Болни соочувања
1. Концептот за Македонија како нација-држава(национална држава на македонскиот народ) со Рамковниот договор, склучен во Охрид на 13 август 2001, помеѓу лидерите на четирите најголеми партии во Македонија, во голема мерка е напуштен. [1]
Договорот е потпишан по осумесечни вооружени судири меѓу силите на централната власт и локалните вооружени групи на етничките Албанци(таканаречената,Ослободителна Национална Армија-ОНА), со посредување на Западните земји, кои покажаа дека можат одлучно да интервенираат.2 Безбедносната криза ја исцрпи и онака слабата економија на Македонија и ја доведе земјата на работ на граѓанска војна. После повеќемесечни зачестени летања меѓу Брисел и Скопје, генералниот секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, изгуби трпение и £ порача на македонската јавност :" Време е да поминете од Устав на леб и путер".3 Со право, бидејќи според сите извештаи кризата во Македонија уште повеќе ја зголеми сиромаштијата и невработеноста. Официјалните статистички податоци се безмилосни: од 1991 година до денес , бројот на невработените е двојно зголемен: од 166 000 лица невработени во 1991г. до сегашните 354 000 лица што немаат работа4. Линијата на сиримаштијата е во константен пораст иако според изготвената стратегија за нејзино намалување, бројот на сиромашните во наредните три години треба да се намали за три проценти.5 Самата криза, во последната година(2001) создаде дупка во платниот биланс на земјата од 80 милони долари така што парите од очекуваната донаторска конференција ќе бидат наменети за пополнување на овој дефицит и за реконструкција на оштетаните објекти, пред да може да се оди понатаму во инвестирање за развој. Се воведе воен данок кој го оптовари стопанството и Македонија ќе биде единствената земја во Европа, што заради кризата оваа година ќе забележи негативна стапка на домашниот бруто производ, предупредуваат представници на владата, илустрирајќи ја така тезата на која кај нас често се заборава дека економијата е политика и обратно.6
По вака отрезнувачки показатели, би требало да надвладее разумот, да се собере храброст и да се тргне по нов пат. Меѓутоа, на самиот ден на потпишување на Рамковниот договор се случи инцидент, кој опширно зборува дека, недостасува воља или пак е таа многу слаба. На свеченоста по повод потпишување на договорот, на која беа присутни представниците на ЕУ, Х.Солана, Џ.Робертсон, М.Џоана, медијаторите, Ф.Леотар и Џ.Пердју, пред камерите на бројните известувачи, лидерот на ДПА, А.Џафери, се обрати на јавноста на албански јазик. Правото албанскиот јазик да се употребува како втор службен јазик, тукушто беше утврдено со Рамковниот договор. Па сепак, премиерот, Љ. Георгиевски, го доживеа тоа како "студен туш" и демонстративно ја напушти конференцијата за печат. Остана да виси во воздухот непријатно чувство на неискреност во однос на почитувањето на тукушто потпишаниот договор!
За општото расположение кон Рамковниот договор сведочат и извештаите на новинарите кои беа присутни на седницата на која се изгласаа уставните измени. Вообичаено, тој момент е проследен со свечена радост, но во овој случај, атмосферата во собраниската сала, на 16 ноември, во еден часот по полноќ , била траурна.7 Некои од пратениците дури му довикнале на председателот на републиката:"Предавник"! Слична демонстрација на незадоволство и бојкот, се повтори една година подоцна, за време на декемвриската годишната "адреса" на председателот Трајковски пред Собранието. Салата беше полупразна. Што се однесува пак до представниците на меѓународната заедница, тие ја поздравија одлуката на Собранието за прифаќање на Рамковниот договор, како "историска" и како одлука " за мир и помирување".8
Нема никакво сомнение дека етничките Македонци, напуштањето на концептот за нација-држава го доживеава како срамно понижување, изнудено под притисок на оружје , при што меѓународната заедница е обвинета за пристрасност кон албанската кауза. "Пораз", "рана", "срам", "клекнати на колена" , се зборови на неумерени емоции во медуимите на македонски јазик и бездруго не помагаат да се смири општата состојба. Така почетокот од новата страница, во историјата на Македонија, не ветува многу.9
Концепт на нација-држава
Десетгодишното искуство од серијата брутални етнички војни водени врз урнатините на некогашна Југославија, покажа дека на дневен ред на најновата историја на овој дел од Балканот е создавањето на национални држави. Југославија се распадна заради екстремниот национализам кај сите југословенски народи, но пред с¢ кај Србите и Хрватите, кој прерасна во етничка војна.
Кусо навраќање на историјата говори дека во првата половина на 20 век, низ потреси на една светска и неколку локални војни се распаднаа Австроунгарската и Отоманската империја и во процесот на смирување на регионот, се создаде заедничката држава на Србите, Хрватите и Словенците-Југославија, која уште веднаш се соочи со појави на иредентизам и сепартизам. По Втората светска војна, во новонастанатиот историски контекст на блоковски поделен свет, Југославија се преобрази во федерација сочинета од шест рамноправни нации на Србите, Хрватите, Словенците, Македонците, Црногорците, Бошњаците(Муслиманите) и неколку други национални малцинства(Албанците, Маџарите итн.) Околностите, а пред с¡ националната безбедност на овие народи наметнаа федеративно решение, кое релативно успешно ќе функционира седумдестина години. Меѓутоа, во 1999 кога Југославија и Советскиот Сојуз започнаа да се разградуваат се јави итна потреба да се редефинрање на прашањето за националнатата безбедност на народите што ги сочинуваа овие федерации. За жал, во Југославија тоа се направи на најлош можен начин преку политика на екстремен национализам и шовинизам.
Бидејќи федерацијата забрзано се распаѓаше, народите кои ја сочинуваа започнаа нагласено да го јакнат својот национален идентитет, како гаранција за зголемена безбедност - релативно нов феномен, особено во однос на искуството на Западна Европа. Имено, на почетокот на деведесетите години, Европската заедница се занимаваше со интеграција и не успеа да реагира благовремено, ниту сосема непристрасно во однос на дезинтеграцијата и етничките судири во Југославија. Со тек на годините, а особено во поглед на кризата во Косово и Македонија, ЕУ реагираше далеку поодлучно и поединствено, иако верувам дека има некои прашања за кои ќе се расправа и понатаму.
Во случајот на Македонија, како феномен сакам да го истакнам тоа што, туѓиот национализам лесно го препознавме и осудивме, додека кон сопствениот сме полни со оправдување и разбирање. Кога стануваше збор за политиката на Милошевиќ во Босна и Косово, немаше дилеми кај македонската интелегенција дека станува збор за великосрпски националзам и шовинизам . Меѓутоа, да им кажете денес на некои видни новинари од тиражните дневни весници на македонски јазик и телевизиските куќи, како и на некои истакнати интелектуалци, дека со своето пишување во текот на кризата подбуцнувале на нетрпеливост и омраза што можеше да се изроди во граѓанска војна , многу ќе се зачудат, зашто хероизмот кој инспирира на славни дела како и национализмот кој води кон деструкција, а некогаш води и кон злодела, се многу блиски состојби на духот кои потекнуваат од ист извор на зовриени емоции . Меѓутоа, треба отворено да се каже дека во текот на политичката и безбедносната криза во Македонија во 2001, мнозина намерно создаваа атмосфера на нетрпение и омраза спрема Албанците и спрема Запад одн. САД, НАТО и манипулираа со јавното мислење. Со тој факт допрва ќе се соочуваме и се надевам дека мнозина ќе се засрамат заради своето поведение.10
Во 1991година, тукушто изгласаниот устав на самостојна Македонија, го отслика реалниот распоред на општествените сили. Парламентот составен од повеќе партии изгласа дека Македонија представува национална(унитарна) држава на македонскиот народ, (во кој ранмноправно живеат и граѓани од други националности). Македонската православна црква, доби статус на национална црква, а македонскиот јазик беше прогласен за единствен службен јазик што се употребува на територија на целата држава. Уставот на малцинствата им гарантираше право на задолжително основно и средно образование на мајчин јазик и службена употреба на нивниот јазик во општините каде тие сочинуваа мнозинство, како и некои други права(на развивање на својот идентитет и култура итн.), кои воопшто не беа за потценување и продонесоа за еманципација на малцинствата во Македонија.11 Сепак, останаа многу отворени прашања кои наредните десет години останаа без соодветен одговор. Представниците на етничките Албанци во Собранието(партијата ПДП), не беа задоволни од уставните решенија кои очигледно беа под нивото на она што им беше ветено во политичкиот процес кој му предходеше на уставот, очекуваа од демократијата поголеми права отколку што ги имаа во еднопартискиот систем и не гласаа за Уставот.12 Наредните години тие, како и другите политички партии на етничките Албанци, кои подоцна ќе се појават на политичката сцена во Македонија(како на пример ДПА на А.Џафери, која ќе стане дел од власта по изборите во 1998) постојано ќе го истакнуваат мајоризирањето на Албанците во државата, барајки статус на втор рамноправен народ и сите права на "делење на власт" што произлегуваат од таквиот статус: конфедерација, федерација, автономија и консенсуално одлучување. Во драматичните времиња на распагањето на југословенската федерација, кога секоја нација настојуваше да извлече најмногу од она што секој подразбираше под поимот "национален интерес", стратегијата на етничките Албанците се градеше на релација меѓу Приштина, Тирана и Тетово/Скопје. Уште на почетокот на деведесетите години, сегашниот министер за надворешни работи на Албанија Паскал Мило, во текст објавен во скопското списание: "Балкан Форум" напиша дека приоритет на албанската надворешна политика е независност на Косово, конфедерација, федерација или автономија за етничките Албанци во Македонија и решавање на имотните прашања на протераните Албанци од Чамарија(Грција). Најекстремна манифестација на оваа национална стратегија на Албанците од Македонија беше прогласувањето на Република "Илирида", непосредно по донесувањето на уставот на Македонија. Иако денес некои од создателите на "Република Илирида", велат дека не се работело за сецесионизам, туку за територијално-политичка автономија, факт е дека во контекстот на распаѓање на југословенската федерација, таков чекор на македонските Албанци беше сигурен пат за етнички конфликет.13 Впрочем, најновата криза е потврда дека за било какво решение потребна е согласност на двете етнички заедници во Македонија. "Република Илирида", не доби отворена подршка од Запад и од Тирана, а реакцијата на македонската централна власт беше умерена. Албанија тогаш се наоѓаше во исклучително тешка економска и политичка положба и сметаше на помош пред с¢ од Запад, иако ги користеше меѓународните форуми за да врши притисок врз Скопје.
