставник на понудени етнички групи (да живее во иста држава со мене; да живее во исти град, улица, зграда; да ми биде наставник во школо; да ми биде пријател; мојата сестра/брат да стапи во брак со него/неа; јас да стапам во брак со него/неа; да примам крв во случај на потреба; да стане претседател на државата во која живеам). Понудените етнички групи беа оние кои живеат во Македонија, како и во соседните земји: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бугари и Грци.

Едукативната програма "Почитување на разликите" беше независна квалитативна варијабла и се испитуваше нејзиното влијание врз повеќе зависни варијабли, меѓу кои и социјалната дистанца. Социјалната дистанца беше третирана како зависна варијабла, како степен на подготвеност за стапување во одредени социјални односи со припадници на различни етнички групи, со различен степен на блискост.

Опис на едукативната програма

Едукативната програма "Почитување на разликите" е идејно осмислена и изведена од д-р В.Петроска-Бешка, од Институтот за психологија во Скопје, со тим на училишни психолози и други соработници од сферата на човековите права, половите разлики, предрасудите и сл. Таа беше една од активностите на Центарот за разрешување на етнички конфликти при Филозофскиот факултет во Скопје, изведена во учебната 1997/98 година, како пилот едукативна програма за средношколци од мешан етнички состав. Програмата беше замислена така, да креира интелектуална, емоционална и социјална клима меѓу учениците и да овозможи комуникација што води кон меѓусебно почитување и разбирање. Таа се состоеше од серија воннаставни активности во вид на тематски работилници, кои се одржуваа еднаш неделно, по два часа, во текот на учебната 1997/98 година.

РЕЗУЛТАТИ

врати се назад

Резултатите се добиени со соодветни статистички техники за тестирање на значењето на разлики во степенот на социјалната дистанцираност помеѓу двете етнички групи, како и разликите кои се случиле по примена на програмата. Во текстот се дискутирани само статистички значајните резултати.

Степенот на социјалната дистанцираност кај сите испитаници во периодот пред тестирањето (пред примена на програмата), општо, беше многу висок. И покрај очекувањето дека социјалната дистанца ќе биде изразена со оглед на заострените меѓуетнички тензии, резултатите покажаа колку всушност е голема оддалеченоста меѓу двете групи. Вкупниот број на сите одбивања кај испитаниците од двете групи беше скоро четири пати поголем од бројот на прифаќањата!

Претпоставката, пак, дека двете етнички групи нема значително да се разликуваат по степенот на социјална дистанца, не се покажа како точна. Имено, испитаниците од албанската етничка група покажаа значително поголема дистанцираност од македонската, во повеќето социјални ситуации. Гледано по етнички групи, кај Македонците вкупниот број на одбивања е скоро трипати поголем од прифаќањата, а кај Албанците одбивањата ги има петпати повеќе од прифаќањата. Или, ако максималниот број на одбивања по испитаник е 56, тој кај испитаниците од македонско етничко потекло е во просек 41.43, а кај испитаниците од албанска националност 49.34.

График 1. Споредба на процентите на вкупните прифаќања и одбивања 
на Македонците и Албанците на скалата на социјална дистанца во претестот.

Кај поединечните осум социјални ситуации од скалата на дистанцираност, за првите седум е констатирано, со статистичка значајност, дека Македонците се помалку социјално дистанцирани од Албанците. Единствено кај осмата ситуација, која се однесува на можноста за избор на претседател на државата од други етнички групи, не е најдена разлика помеѓу испитаниците од двете етнички групи, со тоа што и двете групи покажуваат висок степен на несогласување за избор на претседател на државата од другата етничка група. Или поединечно:

Во ситуацијата да биде жител на мојата земја, близу половина од Македонците ги избираат Албанците, а нешто повеќе од половина ги одбиваат. Испитаниците пак, од албанско етничко потекло во 12% случаи ги избираат Македонците за да живеат во Македонија, а во 88% ги одбиваат.

Скоро идентична е состојбата кај втората релација каде што се избира соседот. При изборот на етничката припадност на наставникот во училиште, ситуацијата е уште подрастична, за да биде најнеповолна во двете следни ситуации, каде што се прави избор на етнички групи со чиј припадник се стапува во брак. Високата дистанцираност во однос на склопување брак со припадник на различна етничка група е констатирана и во некои претходни истражувања на Рот (1966) и Најчевска, Симоска, Габер (1998).

