Stephan E. Nikolov
Senior Fellow Researcher at the Bulgarian Academy of Science, Institute of Sociology and Assistant Professor the Neofit Rilski Southwestern University Blagoevgrad(Dept. of Law and History)

1. М. Малеска: Господине Николов, уште во 2001/2002 во првиот број на NBP објавивте текст“The Bulgaria obsession: Macedonia in the 20th century Bulgarian Politics“. Изминаа 13 години оттогаш. Дали сè уште Македонија е опсесија на бугарската политика? Кои се денес приоритетите на Бугарија? Со што е перокупирана нејзината политика и каде се наоѓа на нејзината агенда интересот за Македонија?

Последните надворешно-политички изјави на досегашната бугарска влада пред да се појави притисокот од масовните протести во државата јасно покажаа дека Македонија продолжува да и биде таква опсесија. Токму така, откако односот кон современите Македонци, наметнат како догма, е само како кон луѓе коишто си го заборавиле своето бугарско потекло и коишто еден убав ден “ќе се вратат“ како блудниот син. За жал, таквата позиција ја споделуваат и научници, особено историчари, коишто се придржуваат догматски кон концептот за непроменливост на етничкиот идентитет, при тоа со корени длабоко во антиката и наспроти историските пресврти, а коишто доведуваат до долги прекини и недостиг на државност – без сомнение најмоќниот фактор на создавање на нацијата, потоа потпаѓање под силно влијание од соседни држави, што од време на време владеат со териториите и населението, кое сега влегува во составот на двете држави, како и континуирано сожителство со многу различни етноси (племиња, народи), религии, култура. Мал е просторот за да ги разработам овие ставови, но ако се ограничам само на односите на Република Бугарија, како и на бугарските заедници зад границата, можам да го наведам недостигот на доследност, робувањето на долгогодишни предрасуди и стереотипи, како и на коњунктурни причини, вклучувајќи тука дури и партиски. Бугарската политика кон Република Македонија се гради во голема мерка, макар и со половина уста, преку колебливо сфаќање дека станува збор за речиси „втора Бугарија” и за бугарска заедница неправедно отсечена од „мајка Бугарија”. Тоа предизвикува взаемна недоверба е секако го попречува развојот на односите помеѓу Софија и Скопје – стопански, културни, политички. Од друга страна, заедно со ограничените ресурси на Бугарија, оваа хаотична политика им штети и на бугарските заедници на други места во светот, особено во Украина, Молдавија, Србија, каде што тие се побројни, но и на новите емигранти од последните децении (според различни оценки се работи за приближно еден милион Булгари во активна возраст), кон кои Бугарија се однесува како маќеа и доведува до целосно и неповратно прекинување на нивните врски со Бугарија и до затворање на перспективите за враќање во државата која западна во сериозна демографска криза.

2. М. Малеска: Колку е силен денес антимакедонизмот во Бугарија и кои се неговите носители? За што е потребен тој денес и кому му служи?

Не го сакам терминот „македонизам” и никако не ми се допаѓаат поимите коишто почнуваат со „анти-”. Ситуацијата во бугарско-македонските односи – тука не ги земам предвид само политичките, туку и културните и меѓучовечките – е резултат и последица од сложените историски процеси на Балканот низ вековите. Ниту античките Македонци се создавани со калап, за да се претворат во современи Македонци, ниту Тракијците и Словените мирно чекале од некаде да дојде коњицата на Аспарух, па со радост да се откажат од јазикот и од идентитетот и да се претворат во денешните Бугари. Така не учеа и се уште така не учат учебниците по историја и да не е трагично, тоа би било навистина смешно. Ретко може да им се случи на други народи браќата и братучедите да се спротивстават едни на други во војна. Тука таквите примери има многу. При тоа се работи не за мобилизирани војници, туку за полковници и генерали – едните со еполети и под ознаките на едната држава, е другите – на другата. Тоа не се алхемиски производи од некоја пеколна лабораторија, туку живи луѓе, што си ги помнат родителите и дедовците, имаат заеднички имоти – но се нашле на двете страни на границата и си ги замениле наставките на презимињата, па дури и целите презимиња. Дали сте слушнале дека некој Грк станал Турчин или Бугарин (да, можеби има индивидуални примери, најчесто заради некоја жена, но како што велиме ние социолозите, тоа статистички е занемарливо). Ако појдеме да бараме кој погрешил, кој е предавникот или дезертер – никаде нема да стасаме, како што впрочем и сме се заглавиле во ќорсокак. Сите овие „анти” и сите ѓаволски стереотипи и предрасуди поврзани со нив им се потребни на политичарите, за кои е важен денешниот ден, сегашните избори, искористувањето на коњунктурата. Тие се само за внатрешно-политичка употреба.