С¢ додека српската војска и полиција го контролираше Косово и границата меѓу Македонија и Косово, партиите на етничките Македонци можеа да го игнорираат растечкиот албански национализам. Така некои барања за кои власта можеше и требаше да најде разумни решенија како на пример, високото образование на албански јазик, се отфрлени со образложение дека тоа е проблем со кој треба да се позанимава полицијата. Со тоа несомнено го потхрануваа албанскиот радикализам. Последиците бргу се почувствуваа. Во Гостивар на 9 јули 1997 г. во вооружен судир меѓу полицијата и демонстрантите од албанско етничко потекло, тројца луѓе загинаа, а повеќе се ранети, што го зголеми револтот на локалните Албанци. Причина-на општинската зграда се веело инкриминираното, албанско знаме!14
Интервенцијата на НАТО во Косово(1999), во голема мерка ја поремети дотогашната рамнотежа на моќ во овој дел од регионот и му даде крилја на албанскиот екстремистички национализам .Српската војска и полиција се повлече од Косово, а меѓународните сили стационирани таму, како и македонската војска од другата страна на границата не успеава да ја "запечатат" и да оневозможат илегално префрлање на луѓе, оружје и дрога. Прашањето за статусот на Косово, стана уште еден важен извор за нестабилност.
Така некои "структурни проблеми" како што е менување на постоечката рамнотежа на моќ и воспоставување на граница меѓу Македонија и СР Југославија меѓу Албанците кои дотогаш релативно слободно се движеле на просторот, меѓу Косово и Северозападна Македонија, се сами по себе извори на нестабилност или на незадоволство што може да се злоупотреби во политички цели. Економската исцрпеност на земјата со серијата војни и блокади во изминатите десет години спаѓа исто така во овој вид на "структурни" извори на нестабилност, претворајќи го големото социјално незадоволство во етнички конфликт. Потребни се дополнителни согледувања но според некои првични изјави припадниците на ОНА, тие се регрутирани првенствено од редот на млади, невработени луѓе кај кои социјалниот револт добива форма на екстремен национализам.15 Сите овие моменти, заедно со незадоволството од неефикасноста на власта и корупцијата во општеството доведе до безбедносна криза. Бидејќи локалните политичари не успеава да ја решат се инволвира меѓународната заедница за да спречи понатамошна дестабилизација на земјата и регионот и евентуално нова бегалска криза. Резултатот од оваа криза е битно менување на карактерот на македонската држава од национална (унитарна) држава на македонскиот народ, во држава во која се зајакнати институциите на колективните права на етничките заедници, што може да води во понатамошна дезинтеграција на земјата.
Домашни политички актери. Хронологија на кризата
Кога при крајот на фебруари, во пограничното село Танушевци, за кое дотогаш мнозина граѓани на Македонија воопшто не знаеја дека постои, беа убиени тројца војници на војската на Македонија, со што започна кризата, коалиционата влада на премиерот Љ. Георгиевски, како и парламентот ги осудија "вооружените групи екстремисти" и побараа странска воена помош .16 Јавноста беше исплашена , збунета и неподготвена за она што ја очекуваше и треба да се каже дека во тој момент албанските политички лидери од Македонија покажаа висок степен на лојалност. Во овој контекст е изјавата дека, ако треба, ќе се брани територијалниот интегритет на Македонија. На почеток на март, кризата сеуште се третираше како пограничен инцидент кој се појави како резултат на одбележување на македонско-југословенската граница, но кога стана збор за тоа како да се одговори на инцидентот, веднаш се забележаа разлики меѓу македонските и албанските политички
личности 17. Почетната конфузија се надмина и потребното единствено реагирање на големите парламентарни партии на двете етнички заедници(мнозинството Македонци и малцинството Албанци), како одговор на кризата дојде до израз на партискиот самит кај председателот на државата. Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДПА и ПДП го подржаа територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија; се согласија армијата да ја запоседне македонската граница, а КФОР да ја зајакне контролата од другата страна на границата. Заклучокот беше дека "по завршувањето на операциите за неутрализација на вооружените групи екстремисти, треба да се засили политичкиот дијалог на сите легитимни политички партии за отворените прашања на меѓуетничките однси и наоѓање на соодветни решенија". Партијата на етничките Албанци, ПДП имаше резерви за формулата "неутрализација на екстремистите". Нивниот став беше дека не е потребно да се чека на "неутрализација" за да започне дијалог. "Македонската страна" упорно остана на мислењето дека не може да се преговара под притисок на "екстремистите".Подоцна ќе се види дека е тоа добар изговор за воопшто да не се преговара со што ќе се нанесе голема штета на мировниот процес.
Меѓународната заедница исто така го осуди тукушто појавениот екстремизам и побара политичко решавање на прблемите: од албанските лидери во Македонија и во Косово се очекуваше да отидат чекор понатаму и освен јавната осуда на екстремистите, да почнат преговори со нивните водачи околу прекинот на оганот. Од лидерите на партиите на етничките Македонци и на етничките Албанци се очекуваше да започнат веднаш сериозни преговори за политичко решавање на кризата. Владата, поточно премиерот и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, очигледно погрешно го протолкува сигналот на меѓународната заедница за осудата на "екстремизмот".Тие сметаа дека осудата значи дозвола за зголемување на употребата на полицијата и војската во решавањето на кризата и одложување на дијалогот, ако воопшто постоеше искрена намера да се преговара. На конференција за печатот, одржана на 26 март, по итната посета на Џ. Робертсон, генералниот секретар на НАТО и еврокомесарот Х.Солана, на Скопје, портпаролот на владата 18 изјави дека немало надворешен притисок да се разговара "со албанските политички субјекти" зошто за тоа нема потреба. Тој дијалог, наводно траел десет години и не бил прекинат. Дадена е наредба за офанзива на македонската војска и полиција за разбивање на вооружените герилски групи што пукаа од падините на Шар Планина во правец на Тетово.
Инаку флоскулата "дијалогот не е прекинат и трае веќе десет години", (и "прво победа, па разговор") беа најомилениот изговор не само на политичарите туку и на македонските интелектуалци, да се избегне било каква промена во насока на поголемо учество на Албанците во "поделба на моќта".Со тоа дадоа срамен удел во продлабочување на кризата.19
Со "неутрализација на екстремистите" односно со воената офанзива не се согласи лидерот на ПДП, И.Имери20 а кризата започна да излегува од контрола со растење на бројот на цивилните жртви и бегалци од овој крај. Многу бргу стана јасно дека нема само воено решение кога се работи за меѓуетнички судир, особено, ако судирот има политичка димензија. Колку повеќе се инсистираше на воено решение толку повеќе кризата се продлабочуваше, а политичките ставови на коалиционите партнери во власта, ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, се оддалечуваа . Самата доверба меѓу коалиционите партнери во власта веке беше во голема мерка разнишана уште пред почетокот на кризата. ДПА го обвинуваше премиерот и лидер на ВРО-ДПМНЕ, Љ. Георгиевски дека не го испорачал она што им го ветил за време на председателските и локалните избори, во замена за гласовите на Албанците. Така на пример, по локалните избори во 2000г. во Тетово се одржа протестен митинг во организација на ДПА. Од протестот, лидерите на оваа партија, која инаку ја делеше власта како партнер во владата на Љ.Георгиевски испратија јасна порака дека Албанците очекуваат статус на конститутивен народ, статус на државен јазик за албанскиот јазик и високо образование на албански јазик. Лидерите на оваа партија му ставја јасно до знаење на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер дека стабилноста на Македонија е во нивни раце и дека треба да биде свесен за тоа.