Малку поповолна состојба е воочена кај третата социјална ситуација, при избирање на пријател. Македонците ги избираат Албанците во 40%случаи, а ги одбиваат во 60% случаи, а пак Албанците ги избираат Македонците само во 23%, а ги одбиваат во 77%.

Во користената верзија на Скалата на социјална дистанца, беше внесена и ситуација да примам крв во случај на потреба, за која се смета дека ако се одбива означува крајна социјална дистанцираност. Во овој случај, половина од Македонците се определуваат да примат крв од Албанците, а третина од Албанците би примиле крв од Македонците. За очекување би било дека прифаќањето да се прими крв во случај на потреба од кој било друг човек треба да е големо. Со оглед на тоа што и овде е евидентна социјална дистанцираност, интересно би било да се испита дали религиозната припадност влијае на изборот во оваа социјална ситуација, односно дали припаѓањето на различни вери е едно можно објаснение за одбивањето за примање крв од припадник на друга верска група. Но, тоа повторно зборува за социјалната дистанцираност, овојпат по некоја друга основа.

Ако пак се разгледа социјална дистанца кон различните етнички групи (Турци, Роми, Бугари, Власи, Грци и Срби), повторно е евидентен висок степен на одбивање и дистанцираност. Всушност, единствен случај на покажани помалку одбивања од прифаќања има кај Македонците во однос на Србите (како вкупен резултат од сите осум социјални ситуации). Значи одбивањето и "затвореноста" во својата група не е само изразена меѓусебно кај Македонците и Албанците, туку и во однос на други етнички групи. Во истражувањето на Рот (1966) во поранешна Југославија, било утврдено дека највисока дистанцираност е изразена од Албанците, особено во релацијата склопување брак.

Споредбата на дистанцираноста и на двете етнички групи покажа дека испитаниците од албанска националност се дистанцирани во значително повисок степен отколку Македонците кон сите спомнати етнички групи, освен кон Турците. Дури и во случајот на воспоставување на различни социјални релации на Албанците со Турците, е покажан поголем број на одбивања, отколку прифаќања.

Констатираната висока социјална дистанцираност на двете етнички групи беше причина повеќе да се испита кои и какви се можностите за "интервенција" за намалување на изразената дистанца и стереотипизираност со наменски дизајнирана програма.

По примената на едукативната програма, "Почитување на разликите", социјалната дистанца кај експерименталните групи, општо е намалена.

Споредбата на двата графици зборува за промени кај двете експериментални групи, со тоа што поголема промена настанала кај припадниците на македонската етничка група. Повтореното мерење по една година кај контролните групи, каде што испитаниците не учествувале во програмата, покажува дека кај Македонците дошло до мало намалување на социјалната дистанца, а кај Албанците дистанцата малку се зголемила.

Спектакуларни промени не се очекуваа и не се случија. Меѓутоа, статистички докажаната промена, сепак, дава надеж дека може нешто да се стори за намалување на социјалната дистанца и дека тоа ќе биде повеќекратно важно за квалитетот на нашето живеење на овој простор.

График 1: Споредба на процентите на вкупниот број прифаќања и одбивања на скалата на социјална дистанца кај експерименталната група-Македонци во претестот и посттестот.

 

График 2: Споредба на вкупниот број на прифаќања и одбивања на скалата 
на социјална дистанца на експерименталната група Албанци во претестот и посттестот.

ДИСКУСИЈА

врати се назад

Ова истражување уште еднаш покажа дека социјалната дистанцираност помеѓу Македонците и Албанците е високо изразена. Тоа се совпаѓа и со резултатите од поширокото истражување за степенот на соработката, довербата, толеранцијата, етничките стереотипи и поврзаноста на сликата за себе со спомнатите психо-социјални карактеристики (Јаковлевска-Јошевска, 1999). Двете етнички групи живеат на ист простор, но паралелно, со повремени трендови на зближување или оддалечување како рефлексија на дневно-политичките настани. Испитаниците од македонско етничко потекло се покажаа како помалку дистанцирани. Што се однесува до ефектите од едукативната програма, охрабрува податокот дека социјалната дистанца покажува намалување кај двете групи, повторно понагласено кај Македонците.