3. М. Малеска: Интересна е Вашата приказна за тоа како сте ја запознале и засакале Македонија. Преку литературата?

За зло или за добро – а јас сум убеден дека е за добро – многу, ако не и мнозинството Бугари имат роднини Македонци – дали од Благоевград (Горна Џумаја), Банско или Петрич, дали преселници од Солун, Драма, Кукуш, Скопје, Охрид... На секојдневно меѓучовечко рамниште – а според мене тоа е автентичното, неизменетото, што опстанало во текот на политичките и историските пресврти – никој не ги сфаќа како „туѓи”, „други”, не-Бугари. Сепак, нормално е во овој контекст да се додаде нешто и за бујниот македонски карактер, но тоа не излегува од рамките на стереотипизираните регионални етнографски карактеристики – како што се „жена врачанка”, „перничанец”, „циција како габровец” и т. н. Не може да се споредува со јасната разлика што постои кон „другите”, со коишто заедно живееме на заедничка територија и дури често се наши роднини како што се Ерменците, Евреите, Гърите (дојдени како политички емигранти после граѓанската војна во Грција), прилично бројните „руски снаи” што ги доведоа оние што работеа и учеа во бившиот СССР (при тоа без оглед дали се работи за Русинки, Украинки или дури Узбекистанки), а во помала мера – доста успешно „мимикрирани ” Власи и Каракачани.
Јас немам крвни врски со кој и да било од „Македонците” – така се стекнале околностите. „Македонка” е жената на брат ми, но на ист начин можела да биде плевенчанка или од Бургас – незнајни се патиштата на љубовната алхемија. Мајка ми е од едно село сосема близу до Софија, сега веќе во границите на градот, а татко ми од Цариброд, којшто од 1919 г. се наоѓа во Србија (Кралството СХС, Кралството Југославија, ФНРЈ, СФРЈ...) сега официјално се вика Димитровград. Оваа околност доведе до тоа уште како мал да ја осознаам смислата и проклетството на апстрактниот поим „државна граница”. Сакам да речам, сосема сме „Шопи” – составен и неоспорен елемент на бугарското етничко и лингвистичко семејство, наспроти обидите на некои големосрпски географи и етнолози да ги вклучат Шопите во категоријата „источни Срби”.
Со Македонија се сретнав уште како 9-10 годишник, кога мајка ми ме поведе со себе на службен пат во Благоевград. Не се сеќавам речиси ништо за градот, освен за хотелот кој во духот на тогашната политичка коректност имаше неприродно име „Волга”. Но затоа пак силно запомнив еден концерт на младиот Државен ансамбл за македонски песни и ора (подоцна „македонски” беше исфрлен од името – за да не донесе можеби некакви сепаратистички влијанија).
Јас сум момче од град, дома многу и не слушавме народна музика, дури и скромните обработки што беа емитирани на радио ретко ме привлекуваа да ги слушам. Дали затоа што за мене беше новина да гледам и слушам концерт во сала, со осветлување што се менува и со рефлектори, гласна жива музика, тапани, гајди, некои прилично невообичаени инструменти како на пример зурлите, или пак причината беше нешто друго, но мене ме плени. Го запаметив кадифениот леко дрезгав глас, на тогаш младиот Илија Аргиров и сето тоа е втиснато во моите највпечатливи детски спомени.