Во моментот кога една фракција во власта(на ВМРО-ДПМНЕ) на чело со премиерот побара воведување на воена состојба, а албанските политички лидери се заканија со напуштање на владата и парламентот, Македонија се доближи до самиот раб на граѓанска војна.21
Искрена желба за политички преговори изостана и во април, веќе беше јасно дека владата на Георгиевски не сака да биде обвинета за "национално предавство" доколку преговара . Во истовреме, владата започна дипломатска офанзива свртувајќи се кон Русија во надеж дека ќе добие политичка подршка и кон Украина, особено заради купување на современо оружје како хеликоптери и воени авиони. На засилените воени подготовки и дејства на дел од владеачкиот естаблишмент, албанските политички партии реагираа со закана. Ќе ја напуштат владата и парламентот! Тоа значеше дека конфликтот се посигурно "лизга" кон граѓанска војна. Албанската герила која на почетокот беше составена пред се од Албанци од Косово, во текот на мај добива во масовност и веќе околу 75% од нејзиниот состав од 3000 луѓе, го поолнуваа Албанци од Македонија22. Во јуни, премиерот призна дека има вооружен бунт на Албанците во Македонија.
За да се сопре граѓанската војна кон која без сомнение водеа собитијата, меѓународната заедница се зафати со интензивна дипломатска активност на релација Скопје-Брисел-Вашингтон. Идеата беше да се формира "голема" или "широка коалиција" составена од двете најголеми македонски партии(ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ) и двете најголеми албански партии(ДПА И ПДП). Вака формираната коалиција требаше да го "откочи" политичкиот дијалог и да ги направи потребните компромиси. Во мај пред очите на скептичната и разочарана македонска јавност се формира влада на широка коалиција составена од :ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДПА и ПДП.23 Иако од коалицијата се очекуваше да најде излез од кризата, политичките разлики не беа надминати како што се очекуваше и дијалогот и натаму остана "замрзнат". Веројатно се потребни понатамошни истражувања за да се оценат последиците од судирот меѓу фракциите во власта особено од судирот меѓу војската која беше под контрола на СДСМ и полицијата контролирана од ВМРО-ДПМНЕ. Засега во јавноста се слушаше оценката дека откако се создала широката коалиција, Македонија изгубила многу од својата територија24.
Создавањето на "широката коалиција", беше отворен сигнал од страна на меѓународната заедница дека го губи трпението и бара итно решение. Тоа создаде панична реакција кај премиерот и луѓето од неговата партија. Идеата за размена на луге и територии меѓу Македонија и Албанија, произлезена од страна на некои академици од Македонската академија на науките е во директен дослух со премиерот и неговите истомисленици од државниот врв, како очајнички чекор да се избегне политички договор кој можеше да го доведе во прашање унитарниот карактер на државата, а со тоа и идентитетот на етничките Македонци. 25 Тоа го потврдуваат и медиумите кои објавија дека премиерот бил видно разочаран од тоа како е пречекана оваа "проекција" и изјавил дека, ако е така тогаш оди да се договори со коалиционите партнери за да ја направат Македонија "по желба на Албанците". Оваа идеа за размена на територии и население беше критички дочекана од самите етнички Албанци кои повеќе пати кажаа дека во таков случај, половина од Албанците од Македонија би останале да живеат од другата страна на замислената линија на поделба и дека ако се зборува за поделба, тогаш на Албанците не им одговара и нема да го прифатат овој конкретен предлог за делење на територијата.26 Започнатото лицитирање со државната територија ќе разбудеше апетити и кај некои заинтересирани држави од соседството така што идеата за размена на територии и население се покажа далеку посложена отколу што очекуваа нејзините творци. Јавноста ја осуди идеата како извор на влошување на и онака тешката политичка и безбедносна ситуација, отварајќи дополнителни проблеми во земјата и во регионот.
Речиси сите изјави на политичките актери само две недели по формирање на широката коалициона влада укажуваат на внатрешен судир меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Додека СДСМ се залагаше за употреба на пропорционална сила кон ОНА утврдена во албанските села во Липковско-Кумановскиот и во Тетовско-Гостиварскиот регион со истовремено водење на политички дијалог, ВМРО-ДПМНЕ беше за тоа да се употреби неограничена воена сила, а потоа евентуално да се водат политички преговори, што наоѓа потврда и во зборовите на премиерот Љ. Георгиевски. "Но кога веќе сите се изјаснуваме, рече тој, сметам дека е крајно време СДСМ да се изјасни до кога ќе го блокира военото расчистување со терористите во Република Македонија, до кога ќе прави блокада на снабдувањето на воениот арсенал и до кога ќе се обидува да каже дека треба со политички решенија да најдеме заеднички јазик со терористите, а не со единствениот начин со кој може да се разговара со нив, а тоа е доследно и жестоко пресметување и нивно растурање", изјави тој (според "Актуел" од 8 јуни, 2001). Во овој период, со помош на луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ и со сомнителни пари се формираат паравоени формации што подоцна ќе го потврди министерот за одбрана во "широката коалиција", В.Бучковски кој рече:"Се покажа дека дел од резервниот состав на полицијата не е под контрола на министерството за внатрешни работи. Јасно е дека за вака крупна работа треба да се сносат последици"27. Отворено обвинување дека легализираните паравоени формации познати како "Лавови", се фактор на нестабилност, дојде во декември 2001, од страна на представниците на ОБСЕ и ЕУ во Македонија.
На 10 јуни, Арачиново, населба оддалечена десет килметри од Скопје, прв пат беше окупирано од страна на околу 450 припадници на ОНА, што беше најголем број на луѓе дотогаш ангажирани во една битка.28 На 22 јуни почна офанзива на македонските сили со хеликоптери, тенкови и тешка артилерија, која траеше три дена. Според тогашниот министер за одбрана В.Бучковски, ова кризно жариште е отворено како резултат на сплет на повеќе околности. Имено војниците на ОНА се помешале со шест до осум илјади цивили од липковско-кумановскиот регион, кои бегале кон Арачиново и така незабележани од полицијата влегле во градот.
Според некои показатели Арачиново, заради близината до рафинеријата за нафта, аеродромот и автопатот го интернационализира конфликтот, бидејќи, меѓу другото и мировната мисија на Косово евентуално можеше да биде загрозена.
Употребата на "непропорционална сила", со разурнување на населбата и евентуални цивилни жртви(бидејќи поголемиот дел од жителите го напушти Арачиново) од страна на централната власт, не наиде на одобрување од меѓународната заедница. Сеуште не се разјаснети некои околности од случајот "Арачиново", но се чини дека под притисок на меѓународната заедница, власта во Македонија донесе одлука да се запре офанзивата во Арачиново, а припадниците на ОНА да се преместат со помош на НАТО од Арачиново во с. Никуштак. На 26 јуни НАТО обезбеди 16 автобуси и два камиони придружувани од две полициски возила со кои припадниците на ОНА со оружјето беа транспортирани надвор од Арачиново. Граѓаните од околните населби го блокираа патот за да го спречат транспортот, но по неколкучасовни драматични преговори транспортот сепак помина.
Тоа предизвика гнев кај македонската јавност, на која по сите доживеани понижувања и беше потребна победа. Вечерта на 26 јуни пред зградата на Парламентот се собраа голем број демонстранти кои го истурија својот гнев со пукање и кршење на околните дуќани, а ги демолираа и просториите на собранието. Според информации од печатот, демонстрациите биле организирани од ектремни симпатизери на на ВМРО-ДПМНЕ и имало дури обид за државен удар. Факт е дека целото државно раководство, со исклучкок на министерот за внатрешни работи беше евакуирано од зградата на парламентот.
Околу некои конкретни потфати на меѓународната заедница во Арачиново постојат контраверзни гледања, но нема дилема дека од Арачиново почнува интернационализација на кризата во Македонија. Тоа го потврдува и тогашниот министер за одбрана В.Бучковски, кој изјави "..се покажа дека меѓународната заедница сериозно има намера да се инволвира во разрешувањето на конфликтот".29
Непосредно пред интензивниот воен конфликт во Арачиново политичкиот дијалог беше замрзнат повеќе од два месеци, иако владата и премиерот ветија дека до 25 јуни, кога се одржуваше самитот во Луксембург, ќе се пофалат со напредок во политичкиот дијалог. Користењето на голема офанзивна акција при што се уништуваше имот и се зголемуваше бројот на цивилни жртви беше исто така важна причина за интернационализација на конфликтот. ЕУ и НАТО, како и странските дипломати во Скопје ја осудија употребата на "прекумерната сила" во Арачиново. Тоа од аспект на меѓународната заедница беше пат кон сигурна граѓанска војна. На владата во Скопје веќе извесно време пред Арачиново £ беа упатувани критики од Брисел и Вашингтон, дека не е во состојба да се справи со кризата. Брисел му стави до знаење на Скопје, дека ќе биде замрзнат договорот за стабилизација и асоцијација што беше витален интерес на сите во Македонија и дека ќе ги укине средствата од пактот за стабилност. Неколку дена пред почетокот на борбите во Арачиново, во посета на Скопје пристигна генералниот секретар на НАТО, Џ.Робертсон, кој имаше разговори со македонскиот политички врв. Тие го уверуваа дека не може да има политички преговори додека трае опсадата на Арачиново во што тој поверува. Според амбасадорот Д.Спекхард, Робертсон ветил дека НАТО ќе помогне во наоѓање на излез од ситуацијата,30 но се чини дека некои струи во власта сакаа да ја искористат ситуацијата. Не е сосема јасно дали постоел договор меѓу министрите за внатрешни работи и одбрана, но председателот Трајковски донесува одлука за напад на Арачиново од војската и полицијата под здружена команда. На одлуката и предходеа уште едни пропаднати политички разговори меѓу локалните политички лидери.