Социјалната дистанца несомнено е и производ на објективните спротивности, интереси и разлики (историски, ситуациски, културни, јазични). Тие спротивности се континуирано присутни и во Република Македонија. Прокламираниот рецепт за оптимален баланс помеѓу негувањето на своето, националното и интегрирање во заедничкото, во општественото, изгледа дека е тешко да се постигне затоа што тој принцип различно се перцепира и доживува од различните страни. Силно е и неповолното влијание од засилениот национален романтизам, кој по распаѓањето на мултинационалните национални заедници доби во интензитет.

Литературата дава емпириска потврда дека одредени етнички групи се позатворени и поизолирани од другите, делумно заради традиционалните, верските или културолошките посебности, делумно поради различниот систем на вредности. Ritchie (1973) наведува дека најчесто етноцентричната заедница е таа која е преокупирана со одржување социјална дистанца. Етноцентризмот како констелација на ставови вклучува верување дека сопствените стандарди се најдобри, вистински, универзални, поради што и се одржува дистанцата од другите.

Досегашните малобројни истражувањата пак на влијанијата на наставните содржини и учебници во формирањето и/или одржувањето на стереотипите и социјалната дистанца се поразителни. Имено, училиштата често, наместо да развиваат позитивни социјални ставови и клима на почитување на разликите, ги поттикнуваат стереотипите (етничките, половите) и ја потхрануваат или барем одржуваат социјалната дистанца. Еклатантен пример даваат анализите на литературните текстови и учебниците по историја. Тие изобилуваат со етносентименти за сопствената нација, а занемаруваат поинакви гледања на настаните во историјата или на личностите кои не припаѓаат на сопствената нација (Најчевска, Симоска, Габер, 1998).

Малку е веројатно дека ќе се случат некои фронтални, макро промени кои ќе ја коригираат ваквата состојба. Пореалистично е да се почнат промени на базично ниво, меѓу обичните луѓе, а најмногу низ системот на образование. Станува с$ поважно да се добијат сознанија дали низ редовниот систем на образование и/или низ наменски едукативни програми може да се влијае на намалување на етничките стереотипи и меѓусебно приближување.

Манифестираното социјално "приближување" по примената на едукативната програма каде што имаше интензивно запознавање, комуникација и спонтана интеракција, секако е мотивирачко. Во последно време како да станува с$ поочигледна неопходноста од вештини за заедничко живеење, за почитување на разликите и за наоѓање на сличностите, што во САД се истражува многу интензивно. Позитивните ефекти од вакви и слични програми се познати во психолошката наука и теоријата на социјално учење, коишто во оваа пригода не можат да се експлицираат. Испитувањата на Sherif (1961) и Deutsch (1993) покажуваат дека со зголемување на интергрупниот контакт и обуки за техники на соработка, а пред с$ со поставувањето на повисоки цели, се намалува социјалната дистанца и непријателските ставови помеѓу групите. Студиите на Johnson i Johnson во САД (1995) за ефективноста од тренинзите за разрешување на конфликтите во различни училишта покажуваат дека учениците ги совладуваат техниките за кои се тренирани, ги применуваат научените вештини во конфликтните ситуации, ги пренесуваат вештините на вонучилишните услови, дури и во семеен контекст.

Теориската мисла не дава дефинитивни одговори за тоа кој вид на влијание најмногу оди во правец на подигнување на толеранцијата. Некои автори сметаат дека ненамерното и индиректното влијание, кое може да трае со години, има подолготрајни ефекти од директното едуцирање на толеранцијата (Vogt, 1997). Врз база пак на поопштите теории на учење има основа да се потврди позитивното влијание на специјално дизајнирани едукации и обуки за зголемување на толеранцијата кон другите. Всушност, толеранцијата се смета за социјална вештина која се учи. Меѓутоа, за да може да дојде до социјално учење, освен добар модел, потребно е да има социјално одобрување за последиците од однесувањето на моделот. Прашање е колку кај нас облиците на поведение, кои значат прифаќање и соработка, добиваат социјално одобрување.

Објаснувањето на причините за високата социјална дистанцираност и стереотипизираност кај двете групи, а особено кај испитаниците од албанско етничко потекло, секако дека не е едноставно. Дискусиите по презентирањето на резултатите на овој труд, а се однесуваат на причините поради кои е евидентирана помала социјална дистанца кај македонската етничка група, може да се сублимираат вака:

·        Во периодот на меѓународниот мониторинг беше засилено чувството на македонската етничка група дека треба да се направат извесни отстапки, односно да се направат конкретни чекори на приближување, пред с$, кон албанското малцинство.