Моја втора, уште повпечатлива средба што го оформи мојот дух беше со творбите на Димитар Талев и особено неговиот „Железен светилник”. Сета моја претстава за бугарската (не се плашам од тој збор) Преродба ја добив токму од таму – не од учебниците и книгите по историја и не од друг роман за тоа време. Ми остави длабок впечаток, бев поразен и стресен од битот, обичаите, традициите и правилата – од патријархалното семејство, но не и сосема патријархално заради силната улога на најстарата жена во семејната заедница, кодот на честа на градскиот еснаф, од црковниот канон, кој опфаќаше сè, од правилата за зографисување на црквата до грешната љубов меѓу младите бунтовници... А ликовите, силните ликови на Лазар Глаушев, Султана, Катерина, Нија, Рафе Клинче, на замисленото гратче Преспа – всушност сосема реален приказ на Прилеп, родното место на Талев и многу сроден и близок на десетици балкански гратчиња што се будат – Копривштица, Карлово, Битола, Кукуш, Призрен, Мостар... Силно го доживеав и филмот „Иконостасот”, снимен според романот. Според моќта на влијанието врз моето оформување како личност и за мојата претстава за Балканот, романите на Талев можам да ги споредам единствено со оние на Иво Андриќ.
Но уште потрагичен и полн со симболика е фактот – нешто што го дознав многу подоцна и што сосема се впиша во мојата целосна слика – дека Талев ги пишува тие романи како преселник во градот Луковит, далеку од родните Пелагонија, Вардар, Шар Планина, коишто никогаш нема да ги види до крајот на својот живот. Уште повеќе, само случајот или провидението – зависи кој како го разбира – го поттикна да ги напише тие зашеметувачки страници. А уште колку би можел да забележи на белиот лист хартија, ако не беше заточен во работниот логор „Куцијан” од бугарските комунистички власти заради „големобугарски шовинизам”. Според потресните записи на еден од логорашите, нормите били претешки за него, бидејќе бил со слаба телесна конструкција и физички неподготвен за тешка работа со лопата и копач. Тој бележи дека другите логораши, кои многу добро знаеле кој е Талев, ја исполнувале неговата норма, за да не умре од исцрпеност или од куршум на садистичкото обезбедување, како што се случувало со други „гнили интелектуалци”. Една ноќ логорашите биле кренати да растовараат вагон со јаглен. Немало осветлување. Наеднаш лопатата на авторот удрила во нешто меко. Кога раскопале, го нашле Талев затрупан под јагленот и за чудо еден логораш-лекар успеал да му го спаси животот.
Имав среќа да ја посетам Македонија, како федеративна југословенска република, уште како ученик. Тоа беше мое прво патување во странство. Кога автобусот се паркираше во Скопје, ја загледав таблата на улицата. Во првиот момент ме стресе – во странство сум, а името бугарско. Но не... не `Братя Миладинови`, туку `Браќа Миладиновци`... тоа малечко „ќ” со одвај видливо опавче одгоре ми ја преврте претставата, набрзо разбрав оти се тоа истите личности од портретите во моите учебници, но сепак поинакви... Како и повеќето мои врсници до тој момент ја сфаќав Македонија како неразделен дел од Бугарија, во атласот ја цртав картата на Бугарија заедно со Македонија... Од тој момент повеќе не. А всушност најдобро за сите нас ќе биде кога границата ќе исчезне и проблемот за идентитетите и лојалноста ќе остане само продукт на сопствените убедувања и разбирања на секој од нас.

4. М. Малеска: Зошто ѝ е потребно на Бугарија признавање на бугарско малцинство? Што се очекува од таа политика? Нели е вообичаено да се бара реципроцитет: признавање на македонско малцинство во Бугарија?