Од гледна точка на меѓународната заедница, евентуалната воена победа на централната власт во Арачиново, ќе траеше подолго од предвидените три дена и ќе доведеше до големи разурнувања и продлабочување на незадоволството кај албанската заедница. Тоа можеше да го оддолжи политичкиот дијалог и да ја продолжи војната, што економски и на секој друг начин ќе ја одведеше Македонија во хаос и беда на продолжен етнички конфликт. Таа "победа" не беше неопходна и меѓународната заедница се зафати да го деблокира Арачиново по пат на преговори. Така меѓународната заедница покажа поголема подготвеност да учествува во решавањето на кризата. Наскоро, во Македонија пристигна специјалениот представник Ф.Леотар кој активно учествуваше, од името на ЕУ, како трета страна во преговорите меѓу политичките представници на Македонците и Албанците. Меѓународната заедница превзема обврска да го спроведе договореното, а по по тпишуваето на рамковниот договор, НАТО се обврза да го собере доброволно предаденото оружје на ОНА. Меѓународната заедница стана дел од решението.
Иако од денешна перспектива, меѓународната заедница постапи исправно што ја запре офанзивата на централната власт во Арачиново, жално е што речиси никој во Македонија, па ни оние политички струи во власта кои се залагаа за политички дијалог, не беа спремни на толку големи отстапки какви што беа направени со Рамковниот договор во Охрид. Во јули, коментирајќи ги собитијата околу Арачиново, тогашниот министер за одбрана В.Бучковски сеуште гаеше надеж дека поведението на СДСМ во текот на кризата ќе биде соодветно наградено од страна на меѓународната заедница:"Во овој момент тврдам дека позиците на политичките партии на Албанците се многу полоши од позициите на македонските партии, рече тој. Тука пред се мислам на позицијата на Г-ин А.Џафери...
Јас не верувам дека тој, ако и натаму се залага за бинационална држава и консенсуална демократија, ќе ја добие подршката на медијаторите и експертите кои ќе се вкучат во преговорите".31 Се случи со учество на меѓународните преговарачи Ф.Леотар, Џ.Пердју и експерти како Р.Бадантер, на 13 октомври да се потпише Рамковни договор, со кој во голема мерка се напушта концептот на Македонија како национална (унитарна) држава и се воведува консенсуален начин на донесување на одлуки во парламентот. Како што коментираше, амбасадорот Питер Фејт, на Албанците им појде од рака да го интернационализираат конфликтот и да ги доведат во Македонија меѓународните представници, што беше нивна цел. Македонците ја испуштија иницијативата заради тоа што десетина години власта не сакаше да разговара за уставни промени. Се градеше култ кон "граѓанскиот концепт" кој етничките Албанци го чувствуваа како систем кој ги онеправдува.
Кризата и мегународниот фактор. Политката на Бугарија
"Навистина освен четворица Албанци и двајца Македонци-припадници на воената полиција, вчера, целиот парламент ги осуди "вооружените групи екстремисти" и побара странска воена помош. Значи, бунтовниците што дејствуваат во ридовите над Тетово представуваат малцинство. Така кажано не следи дека голем број од македонските Албанци не ги подржуваат нивните цели..., коментираше новинарот на Гардијан(The Guardian), на 19 март, 2001. Тоа беше сосема точна забелешка, бидејќи неколку дена подоцна, лидерот на ДПА, А.Џафери потврди за "Зидојче Цајтунг":"Немам ништо против идеалите на ОНА, но не ги оправдувам нивните средства за реализирање на барањата". Нешто подоцна, еден од раководните членови на опозиционата партија на етничките Албанци, ПДП, М. Несими во интервју за "Актуел"(18 мај,2001) потврди:"Интимно можеби сите Албанци ја подржуваат ОНА и се со неа. Сите други изјави се вистинска демагогија и мижитатара .."
На почетокот од кризата меѓународната заедница, решително и со многу остри зборови го осуди екстремизмот на вооружената албанска герила, иако не превзема чекори за воено ангажирање во кризата, како што тоа го направи во Косово, каде во 1999 режимот на С.Милошевиќ предизвика хуманитарна катастрофа. На 23 март Советот за безбедност на ОН донесе резолуција со која жестоко ги осуди насилствата на албанските екстремисти во Македонија и Југославија и побара "да го вратат оружјето и да се вратат во нивните домови".
Политиката не меѓународната заедница во тоа време се ограничи на вербална осуда на екстремизмот и го повика КФОР да продолжии да го запира неовластеното движење на илегалните пратки на оружје преку границите во регионот. Со Резолуцијата, исто така, се повикаа лидерите на албанската етничка заедница јавно да го осудат насилството и етничката нетолеранција и да го искористат своето влијание за обезбедување на мир. Со оваа резолуција, меѓународната заедница остана приврзена на територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија и ја повика Албанија да ги изолира екстремистите.
На 22 март, Хавиер Солана, Ана Линд и Крис Патен допатуваа во Скопје. Судирот на вооружената албанска герила со централната власт почна да ескалира, се отворија уште неколку нови жаришта во села населени со етнички Албанци, еден полицаец беше тешко ранет додека друг полицаец беше убиен во центарот на Скопје. Според извештаите на дневните весници, македонската армија се подготвувалше за офанзива, која под притисок на високите представници на ЕУ се одложи.
Стратегијата на ЕУ во однос на кризата во март се состоеше во осуда на вооружениот екстремизам на етничките Албанци од Македонија, која можеше да предизвика екстремна реакција на власта, а со тоа продлабочување на судирот и цивилни жртви.Од власта во Скопје се очекуваше контролиран воен одговор, додека врз лидерите на косовските Албанци се вршеше меѓународен притисок за да го осудат екстремизмот. Во исто време се зголеми способноста на КФОР за спречување на инфилтрација на естремистите преку границата меѓу Косово и Македонија.
Истовремено, меѓународната заедница бараше да почнат преговори меѓу Македонците и Албанците од Македонија. На почеток на кризата при посета на Скопје, Х.Солана на конференцијата за печат во Скопје 32 повторно побара што побргу да започнат преговори меѓу легитимните политички представници на македонските и албанските политички партии, со ветување на економска и политичка помош на Македонија за реформи кои ќе и помогнат побргу да стане член на ЕУ. Испраќањето на воени сили на НАТО беше исклучено како опција, што го потврдуваат и зборовите на командант на здружените вооружени сили на НАТО во Европа, американскиот генерал Џозеф Ралстон пред Комисијата за распределба на средствата за одбрана на американскиот Сенат дека конфликтот во Македонија е политички, а не воен проблем и дека дека не би требало да се испраќаат воени сили на Алијансата. Тој изјави дека во поглед на овој судир, Алијансата треба да дејствува непристрасно. Според друг представник на НАТО, владата во Скопје не побарала "такво нешто од НАТО внатре во земјата"33
Во осудата се вкучи и Комитетот на министрите на Советот на Европа со Декларација во која едновремено ги подржа сите напори на релевантните меѓународни организации за унапредување на меѓуетничките односи, зајакнување на демократијата и човековите права. Комитетот во Декларацијата ја повтори својата приврезеност кон неповредливоста на меѓународно признаените граници и кон суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија.
Во април, генералниот секретар на НАТО, Робертсон по посетата на Скопје, ја потврди политиката на пропорционалност, што ја застапува Алијансата, како исплатлива, зошто би се избегнале опасни страсти и одмазда и нов циклус на насилство, а Стејт Департментот го поздрави започнувањето на дијалогот меѓу лидерите на македонските и албанските политички партии "за постигнување широк консензус и унапредување на меѓуетничките односи".34, а државниот секретар на САД, Колин Пауел најави посета на Скопје. Во намера, да го свртат вниманието од конфликтот кон иднината, ЕУ ги покани сите лидери на политичките партии од Македонија на потпишување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Европската Унија, прадвидено за 9 април.
Во контекст на политиката на меѓународната заедница траба да се каже дека Бугарија наполно ја следеше надворешната политика на ЕУ. Имајќи за свој национален приоритет, зачленување во Унијата, бугарските официјални личности "ги изладија" сите надежи на македонските националисти, за воено решение на конфликтот, што Бугарија требаше да го подржи. Бугарскиот премиер Иван Костов, на 1 април во Свиленград го повика македонското раководство да почне преговори, бидејки очекува, во спротивно коалиционата влада да се распадне и кризата да излезе од контрола. "Ја повикувам македонската влада, рече Костов, да не биде заведена од советите за употреба на сила за решавање на конфликтот, бидејќи тоа би значело вовлекување во етнички конфликт, а знаема дека ниедна влада не победила во таков конфликт" изјавил тој, според Дневник од 1 април, 2001.