·        Албанското малцинство последните години континуирано се перцепира себеси како со "скратени права" во однос на мнозинската група. Обидите на "приближување" на македонската група се прифаќаат резервирано и претпазливо. Лојалноста кон сопствената група е високо изразена.

·        Македонската етничка група, како мнозинска, се перцепира себеси како онаа која ја има моќта и која "одлучува" колку да се приближи. Тоа истовремено # дава контрадикторна позиција: од една страна тој што "дава" ја има моќта, но истовремено тој е и постојано "под лупа".

 

Ако едукативната програма ја намалила социјалната дистанца, за која литературата вели дека не е лесно да се коригира, значи дека таа во значителна мерка ја постигнала својата цел. Ова е особено точно ако се има предвид дека во периодот на одвивање на програмата имало и контра-продуктивни фактори. Не е новост дека и нашите млади луѓе се изразито политизирани и дека секоја нијанса на "затоплување" или "заладување" на меѓуетничките релации веднаш се одразува и во степенот на дистанцираноста. Во периодот од октомври 1997 до мај 1998, во Република Македонија имаше бранувања во меѓуетничките односи и тоа прашање беше топ-тема во општествено-политичкиот живот на земјата. Земјата беше подмониторинг на меѓународната заедница за поадекватна имплементација на човековите права на малцинствата. И покрај тоа што не е направена анализа на содржина на печатот и електронските медиуми во тој период, впечаток е дека ова беше една од најфреквентните теми во општествено-политичкиот живот на РМ. Со оглед на поделениот медиумски простор на двете етнички групи можно е двете страни различно да толкувале исто прашање или настан, што предизвикало заземање на различен став: малцинствата во очекување на конкретни чекори на мнозинството за обезбедување на повисок степен на уживање на човекови права, а мнозинството со верување дека чекорите се направени и дека малцинствата треба да сторат повеќе за интегрирање во заедницата.

Едно сепак е сигурно: едукативната програма "Почитување на разликите" била причина, во период од една година, во своето слободно време, група млади луѓе од различна етничка припадност доброволно да се определат да поминуваат извесно време заедно. Оваа програма се покажа како успешен обид да се направи мост на доверба и заемно прифаќање, да приближи млади луѓе кои, иако секојдневно се среќаваат во училишните коридори, немаат никаква интеракција. Програмата добива уште поголема вредност ако се има предвид дека ваквите контакти и дружења се вистинска реткост во нашиот воспитно-образовен процес, а и надвор од него.

Позитивните промени кои ги предизвика едукативната програма "Почитување на разликите" вредат уште повеќе кога се знае дека овие млади луѓе доброволно се определија да поминуваат некое време заедно со нивните врсници од другата етничка група. Активностите беа изведувани во просториите на училиштето, неретко во многу неповолни услови. Во таа училишна зграда работат две гимназии, во две смени, со хронично недоволен училнички простор. Учениците не беа ослободувани од настава, туку доаѓаа пред или по редовните часови. Во текот на активностите беа дискутирани многубројни сензитивни прашања, дотогаш недискутирани очи в очи со претставниците на другата група. Изразувани беа различни мислења и ставови, но беше прекрасно да се види дека се зборува и се слуша со почит кон другите. Коментарите на учесниците во текот на програмата најдобро зборуваат за тоа какви ефекти имале контактите, работилниците и дружењето. Неподелено беше мислењето дека научиле многу работи за другата група и дека би сакале таков вид активности да продолжи.

Сето ова потврдува дека иако не така лесно, е можно, низ процесот на социјално учење да се влијае на негативните социјални ставови и на системот на вредности. Се разбира, легитимно е прашањето дали и колку ќе бидат трајни позитивните промени констатирани по примена на програмата. Но, тоа во ниеден случај не н$ ослободува од обврската постојано да бараме нови начини за подобрување на меѓусебните релации, односно за интеракција наместо паралелен соживот. Сигурно е дека би требало на поширок општествен план да се работи на воспитување младите луѓе за граѓанско сожителство во заедничко општество, каде што приоритет ќе има издигнувањето на индивидуалното над колективното, со поголемо свртување од минатото, кон сегашноста и кон иднината.

Едно е исто така сигурно: овој е просторот на кој веројатно ќе треба да продолжиме да живееме заедно уште многу долго. Зошто да не направиме да ни биде убаво?