Цврсто сум убеден дека заради границите меѓу балканските држави, кои се вештачки наметнати и произволно преместувани, немало можност од двете страни на границата да не останат делови од народот чиешто мнозинство е од другата страна на границата, и покрај болните процеси за присилни или договорени размени на населението. Технички, особено после Првата светска војна, кога речиси дефинитивно се оформуваат современите граници на Бугарија, помала е веројатноста дека компактни маси српско, грчко или романско население останале во Бугарија, бидејќи по силата на меѓународните договори границите се преместувани за сметка на териториите со кои пред тоа владеала Бугарија, но општиот принцип е валиден.
Поспецифичен е случајот со Македонците. СЛЕДНАТА РЕЧЕНИЦА НЕ Е ЈАСНА: Кога Бугарија станала држава кон крајот на ХIХ век, како и кон крајот на Првата светска војна, како во меѓународно-правните документи, така и според Бугарија, Србија и Грција, коишто после Балканските војни си ја делат оспоруваната територија, во своја полза, но не како правни наследници на државна единица што постоела претходно наречена Македонија. Тоа население во Бугарија е именувано како Бугари, во Грција – како Грци и во Србија – како Срби, со сите последици за конкретните лица како што се ограничувањата за работа, забрана за користење на јазикот што тие си го зборувале, потоа отворен терор, истраги, протерувања, фрлање во затвори и логори и дури намерно ликвидирање особено на непокорните.
После Втората светска војна настапува специфична и дури невообичаена ситуација. Бугарија во 1946 година станува Република, што не го менува нејзиниот статус на правен наследник на држава (Царство Бугарија), сојузник на Германија, Италија и Јапонија кои се победени во војната („Оската” Рим, Берлин и Токио). Во текот на 1941-44 година според спогодбата со Рим и Берлин бугарската војска и цивилните чиновници се испратени во деловите на Југославија и Грција што ги окупирал Вермахт. Конкретно во Македонија, која дотогаш е јужносрпска бановина на Југословенското кралство, започнува процес на „ребугаризација”. Кога се извлекоа бугарските единици и по разместувањето на југословенската партизанска војска, Македонија (нејзиниот вардарски дел) добива статус на една од шестте републики, составен дел од народна (подоцна социјалистичка) Југославија. Зборот „българин” (б’лгарин или бугарин) добива лошо значење, синоним за фашист и окупатор, а оние кои упорно се самоидентификувале како Бугари биле угнетувани и иследувани. Но она што предизвика најмногу интерес е тоа дека сосема идентичен процес, директно насочуван од БКП и МВР, се одвива во југозападна Бугарија: на југ од произволно нацртана линија нешто посеверно од Благоевград, населението без Циганите, Турците и бугарските муслимани, административно е преименувано како Македонци. Тајните архиви што беа откриени во последните години содржат потресни докази за отпорот против погоре споменатото „самоопределување” – искази и поплаки од месни партиски секретари и милициски началници, дека на една страна партиските членови, макар и не секогаш по своја волја се потчинуваат на директивите и инструкциите, на друга страна нечленовите на партијата масовно одбиваат да бидат запишувани како Македонци, дури и откако се тепани или истерувани од работа. Учениците се жалат дека тешко разбираат што им зборуваат учителите што биле испратени од Македонија, немало задоволителен број претплатници на „Нова Македонија”, а весниците на киосците останувале без купувачи. Има куриозитети како случајот со рускиот емигрант белогардеец од град Сандански којшто бил запишан како Македонец единствено затоа што не припаѓа на исклучоците што биле наведени во инструкциите. Едновремено, бегалците од Грција заради граѓанската војна што се декларирале со бугарски идентитет, без оглед на искажаната желба, биле товарени во камиони и предавани на југословенските власти, а после Информбирото биле испраќани што е можно подалеку – во Прага, Варшава и дури во Ташкент, само не во Бугарија.