Веќе во јуни, кога кризата го достигна својот врв, а бројот на жртвите мегѓу војската, полицијата и цивилното население се зголеми, во преговорите се вклучија амбасадорите на НАТО, САД и ЕУ, Ајф,Ајник и Дикинсон (амбасадорот на Англија кој ја представуваше ЕУ). Во исто време, амбасадорот Питер Фејт одржуваше контакти со политичкиот представник на ОНА, Али Ахмети, со цел да се пацифизира вооружениот конфликт, да се убедат водачите на ОНА за распуштање на организацијата и предавање на оружјето.
Воените дејствија на војската и полицијата на Македонија во Липковско-Кумановскиот крај доведоа до преголема деструкција на сопственоста што меѓународната заедница не го одобруваше, а фактот дека герилата ги користи селата за свое утврдување, не помогна многу. Сеуште постоеше надеж дека со политички договор во рамките на единствената македонска држава може да се запре граѓанската војна која сериозно се закануваше. Меѓу политичките представници на Западот постоеше уверување дека низ демократски процес, треба да се направи нешто за Албанците, за да се изолираат екстремистите. Се размислуваше за тоа дека ако се најде начин да им се дадат на Албанците навистина еднакви права, тие да се чувствуваат дома во Македонија која е и нивна татковина, ќе се смалат шансите на вооружената ОНА. Многу е важно за разбирање на улогата на меѓународната заедница во текот на оваа криза да се сфати дека таа заедница, сметаше дека дел од барањата на етничките Албанци се легитимни. Меѓутоа, јунските преговори меѓу локалните лидери со посредство на амбасадорите Ајф, Ајник и Дикинсон пропаднаа, што беше сигнал дека меѓународната заедница и НАТО ќе мораат повеќе да вложат во решавање на кризата. Албанските политички партии на овие преговори излегоа со барања што од страна на етничките Македонци се протолкувани како опасни за територијалниот интегритет на земјата. Тоа беа барања за федеративно уредување; дводомен парламент и право на вето; потпредседател на државата со право на вето; употреба на албанскиот јазик како втор службен јазик и јака локална власт.
Воениот судир во Арачиново покажа дека конфликтот добива сериозни размери, дека може уште повеќе да ескалира и дека е последен момент меѓународната заедница да "влезе" во конфликтот како дел од решението: политички преговори со посредство на Запад и доброволно разоружување на ОНА од страна на НАТО и нејзино распуштање. Посредниците во преговорите Ф.Леотар и Џ.Пардју ги водеа преговорите со двете страни во конфликтот, врз основа на стручен документ што го презентира познатиот франциски правник Робер Бадантер.
Во почетокот на јули, Леотар и Пердју предложија Рамковен документ за уставните и законските промени во Република Македнија. Во документот се утврдени неколку основни принципи: се отфрла целосно и безусловно употребата на насилство за остварување на политички цели; се гарантира суверенитетот, територијалниот интегритет и единството на Македонија; мултиетничкиот карактер на државата треба да најде одраз во јавниот живот и институции; развој на децентрализираната власт; развој локална самоуправа во согласност со Европската повелба за локална самоуправа; рамноправна затапеност на националните заедници во јавната администрација; право на вето на малцинствата кога се одлучува за културните јазичните интереси на малцинствата, но право на вето и кога се донесува закон за локална самоуправа и општински граници итн.
Во истовреме политичкиот представник на ОНА, Али Ахмети излезе со уште поголеми барања кои можеа да го нарушат принципот на единството на државата, но тие не беа прифатени. Тој за "Фигаро"(според Утрински весник од 10 јули), изјави дека кризата може да се надмине со конфедерално решение на државата. Федералниот модел што го заштитуваме е моделот на Швајцарија или Белгија, изјавил Ахмети. Според неговите зборови поделбата на Македонија никогаш не била дел од платформата на ОНА.
Што се однесува до политичката платформа на легалните политички партии на Албанците од Македонија, таа не се разликува многу од онаа на ОНА. Во 1998г. во кннигата "Предизвици за демократијата во мулиетнички држави" А.Џафери ја изложи својата програма и програмата на ДПА во поглед на промените што ги очекува. Таму тој го застапува правото на одговорна самоопределба одн. политичко-територијална автономија на Албанците во Македонија; двонационален и мултикултурен систем; државна формација за албанската заедница; службена употреба на албанскиот јазик и на другите симболи; дводомен парламент; слобода на движење на албанскиот народ, идеи, добра низ албанските територии итн. Овој договор, пишува А.Џафери не бара промена на границите и не се меша во државните и националните интереси на словенските Македонци(според "Македонија денес" од 23 март 2001). Во текот на кризата на 23 март за "Зидојче Цајтунг" Џзфери подвлече дека не знае што бара ОНА, но дека тој се залага за "консенсуална демократија и Албанците да станат еднаков државен народ".
Опозиционата партија на етничките Албанци, ПДП во текот на кризата излезе со идентични барања: албанскиот јазик да добие статус на државен јазик; децентрализација на локалната самоуправа; да се спречи надгласувањето на Албанските представници во парламентот; пропорционална застапеност на Албанците во институциите на системот; легализирање на Универзитетот во Тетово итн.
По неколку драматични месеци во текот на кризата во 2001г., под силен притисок на меѓународната заедница и особено САД, на кои Албанците им беа должници заради интервенцијата на НАТО во Косово, потпишана е Призренската декларација. Со неа, сите три значајни политички актери кај етничките Албанци, А.Џафери,И.Имери и А.Ахмети, ги усогласија позиците. Во Декларацијата се потврдува дека нема територијални решенија како излез од кризата; се почитува територијалниот интегритет на Македонија, но затоа се бара менување на карактерот на државата, се бара гаранција за колективните права на албанската заедница, како службена употреба на албанскиот јазик и другите симболи; децентрализација на власта и право на вето. Медиумите на македонски јазик и јавноста реагираа со потполно неразбирање, недоверба и еднодушно отфрлање на декларацијата, што го одложи мирот за уште неколку месеци.
Некои поуки од кризата
Што го разликува екстремниот, малигниот или агресивниот национализам од партиотизмот и приврзеноста кон нацијата, кога и едниот и другиот потекнуваат од најдлабоките извори на човечките емоции?
Во поновата политичка историја на Балканот, "малигниот национализам" прв го опиша, американскиот дипломат и историчар Џорџ Кенан, во уводот на Карнеги Извештајот за причините и текот на балканските војни од првата половина на 20 век. Зборувајќи за распаѓањето на Југославија, тој вели дека станува збор за нации кои во кратко време добија толку многу-добија независност, и не знаат каде да запрат. Новосоздадените независни држави го подхрануваа, подбуцнуваа, организираа и на крај отворено го подржаа сецесионизмот на своите сограѓани од другата страна на границата, предизвикувајќи со тоа сецесионизам и на крајот војна и нестабилност во регионот. Други авторитети како Даниел Мојнихан("Етницитетот и меѓународната политика") или Вилиам Пфаф("Бесот на нациите") главно го делат мислењето дека "правото на отцепување", кое создаде толку многу главоболки и проблеми во регионот е повеќе политичко отколку прашање на право . Неговата примена зависи пред с¢ од тоа дали нема да предизвика регионална или меѓународна нестабилност.
На индивидуално ниво, разликата меѓу национализмот и патриотизмот мора секој сам да ја најде. Тоа е работа на воспистување, традиција, мерка, цивилизирано однесување и толеранција: да се води сметка за другиот, да не се повреди другиот, да се толерира и да се разбере положбата на другиот.. .Но на глобално ниво, народите на некогашна Југославија покажаа дека го губат чувството за мерка. Политиката и политичарите посегнаа по најдлабоките чувства на луѓето како што е идентитетот и ги употребија во политички цели. Националните малцинства што останаа да живеат по распаѓањето на Југославија во рамките на соседните држави, го злоупотребија своето право на самоопределување, прогласувајќи свои сопствени мини-држави во држава. Тоа во извесна смисла беше провоцирана реакција на националниот егоизам на мнозинството во новосоздадените независни држави, кои немаа многу слух за стравот, загриженоста или за правата на своето малцинство. Така се распадна Југославија пред десет години, а сега истото, но за среќа во помал обем и со помал интензитет се повтори во Македонија. Социјалните проблеми кои Македонија ја потресуваат веќе десетина години, неефикасноста и корумпираноста на државата придонесоа, социјалниот револт да добие етничка форма. 35Кога судирот на националниот егоизам на мнозинството и растечкиот агресивен национализам на малцинството се заканува дека ќе го доведе во прашање територијалниот интегритет на земјата првата реакција на секоја власт е да се обиде со воена сила да го поврати суверенитетот над спорната територија. Во етнички конфликт тешко може да се очекува само воено решение, бидејќи тоа доведува со време до солидаризирање на групата и доколку изостане политички договор на локалните лидери, кризта се усложнува. Обично доаѓа до расцеп на повеќе политички струи кои се обвинуваат една друга за неуспехот.