СЕЛЕКТИРАНА БИБЛИОГРАФИЈА:

врати се назад

1.  Argyle M. (1991)
Cooperation, the Basic of Sociability,
London, New York: Routledge.

2. Brown Rupert J. (1988)
Group Processes,
Oxford: Blackwell

3. Deutsch M. (1993)
Educating for a Peaceful World,
American Psychologist, 
May 1993, 510-517

4. Gahagan J. (1975)
Interpersonal and Group Behaviour,
 London: Methuen

5.  Hrnjica S. (1982,
Zrelost licnosti
, Beograd: Zavod za ud`benike i nastavna sredstva

6.  Јаковлевска-Јошевска Л. (1999):
Подготвеноста на адолесцентите за прифаќање и соработка со други луѓе.
Магистерски труд, Институт за психологија, Филозофски факултет, Скопје.

7.  Johnson W.D. and Johnson T.R. (1995)
Teaching Students to Be Peacemakers: Results of Five Years Research,
Minneapolis: Peace and Conflict : 
Journal of Peace Psychology, 1 (4), 417-438

8.   Лазароски Ј. (1994)
Националната приврзаност и односот спрема други народи,
Скопје: НИО "Студентски збор"

9.   Лазароски Ј. (1995)
Константност на манифестирањето на одделни форми на национална приврзаност и стабилност и нивната меѓусебна поврзаност,
Скопје: Просветно дело, бр.4, 58-68

10.  Lynch J., Modgil C. & Modgil S. (1992)
Cultural Diversity and the Schools
London: The Falmer Press

11.  Martin J.G. (1964)
The Tolerant Personality,
Detroit, Wayne State: University Press

12.  Мурџева-Шкариќ О. (1995)
Култивирање на толерантноста,
Филозофски факултет - Скопје:Годишен зборник, 147-152

13.  Најчевска М., Симоска Е. и Габер Н. (1998)
Студија: Извори на меѓуетничките тензии во Република Македонија, 
Скопје: Институт за социолошки и политичко-правни истражувања.

14.  Persic B. (1975)
Neki metodolo{ki problemi merenja nacionalnih stereotipija i
socijalne distance,
 V Kongres psihologa Jugoslavije, 410-413

15.  Петроска-Бешка В. (1994)
Методологија на експерименталните истражувања во психологијата
, Скопје:Малинска

16.  Ritchie J. (1973)
Culture, Personality and Prejudice

Harmondsworth, Middlesex, England: Penguin Education. A Division of Penguin Books Ltd.,Prejudice and Race, 311-329

17.  Rosenberg M.J. (1960)
Cognitive Structure of Attitudinal Affect,
Journal of Abnormal Social Psychology, 367-372.

18.  Рот Н. (1972)
Психолошке основе предрасуда,
Сараево :Преглед бр.5, 1972.

19.  Рот Н. (1983)
Психологија група
Београд: Завод за уџбенике и наставна средства

20.  Serow R.C. (1983)
Schooling for Social Diversity: An Analysis of Policy and Practice,
New York: Teachers College Press.

21. Sherif M. et al. (1961)
Intergroup Conflict and Cooperation: Rober's Cave Experiment,
Norman: University of Oklahoma

22. Stephan, W.G. (1985)
Intergroup relations,
in G.Lindzey and E. Aronson (eds)
Handbook of Social Psychology, vol. 2, 3rd ed, New York: Random House

23. Vogt P. (1997)
Tolerance & Education: Learning to Live With Diversity and Difference, 
Thousand Oaks: CA, Sage Publications, Inc.

24. Wood S. L., Thalhammer K., Sullivan J.L., Bird K., Avery P. & Klein K. (1994)
Tolerance for Diversity of Biliefs: Learning About Tolerance and  Liking it Too,
Review of Education, Pedagogy and Cultural Studies, 16, 349-372

25.  Yinger J.M. & Simpson G.E. (1973 a)
Techniques for Reducing Prejudice: Changing the Prejudiced Person,

Harmondsworth, Middlesex, England: Penguin Education. A Division of Penguin Books Ltd.,Prejudice and Race,96-144

26.  Yinger J.M. & Simpson G.E. (1973 b)
Techniques for Reducing Prejudice: Changing the Situation,

Harmondsworth, Middlesex, England: Penguin Education. A Division of Penguin Books Ltd.,Prejudice and Race, 145-174