Тоа сe фактите од автентичните документи, кои никако не можеле да бидат фалсификувани, бидејќи биле доверливи и долги години биле заклучени во тајните архиви. Факт е исто така дека таа политика се формира под строга контрола (тука дури и не зборувам за диктат од Москва и Белград, за што е доказ драстичната промена на таа политика кога се скараа Сталин и Тито, па во еден од новите маршеви во којшто се пее за Тито, Сталин, Димитров, името на првиот се испушта) на Г. Димитров, Антон Југов, Владимир Поптомов. Овие тројца, чијашто власт високо ги надминуваше нивните формални партиски и државни должности, по потекло се Македонци во согласност со утврдените критериуми, но не е зачуван ниту еден документ каде што своерачно се потпишале поинаку освен како Бугари. За обичните луѓе од Пиринско дури до 1960 година, кога настапи нова етапа на поактивна „ребугаризација” и многу поцврста политика кон малцинствата, во личните карти постоеше тогаш графа „националност” и задолжително се запишуваше „Македонец”. Потоа, исто така задолжително, се запишуваше „Бугарин”. На пример, таков Македонец беше покојниот професор Живко Ошавков, основоположник на модерната бугарска социологија (роден во Дебар во 1913 година, починал во Софија 1982 година).
Ако треба накусо и јасно да го формулирам моето лично мислење како научник и граѓанин, проблемот за етноидентификација е прашање на избор на секого од нас, избор, којшто се потпира на средината – пред сè на семејната, т. е., на меморијата на родот. Можни се и субјективни убедувања – има доволно примери кога една единка, независно од своите секундарни полни/сексуални одлики, искажува силна склоност кон карактеристичното однесување на спротивниот пол. Но во никој случај не смее повеќе да се дозволува „одгоре” – а уште помалку од надворешни сили – да се наложува на цели групи од населението и на секој граѓанин поодделно каков да биде неговиот или нејзиниот идентитет. Што се однесува на конкретните рамки на прашањето – да, дури да има и само еден човек во Бугарија, кој себе си се смета за Македонец, тој безусловно треба да има право да го изрази тоа и во никој случај не смее да се врши какво било влијание врз неговите права на човек и граѓанин. Истото важи за секој еден Бугарин во Македонија. Но за голема жал, и двете влади, во Софија и Скопје, се прилично далеку од слично разбирање и претпочитаат да играат на етничката карта.
Реципроцитетот претпоставува балансиран приод, воспоставен врз взаемно уважување и разбирање – емпатија! На Балканот, за голема жал и со сите тешки последици од тоа, овој приод е сè уште непознат и дури се отфрла како „туѓ на традициите”! Пред некое време се судривме одново со овој проблем кога се појави извесна надеж за решавање на тешкиот косовски проблем помеѓу Приштина и Белград. Основната причина за неуспехот е откажувањето на Приштина да го прифати барањето за целосна политичка автономија на четирите српски општини на Северно Косово, каде што мнозинство се Србите – или поточно, да им се даде законодавна и извршна власт во областа на правосудството и внатрешните работи и на сето тоа одгоре – под строга контрола од Белград. По тој повод еден од најекспонираните водачи на Бугарите во Босилеград Иван Николов (не ми е роднина!) прокоментира: „Си замислувате ли што ќе се случеше, ако некој побараше судиите и шефовите на полицијата во Босилеград и Цариброд да се назначуваат од Софија?! Знам што ќе се случеше (нема да не соберат српските затвори), но не знам каков е тој политички морал - да бараш за себе тоа што не сакаш да го дадеш на другите!? Затоа мислам дека Србите на Косово треба да добијат токму толкави права колку што Белград им дал на Бугарите во Србија”. Можам да додадам уште еден сосема нов детаљ – во вакви околности српските власти ги укинаа местата за гласање на бугарски граѓани на парламентарните избори за 12 мај оваа година надвор од бугарската амбасада во Белград и во генералниот конзулат во Ниш.

5. М. Малеска: Во текстот што го споменав, Вие зборувате за истражување на НЦПОР, според кое повеќето граѓани на Бугарија немаат јасна претстава за организацијата ВМРО. Каква е сега ситуацијата? Како се објаснува феноменот на постоење на македонско малцинство во Бугарија и на негови организации, без оглед на бројот?