Вообичаено проблемот со време се сведува на избор меѓу граѓанска војна или мир: една струја во власта не е за преговори с¢ додека не се победат војнички побунетите, додека друга стуја може да преферира паралелна акција: воена и дипломатска. Конфликтот во владеачката структура се проширува на општеството во целина и тоа живее во треска. Доаѓа до хомогенизација по етничка линија, а умерените гласови на разум, се замолчени или наполно маргинализирани.Кризата во Македонија го следи овој горе-долу познат модел на слични конфликти.36 Од моментот кога неколку новинарите на А1 телевизија, беа заробени од вооружените припадници на ОНА во с. Танушевци, на крајот на фебруари 2001, па с¢ до борбите за Арачиново(од 10 до 24 јуни,2001), постоеше сериозна закана дека кризата ќе прерасне во граѓанска војна. Губење на територии и жртвите меѓу припадниците на војската и полицијата го радикализира општеството.37 Мнозинството реагира со висок степен на етничка хомогенизација, додека малцинството ја откажува својата лојалност кон државата во која живее. Употреба на сила од страна на централната власт доведува до уништување на имот и цивилни жртви што го зголемува револтот на малцинството, а пропаѓањето на политичкиот дијалог ги амнестира насилните методи на решавање на проблемите. Во март, новинари од странски медиуми известуваат дека за "селаните и за борците од ОНА ова е самоодбрамбена војна што почна бидејки еден ден македонските сили отидоа предалеку"38.. Според верзијата на сегашниот министер за одбрана кој тогаш беше член на Советот за безбедност на државата, откако е пропуштена шансата "терористите" да се поразат воено, "тие слегле во населените места и околу себе собрале огромна маса на месно население по што се преобразиле во романтично насочени востаници за некакви човекови права.."39
Политичари, новинари, писатели, професори од македонската националност застанаа во одбрана на својата национална кауза. Веќе еднаш бевме сведоци на слична национална хомогенизација кај Србите, Хрватите, Бошњаците, итн., но тоа ништо не помогна. Ако нашите видни креатори на јавното мислење нешто научија од овие војни, е тоа како повешто да водат пропагандната војна, во името на својата кауза. Низ медимите на македонски јазик(тука не можам да зборувам за оние на албански јазик, бидејки не сум ги следела систематски) се излеа невидена количина на цинизам, нетолеранција, неумереност во зборот, омраза, подбуцнување на конфликт. Подгреано е злорадо расположение на "што полошо, толку подобро", за да се докаже дека не можема да живееме заедно. Се произведе во спрега меѓу власта и некои медиуми во создавање на анти-албанско и анти-западно расположение .40 Етничката хомогенизација, го затвори просторот за алтернативно мислење и умерена политичка опција, така што во јавноста се "пропуштаа" само анализи кои одеа во прилог на јакнење на унитарниот карактер на државата(наречен "граѓански") и во прилог на политиката на политиката на "цврста рака". Во такви околности доминираше процената дека кризата е "увезена" од Косово и дека "екстремистите" немаат подршка кај локалното население, што се покажа како неточно. Јавноста остана неподготвена за драматичните промени што ќе следуваат со потпишувањето на Рамковниот договор, ги почувствува како наметнати и реагираше болно на повредата на своето национално достоинство.
Кога општеството ќе се хомогенизира на две непријателски етнички групи, а локалните лидери не се во состојба да дојдат до компромис, многу е веројатно дека конфликтот ќе се прошири во граѓанската војна. Кризата на безбедност во Македонија во јуни кризата влезе во својот зенит и се закани дека ќе ги загрози мировните напори на меѓународната заедница на Косово, ќе предизвка нов бегалски бран, па дури и регионален конфликт. Ширината на воените дејствија и ангажирањето на голем број униформирани лица во Арачино беше момент на одлука. Меѓународната заедница влезе во конфликтот како дел од неговото решавање.Се разбира тоа би било тешко доколку меѓу самите локални политички лидери, не превлада чувството на одговорност за мирот. За време на врвот на кризата, дојде до разидување на политичките партии во власта околу нејзиното решавање. Оние кои беа поумерени бараа воздржување на употребата на прекумерна сила и политички дијалог, додека другата опција која ја застапуваше премиерот и неговите луѓе бараше да се употреби сета воена сила, а потоа да се наметне политичко решение. Меѓународната заедница ја подржа умерената опција и понуди посредување и гаранции за спроведување на политичкиот договор за мирен демократски развој.
Рамковниот договор потпишан во Охрид на 13 август 2001 секако представува компромис. Значи секој се откажа од дел од своите барања. Албанците, како што рече Питар Фејт, човекот кој во името на Алијансата преговараше со ОНА, ги постигнаа своите цели: наметнаа уставни промени и го донесоа НАТО во Македонија.41 Македонските националисти со тоа добија жесток удар. Од друга страна тие го призна територијалниот интегритет, суверенитет и целовитост на Македонија, ОНА се обврза доброволно да го предаде оружјето и да се разоружа. Македонската страна мораше да се согласи на болни промени кои можат да ја дезинтегрираат Македонија. Граѓаните не беа подготвени за она што на крај ќе се донесе како решение и жестоко реагираа на Рамковниот договор од Охрид. Најважните промени во договорот се однесуваат на: правото на вето на Албанците во парламентот; децентрализација на власта; употреба на албанскиот јазик како втор службен јазик во државата и праведна застапеност на етничките заедници во органите на власта и јавната администрација. Меѓународната заедница покажа дека може одлучно да интервенира пред да избие граѓанска војна, инвестирајќи пари и дипломатија за да го обезбеди недостатокот на безбедност на Македонија.
Меѓутоа , како што многу убаво и со големо разбирање и сочувство рече посредникот во преговорите Франсоа Леотар за "Утрински весник"(од 27 септември,2001г.), "спогодбата на хартија не е доволна. Вистинско заемно признавање е неопходно за заедниците да можат да живеат заедно, без оглед на разликите кои ги спротивставуваат или ги раздвојуваат. Делата мора да следуваат по зборовите". Во тоа е тешкотијата. Војната ја продлабочи недовербата и нетрпеливоста меѓу Македонците и Албанците. Првите чекори кон "делата" се мачни, непријатни, тешки, со многу колебања и опструкции. Недостасува добра воља, но нема друг пат, освен повторно мизерија во која води секој воен конфликт. Една од возможните последици на овој "политички земјотрес" е јакнењето на националниот самочувство кај етничките Албанци, а како реакција на тоа ќе се отвори кај Македонците потребата од јакнење на нивниот сопствен национален идентитет. Тоа нема да биде безболно. Иако дочекана на нож од некои сликари и ликовни критичари како "петпарачка изложба, проткаена со партиски афинитет", изложбата на Родољуб Анастасов,"Македонски иконостас-12 апостоли на ВМРО" каде еден до друг се наредени портретите на "левите" и "десните" легенди на ВМРО, без сомнение е еден од знаците дека допрва се отвораат спорните прашања од историјата и идентитетот на Македонците42.
Забелешки
[1] Рамковниот договор го потпишаа лидерите на двете најголеми политички партии на Македонците и двете политички партии на Албанците од Македонија: Љупчо Георгиевски (ВМРО-ДПМНЕ), Бранко Црвенковски(СДСМ), Арбер Џафери(ДПА) и Имер Имери(ПДП).
2 Способноста одлучно да се интервенира не подразбира дека во донесувањето на одлуките немало проблеми. Во интервјуто за "Форум", од 14.12.2001г. амбасадорот на ОБСЕ во Македонија, Крејг Џенес вели:"Немам никакво сомневање дека меѓународната заедница правеше грешки и јас лично правев некои грешки. Една од грешките коишто се направија е оставениот впечаток дека меѓународната заедница е накаква монолитна суперструктура која што секогаш знае што сака и што прави. А всушност, се работи за многу различни личности коишто потекнуваат од десетица различни земји, кои ги имаат истите човечки слабости како и овдешните луѓе. Значи нема сомневање дека имаше работи кои може многу подобро да бидат направени.."
3 Дневник од 26 октомври 2001 г. ги цитира зборовите на генералниот секретар на НАТО, Џ.Робертсон на дебатата на Алијансата со новинари од неколку македонски медиуми(без новинари-Албанци):" Децата не можете да ги храните со Устави. Време е од Уставот да поминете на леб и путер",рекол Робертсон.
4 Во Утрински весник од 29 октомври 2001, се изнесени податоци дека индексот на сиромаштијата пораснал на 40% .Тој расте и кај високообразованите и според минатогодишните податоци, достигна 3,7% што е пораст од 2,3% во однос на 1997г. Во земјата има 500 000 сиромашни лица, а околу 77 000 семејства се корисници на социјална помош во висина од 1 700 денари или околу 25 евра. За потрошувачката кошница, во која би се нашле основните животни продукти, едно семејство треба да издвои 11 000 денари, а просечната плата е некаде околу 10 000 денари. Буџетскиот суфицит во меѓувреме се претвори во огромен дефицит од 80 милиони денари. Според изјавите на Н.Груевски, министер за финансии во владата на Љ.Георгиевски, З.Крстевски, вицепремиер во истата влада и Н.Николовска, професор, донаторската конференција за Македонија треба да ја покрие пред с¡ е дупката во платниот билананс од 80 милиони долари. Според Груевски, покрај тоа, парите од донаторската конференција ќе бидат потребни за реконструкција на оштетените објекти и за имплементација на Рамковниот договор(Актуел, 7 декември, 2001)
5 Во текстот:"Македонија станува земја на гладни луѓе", објавен во "Утрински весник", од 14 декември 2001, новинарот А.Стевковска изнесува званични податоци дека вкупниот збирен индекс на релативната сиромаштија во Македонија од 1997 до 2000 се движи вака: во 1997 тој е 19,0; во 1998 тој е 20,7; во 1999 тој е 21,0 а во 2000 тој е 22,3. Индексот на длабочина на сиромаштијата од 4,6 во 1997 достига во 2000г , 6,0.