Во моментов партијата ВМРО – Бугарско национално движење (ВМРО-БНД) е јасно профилирана политичка структура, иако не спаѓа во главните политички играчи во Бугарија. Во неколку наврати успева да добие неколку пратеници во коалиција со други партии. Нејзиниот лидер Красимир Каракачанов ефективно се справи не само со своите конкуренти за позицијата, туки и наспроти претензите за поврзаноста со историската ВМРО и особено со Тодор Александров и Ванчо Михајлов да ги отстрани сите оние што беа поврзани со таа организација или нивни потомци, како што беа Иван Татарчев, Рајна Дрангова, Стојан Бојаџиев и други. Наспроти своите претензии за нешто повеќе, партијата има позиции главно во локалната власт во целата држава, вклучувајќи и гадоначалници во некои помали населби. Внатрешните кризи, отцепувања, разобличувањето на Каракачанов како соработник на државната безбедност, како и неговата подготвеност да влезе во власта во коалиција со БСП и со крвниот непријател – „турската” ДПС доведоа до тоа „Атака” да го преземе местото на ВМРО-БНД како основна националистичка партија. Често пати ВМРО-БНД се поврзува со организации со екстремно десни и неонацистички гледишта и дејности, како што се Бугарскиот национален сојуз (БНС) и огранокот на меѓународната неонацистичка организација „Крв и чест”. Јавно, раководството на ВМРО-БНД категорички се дистанцира од националсоцијалистичката идеологија, изјавувајќи дека во суштина тие се патриоти. Но, антиевропските и ксенофобични изјави на Каракачанов и особено на советникот во софиската општина Ангел Џамбаски за излегување од НАТО и ЕУ, протерување на „странските монополи”, иселување на „Циганите” конкурираат на реториката на Волен Сидеров. ВМРО-БНД и „Атака” не можеа да се договорат за заедничка националистичка платформа за предвремени парламентарни избори на 12 мај оваа година. Додека „Атака” е големиот добитник од протестниот бран во државата и веројатно ќе добие 25-30 пратеници во новиот парламент, ВМРО-БНД ќе продолжи како вонпарламентарна партија.
Во својата суштина ВМРО-БНД е партија низ целата држава и едновремено – антимакедон(истич)ка по својот карактер. Во 1990 година ВМРО-БНД (тогашната ВМРО-СМД) ги поддржа излегувањето на Република Македонија од југославенската федерација и нејзината независност. Но таа цврсто стои на позициите дека Република Македонија не е ништо друго освен неправедно одделена од бугарската територија, дека Македонците се Бугари, а македонскиот јазик не е ништо друго освен дијалект на бугарскиот. Таа одржува врски со сродни организации во Република Македонија, како што се ВМРО-Татковинска на Димитар Црномаров и ВМРО-Охрид на Владимир Паунковски. Но, основната определба на оваа партија е насочена кон отфрлање на какво било споменување на македонското малцинство во Бугарија, а уште помалку негово признавање, како и за забрана не само на какво било политичко претставување на лицата и заедниците со македонска самосвест, па дури и на културни форми на дејност.

6. М. Малеска: Има ли економски интереси зад барањето за добрососедски односи?

Добрососедските односи помеѓу две држави во својата суштина се пред сè стопански. Тоа важи особено за сегашната ситуација и е приоритет кога се работи за релативно мали и сиромашни држави. Бугарија го нема потенцијалот ниту на Грција, која пак исто така не спаѓа во позначајните стопански субјекти во Европа, а во последните години е тешко погодена од финансиската криза. Доколку под „економски интереси” се подразбира настапување на бугарски компании, сериозни инвестиции или експлоатација на македонски економски ресурси и природни богатства, тоа не може да се случи. А и не се случило веќе над 20 години откако Република Македонија е независна држава. Стоковната размена е незначителна, инвестициите и заедничките економски проекти се занемарливи. Тажен симбол за состојбата на економските односи со Република Македонија е железничката линија Софија – Скопје, чијашто изградба не е поместена од мртва точка меѓу Ѓуешево и Крива Паланка и покрај достапните европски пари. Не одговара на потребите и патот: заедно со граничната контрола според стандардите од минатиот век („сите со багажот надвор”) автобусот ги поминува оние 220 километри помеѓу Софија и Скопје за пет часа, несфатливи за Европа во ХХI век.
Современата држава располага со незначителни можности да влијае врз економската активност, вклучувајќи ја и надворешната трговија и заедничките производни зафати. Пред сè од приватните економски интереси зависи дали ќе се реализираат заедничките производства, настапот на пазарите на трети држави, трговската размена, движењето на работната сила и туристичките текови. Не недостасуваат можности во овој поглед имајќи ги предвид блиските економски карактеристики и заеднички или комплементарни гранки (земјоделство, производство на храна, производство на вино, туризам, градежништво). Сериозни пречки за развој на економската соработка е недостигот или лошата траспортна инфраструктура, политичката несигурност и напластените предрасуди, како и корупцијата, бавната државна бирократија и неефикасниот судски систем. Сè на сè, дилемата е дали ќе биде надвладеано стравувањето од взаемна конкуренција и дали ќе се открие взаемната корист.

7. М. Малеска: Како гледате на изјавите за постоење бугарофобија во Македонија? Бидејќи повеќе пати сте доаѓале во Македонија, на кој начин сте почувствувале дека има предрасуди кон Бугарите, доколку ги има?

Јас лично не сум се судрил непосредно и директно со пројави на бугарофобија, ако се изземе еден обид на македонски колеги да не ми биде дозволено да напишам статии за Македонија и Македонците за една американска енциклопедија. При тоа, не затоа што не сум експерт или сум покажал некакво предубедување или пристрасен однос, туку затоа што сум Бугарин – т.е., речиси е сквернавење Бугарин да пишува за Македонија. Тоа е недозволено за академски пристап. Проблемите што останале од минатото, често пати спротивставените толкувања на едни исти настани нема да бидат надминати наскоро и нема да се изнајдат ниту заеднички објаснувања за нив. Но токму интелектуалците, но и бизнисмените, не треба да ја чекаат таа неопределена иднина. Битно е дека присуството на бугарски и македонски претставници на меѓународни форуми не е повод за тензии и неподготвеност да се седне на иста маса, одбивен однос кон формулации коишто се сметаат за неприфатливи за другата страна. Секогаш велев – факот дека можеме да се разбереме во доволна мерка без посредство на трет јазик или преведувач е огромна предност, во никој случај не пречка за комуникација. Се разбира дека ме боли и не е природно кога еден филм или литературно дело сè уште може да предизвикаат потреси на највисоко ниво во меѓудржавните односи. Исто така, кога во Македонија Бугарин е синоним за фашист, окупатор, „Татарин” – воопшто, навредлив збор, како и во Бугарија – Македонец („маке”) и Македонија. Не можеме вечно да се извинуваме дека тој јазик на омразата е карактеристичен за фудбалски навивачи и хулигани, за недоволно образовани и заслепени националисти.
Нека ми биде дозволено да завршам со неколку извадоци од текстот на брат ми Калин Николов, посветен на нашиот дедо – еден од оние десетици илјади жртви на геополитичките спротивставувања, судири и на промени на границите. Не затоа што ми е дедо, туку точно како пример за тоа дека дури и во најмачните времиња и предизвици, наметнатите страдања не смее да прераснат во омраза кон „другиот” – којшто заради моментната состојба е непријател или угнетувач. Убеден сум дека многумина со сигурност во овој опис ќе го препознаат “колективното паметење на сопствениот род исполнето со трауми, толку типично за Балканот, каде речиси нема човек чиишто дедовци не ги поднеле најтешките последици на воено-политичките судири, етнички чистки, асимилации и раселувања – сето она што е влезено во меѓународната политичка и политолошка лексика како „балканизација”.