6 Според изјавата на советникот во владата, проф.Трајко Славески, објавена во "Утрински весник" од 14 декември 2001. Во "Дневник" од 20 септември 2001, Д-р Славевски изнесува податок дека со неодамнешниот ребаланс на државната каса, министерството за одбрана добило наместо планираните 123 милони марки, 317 милиони марки повеќе или 440 милиони марки. На министерството за внатрешни работи, кое има мирнодопски буџет од 147 милиони марки, сега има дозвола да потрши 267 милиони марки одн. 120 милиони марки екстра средства. Тој ги критикува овие министерства дека се однесувале многу нерационално во трошењето на средствата.
7 "Утрински весник" од 17-18 ноември,2001, известува дека македонскиот парламент на својата седница на 16 ноември, по тринаесетчасовна дебата, во еден часот по полноќ со 94 гласа за и 13 против, ги усвои измените во Уставот, што произлегуваат од Рамковниот договор. Новинарот на Утрински весник, О.Војновска пишува:"...самиот чин беше далеку од свечен. Напротив, атмосферата во парламентот и во пленарната сала, без нималку претерување, беше траурна. Беше толку очигледно дека пратениците воопшто не беа среќни што ги притиснаа зелените копчиња, впрочем киселиот израз на нивните лица говореше за тоа како без расположени. Некои од пратениците во задните редови, во моментот кога Трајковски(председателот на државата) се појави во салата, извикаа, уа предавник!"
Индикативно е да се забележи дека на годишното обраќање на председателот Трајковски, на 21 декември,2001г. во Собранието, салата беше полупразна. Новинарката на "Утрински весник" ,О.Бојновска забележува дека паднало во очи одсуството на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ; дека некои пратеници од оваа партија му се подсмевале, му дофрлале и дека во целина атмосферата во салата била многу непријатна.
8 Изјаваи на Х.Солана и Џ.Робертсон, пренесени од страна на "Утрински весник" од 17-18 ноември, 2001г.
9 "Поразена, ранета и посрамена, Македонија се поготвува за избори..", го започнува својот коментар , главниот уредник на најтиражниот дневен весник на македонски јазик, "Дневник", Б.Геровски. Речиси во целокупниот печат на македонски јазик превладува истото чувство дека е Македонците доживеале пораз, срамота, понижување.
Во истиот весник, на пример, не само во уредничките коментари, туку и во информативните текстови, не се пропушта да се соопшти несогласувањето на редакцијата со политиката на државниот врв и меѓународната заедница. ("под уцена на меѓународната заедница" е една од најчестите фрази)
Во уводникот на Актуел(18 мај, 2001) уредникот Ј.К.Кртолица ја обвини НАТО алијанската за пристрасност:"Првиот човек на НАТО алијансата, во чии прегратки растеше ОВК и се изроди ОНА.."
10 Пред пристигнувањето на НАТО мисијата во Македонија:"Жетва", се создаде такво анти-западно и анти-НАТО расположение, што не случајно група млади луѓе, ја каменуваше колоната на НАТО војници, при што загина англискиот војник Иан Колинс.
11 Во текстот:"Албанците во Македонија живеат најдобро на Балканот" објавен во Утрински весник од 31-1 април 2001г., нвинарот Г.Дувњак изнесува повеќе показатели. Учеството на албанската популација во администрацијата бележи нагорен тренд. Во 1993 етнички Албанци во администрацијата имало 3%, додека тој број денес достига близу 10%. Во Републичкиот судски совет, од седум члена, двајца се Албанци. На последните локални избори, од 123 општински центри, во 26 за градоначалници се избрани Албанци, а голем е бројот на општинските совети во кои мнозинството го сочинуваат советници од албанските партии.
Од вкупниот број запишани ученици во основните училишта во учебната 2000-2001г. ,30,41% се Албанци или 77 479 ученици кои се распоредени во 2986 класи. Во средните училишта, бројот на учениците Албанци изнесува 15 302 или 17% кои учат во 450 класи. На факултетите во Македонија, меѓу останатото благодарение на "позитивната дискриминација", се зголемува бројот на студентите од албанска националност, а расте и бројот на весници, списанија и книги на албански јазик.
12 Според "Актуел" од 14 септември, 2001, новинарката Ј.Дуковска во текстот:"Досие Македонци и Албанци" пишува дека според анонимни извори во 1990г. на една средба во Охрид тогашниот председател К.Глигоров на некои од тогашните албански политичари од Македонија им ветил културна автономија, но дека ветувањето никогаш не било исполнето. Самиот К.Глигоров во објавените мемоари, "Македонија е с¢ што имаме" потврдува дека Албанците упорно настојувале да им се определи во уставот позиција на "конститутивен народ" "изразувајќи незадоволство особено за оние предложени уставни решенија кои за некој степен беа, така да речам под нивото на поранешните, особено оние на уставите од 1974.."
13 Во Интервјуто за Актуел од 8 јуни 2001г, еден од учесниците во создавање на "Република Илирида" Мирхад Емини, изјави дека барањето за територијално-политичка автономија на Албанците во Македонија не беше барање за отцепување на Албанците, туку барање за рамноправност и нивно подобро вклучување во системот на државата.
"Странците и официјалните лица од Тирана ни рекоа, "не", ми раскажуваше многу подоцна еден од креаторите на "Илирида", кој сакаш да остане анонимен.
14 Полицијата ја спроведуваше одлуката на Уставниот суд, дека истакнување на албанско знаме на зградата на општината, е спротивно на одредбите на Уставот на Македонија од 1991г.
15 При една од посетите на Тетово во текот на кризата, Ван Дер Штул, високиот комесар за права на малцинствата на ЕУ изјави дека меѓу припадниците на ОНА има многу студенти од неформализираниот универзитет во Тетово. Во друга пригода, Мирхат Емини во интервјуто за Актуел од 8 јуни 2001, рече за кризата:"Јас тука гледам првенствено елементи на социјален бунт, тие млади луѓе горе се првенствено невработени, бесперспективни, разочарани.."
Во интервјуто за Актуел од18 мај 2001г., доскорешниот секретар на партијата на етничките Албанци, ПДП, Махи Несими пишува:""..вооружениот конфликт помеѓу Албанците и македонската власт е одраз на со децении акумулираното незадоволство на Албанците од нивната сеопшта положба. Представува израз на незадоволство, на незадоволството кое извира од срцето, од дното на душата. Ова незадоволство е општо, сенародно.."
16 На седница на македонското собрание на 18 март донесена е декларација со која се осудени "вооружените групи екстремисти". Осудата беше подржана не само од ДПА на А.Џафери, туку и од опозиционата албанска партија ПДП на И.Имери
17 Во "Пулс" од 9 март се објавени неколку изјави на представниците на парламентарните партии. Г.Спасов од СДСМ се заложи за политичка и воена интервенција во соработка со меѓународната заедница. Н.Зибери од ПДП се заложи само за политички средства во решавање на кризата и изјави дека состојбите околу Танушевци премногу се драматизираат.
М.Тачи од ДПА изјави дека во Македонија немало и ќе нема етничко чистење.
18 "Утрински весник" од 27 март, 2001г.ја пренесе оваа изјава на портпаролот на владата А.Милошовски
19 Д-р Љ,.Фрчковски, поранешен министер за одбрана и внатрешни работи, а во тек на оваа криза советник на председателот, во Дневник од 24-25 март пишува:"Ако им го скршиме р'бетот на оваа качачка братија...може да биде почеток на процесот на распаѓање на албанскиот милитаристички екстремизам..Навистина, што чекаме..На сите им треба брза победа..Но најважна и политички најзрела фазапо победата над терористите треба да биде политичката понуда за разговори меѓу политичките субјекти во Македонија не меѓуетнички план..
20 "Војската пука со топови, а од другата страна има само куршуми, а можеби и гранати" изјавил И.Имери, според "Утрински весник" од 23 амрт, 2001, текст:"Партиските лидери по средбите со европската тројка".
21 На 10/11 март дневниот весник "Македонија денес" објави на целата прва страница "Ова е веќе војна". "Изминатите 24 часа, известува новинарот М.Ѓуровски, е нанесен тежок удар врз македонските вооружени сили и врз полицијата. На граничната линија кај Брест, Кодра Фура и Танушевци се води војна..ситуацијата засега не може да се стави под контрола и поради избивање на жариште кај селото Брест, па постои стравување за проширување на вооружениот конфликт долж македонско-југословенската граница кон Косово. Државното раководство е во паника и е изненадено"
22 Во интервјуто за "Дневник" од 26 септември 2001, францускиот амбасадор во Македонија Жан Франсоа Терал изјави :"Пресвртот дојде некаде во мај. Тоа се случи кога како одговор на надворешната агресија македонската војска одговори со многу силни воени средства, односно бомбардираше македонски села. Според нашите процени кои се совпаѓаат со процените на другите, оттогаш составот на ОНА беше: 25% луѓе однадвор, одн. надворешни агресори, а остатокот се состоеше од македонски Албанци кои им се придружија"
Ова го потврдува и сегашниот министер за одбрана, Д-р В.Поповски кој според "Утрински весник" од 15-16 декември изјави дека за неуспехот е виновно дезертерство кај војската на почетокот на кризата, а потоа било доцна зошто терористите влегле во населените места и околу себе собрале огромна маса на месно население "што се преобразиле во романтично насочени востаници за некакви човекови права".
23 "Општо е чувството, пишува уредничката на Актуел, Ј.Кочовска-Кртолица, дека Македонија има влада составена од мака, под притисок на оружјето и бандите на ОНА, под силен притисок на Вашингтон и Брисел и како резултат на мошне чудно изродената идеа на премиерот, кој наводно ги распаметил странците дека има намера да побара воведување на воена состојба ",( Актуел од18 мај 2001)
24 според министерот за одбрана Д-р Владо Поповски во "Утрински весник" од 15-16 декември, 2001.
25 Според "Актуел" од 8 јуни 2001г. премиерот Георгиевски изјавил:"Се плашам дека нема да помине еден месец, а Македонците ќе размислуваат дека тоа не е толку лоша идеа". За А1 телевизија академикот Никола Кљусев, член на ВМРО-ДПМНЕ изјави: дека политичкиот врв со воодушевување ја прифатил идеата за размена на луѓе и територии и дал согласност таа да се пушти во јавноста.
26 Како карактеристично го цитираме мислењето на Мирхад Емини, еден од лидерите на ПДП, за Актуел од 8 јини,2001г. дека ако сакаат оние од МАНУ и нивните истомисленици да се разделат со Албанците, "Албанците нивната карта и делба нема да ја прифатат".
27 Актуел, 31 август, 2001. Во истиот неделник од 31 август, 2001 во текстот "Досие, паравојска на македонски начин", се објавуваат податоци од странски информативни служби за организирање на паравоени формации, чие јадро го сочинуваат приврзеници на ВМРО-ДПМНЕ. Во декември на прес конференцијата на ОБСЕ И ЕУ, шефовите на мисиите К.Фолерс, К.Џенес и А.Лероа, упатија критика до единицата "Лавови" како фактор на дестабилзација и "непотребни за безбедноста"..Тие бараа расформирање или оддалечување на формацијата "Лавови" од кризните жаришта.
28 Во интервјуто за "Зум", од6 јули 2001г. советникот за политички прашања на Џорџ Робертсон, амбасадорот Даниел Спекхард, зборува за број од 450 "добро организирани и дисциплинирани" "екстремисти"на ОНА во Арачиново
29 Според Актуел од 29 јуни, 2001
30 Iнтервју за "Зум", Даниел Спекхард, советник за политички прашања на генералниот секретар на НАТО, Џорџ Робертсон
31 Интервју со Владо Бучковски во "Актуел" од 29 јуни, 2001г
32 "Утрински весник коментира" дека ова била пета средба на Солана со македонските политичари за само десетина дена(вторник, 27 март, 2001)
33 Според "Дневник"("Нема албански проблем туку има албански екстремизам") од 23 март 2001г. анонимен представник на НАТО во Бирисел изјавил во врска во воена интервенција на НАТО во Македонија дека, владата во Скопје не го побарала тоа.
34 Според "Утрински весник" од 5 април, 2001
35 "Македонците се уште не се во состојба да се оттргнат од минатото, па и од сегашноста на добивање поткуп и корупција од Албанците: за една лична карта, еден пасош, еден извод на родените, но и на умрените, за запишување на новороденче, за возачка дозвола, за запишување на факултет, за запишување во средно училиште, за операција за многу други нешта.."пишува Махи Несими во интервју за "Актуел" од 18 мај 2001
36 Министерот за одбрана во седмиот кабинет на Л.Георгиевски, Владо Поповски, инаку досегашен член на Советот за безбедност при неодамнешна посета на Кавадарци ги обвини тогашниот министер за одбрана и началникот на генералштабот за "раштиманост" во соработката меѓу војската и полицијата. Тогаш,според него Македонија не го искористила решително целиот воен капацитет на одбрамбените сили и тоа во време кога меѓународната заедница ја подржуваше владата. Според негова процена, меѓународната заедница ни дала два-три месеци да се реши воено конфликтот, но државата не покажала способност да го направи тоа, заради неподготвеност и исплашеност на Министерството за одбрана, а полицијата не можела сама да влезе во акција. Покрај тоа. В.Поповски ги обвинува 250 "шкорпиони", одн. припадници на оваа специјална единица, за дезертерство заради тоа што "речиси целосно ја преспале кризата" преку систем на боледување, а затаиле и голем број други професионалци кои една деценија примале плата за не дај боже, а кога завршила кризата тие повторно биле на платниот список. Тој исто така изјави дека судирот на војската и полицијата во времето на владата на широката коалиција, околу начинот на кој треба да се одговори на кризата, е уште една причина повеќе за губење на територија и "етничко чистење на Македонците" од таму.
37 Се проценува дека вкупниот број на жртви на двете страни е околу 200. Тоа се слободни проценки за албанската страна(ОНА), додека на македонска страна, до момент на пишување на оваа анализа, загинаа 63 припадници на силите за безбедност и 16 цивили. Во момент на врв на кризата имаше околу 100 000 раселени луѓе.
8 П.Вуд , ББС, во текстот:"Знаци за можна ескалација на насилство", објавен во "Македонија денес", 10/11 март 2001
39 Според изјавата на министерот за одбрана, Д-р Владо Поповски дадена при посета на Кавадарци, а објавена во Утрински весник, декември 2001г.
40 Тука ќе наведам само неколку карактеристични примери: телевизија А1 предизвика скандал обвинувајќи го началникот на Генералштабот на Армијата на Македонија дека издава податоци на ЦИА, кои завршуваат во рацете на "терористите". "Изворот" е член на Советот за одбрана на Републиката, што зборува за судир на концепции внатре во ова највисоко тело за прашањата на безбедноста. Скандалот досега не доби епилог, но началникот на Генералштабот, поднесе оставка и ја ја тужи А1.
Втор приемер е "случајот Арачиново". Започна така што сите дневни весници и телевизиски куки објавија "информација" дека НАТО им помогнал на "терористите" да се повлечат од Арачиново, близу Скопје, за да прикријат дека во редовите на ОНА има 17 американски инструктори. Во тој момент власта (портпаролите на владата, војската и полицијата) не ги дементираа овие тврдења. Тоа го направи неколку месеци подоцна, истиот портпарол на војската, кој во меѓувреме доби функција на советник на председателот на републиката).
Трет карактеристичен пример е информацијата" дека НАТО со хеликоптери им фрла оружје на "терористите". Оваа "информација" исто така, не е демантирана од страна на македонските власти, во момнтот не нејзиното јавување, туку многу подоцна.(С.Пендаровски, советник на председателот не републиката, на форумот : "Македонија и НАТО" во организација на Евроатланскиот клуб, демантира дека имало 17 Американски советници меѓу ОНА во Арачиново како "најголем виц"; потоа во врска со фрлањето контејнери на ОНА од страна на НАТО рече:"неверојатно е како сите поверуваа во контејнерската епизода.."(цитирано според Утрински весник од 1-2 септември" 2001)
Во текстот: "Расправа за вистината и заблудите на јавноста и политичарите околу НАТО", новинарот на Утрински весник, С.Јовановска(Утрински весник од 1-2 септември 2001) ги наведува исказите на тогашниот министер за одбрана од СДСМ, Д-р Владо Бучковски дека пропаѓал од срам кога во германскиот парламент, каде бил гостин, му ги цитирале изјавите на портпаролот на владата на Л.Ѓеоргиевски околу мисијата на НАТО во Македонија."Некој создава мислење дека војниците на НАТО се непријатели на Македонија, а потоа не нив фрлаат со камења". "На оваа, досега јавно не-чуена про-НАТО дебата", коментира новинарката на "Утрински весник", советникот на председателот на републиката, С.Пендаровски изјавил дека кредибилитетот на НАТО во земјата е нарушен како резултат на манипулациите и неточните информации, бидејки "нема доволно храбар политичар во земјава кој ќе излезе и ќе каже дека НАТО е наш пријател, а не непријател".
41 Дневник од 26 октомври 2001 ги премесува зборовите на П.Фејт:" Тие немаат што повеќе да бараат. Тоа ми го кажа Ахмети, кој вас(Македонците) ве направи да изгледате лошо. Албанците се смееја кога видоа со какви проблеми се судираат Стојан Андов и другите политичари.."
42 Сликарот Родољуб Анастасов во едно од своите интервјуа по повод изложбата, рече дека ги насликал портретите на инкримираните Тодор Александров и Ванчо Михајлов бидејќи се бореле за самостојна и обединета Македонија како Гоце Делчев, Пере Тошев, Ѓорче Петров и другите "апостоли" на ВМРО и дека е потребно национално помирување. На оваа изјава реагираше исторчарот Иван Кантарџиев дека не може да има национално помирување меѓу убијци и жртви(Радио Дојче Веле од 2 декември 2001).