„Кога дедо (Стефан Николов Стаменов - Баронот) почина, во летото 1978 година, мислам дека сите со потекло од Цариброд (Во 1919 година според Нејскиот договор Цариброд е предаден на новосоздаденото Кралство на Срби, Хрвати и Словенци. Во 1949 година со указ на Ј.Б.Тито е преименуван во Димитровград во чест на Г. Димитров, но малкумина од оние што се поврзани со овој град го именуваат така. Во последните децении, и покрај барањата на месното население изразени преку референдум, поранешното име на градот не е вратено. м.б., СН) што живееја во Софија дојдоа да го испратат. Тоа беше долга врвулица од народ, потомци, блиски и далечни... Тогаш слушнав нешто од татко ми, кога примаше сочувства: „Таква е нашата судба – да легнеме во туѓа земја.” Софиска и бугарска, но едновремено и емигрантска, не онаа родната, над гратчето... Всушност тоа беше судбината на многу од тие луѓе, како што го снајде и синот на поп Апостол, Анта Апостолов. Огорчен од политичката реалност, поранешниот раководител на партизанскиот одред „Момчил војвода” си купил едно место покрај Калотина, од каде што можел да го гледа својот роден крај, недостапен за него и таму умрел осамен ...
Парадоксот беше дека и во туѓа земја дедо не бил оставен спокоен. Добивме едно зачудувачко писмо, никој он нас не беше слушнал за такво нешто! “Во согласност со потврдата за наследници број 1780 од 10 август 1987 година, Стефан Николов Стаменов е погребан незаконито во парцела 14, ред 6, гроб 7, бидејќи тој не е наследник од прв ред. Потребно е во најкус рок да се извади и премести... Началник на управата : Харизанова, техн. раководител Иванова”.
Татко ми, збунет, отишол во Општината Софија за да побара заштита и неочекувано некој го запрел – „Не сте ли вие еден од синовите на Стефан Николов?” Почнале разговор. Човекот разбира дека доаѓаме за помош за да го „откопаме” таткото и го чита неверојатниот документ – уште не поминала ниту една седмица од погребот. Луто и разгневено влегува некаде. По некое време носи решение дека првиот социјалистички кмет на неколку најстари реони на главниот град може да биде оставен на мир, па и во гробот, бидејќи Софија ги презема сите трошоци што ги направиле наследниците... Се покажа дека уште постои разум! При тоа странски, софиски, за разлика од оној на будниот роднокраец... Туѓата земја, но сепак бугарска, ја сведна главата пред заборавениот, но сепак достојно запаметениот човек. Можеби затоа се и зборовите, дека никој не е пророк во своето родно место?
Се чува и уште едно слично писмо. Не бил примен во редовите на организацијата на активните борци против фашизмот во Бугарија. Категорично е одбиен бидејќи неговата дејност била оценета како незадоволителна. Ако се има предвид дека токму бугарските антифашисти се една измислица, којашто во голема мерка си поверувала самата на себе си, неговото отсуство таму може од временска дистанца да се смета единствено како чест и признание за чесност.
Раскажаната историја може да потсети на непријатни, жестоки години, но исто така и на ретко достоинствени луѓе. Историјата на Бугарија никако не смее да го занемари политичкиот подвиг на Б. Павловиќ (Божидар Павловиќ – српски околиски управник на Цариброд и околината. Кога во почетокот на октомври 1932 година – случајно, точно 20 години пред да се родам – после еден терористики акт – експлозија на пеколна машина во возот за Белград - околу 1000 тамошни Бугари биле уапсени. Дедо ми и уште еден Бугарин, пратеник во српскиот парламент, како најистакнати претставници на месното население, биле испитувани од двајца полковници, кои им се заканувале со смрт доколку не ги предадат терористите. Офицерите ги игнорирале обидите на Павловиќ да го запре самоволието. Во текот на ноќта успеал да се поврзе со председателот на Владата Живковиќ во Белград, којшто наредил истрагата да се префрли во граѓанска постапка, што спасило многумина од неминовен прогон. б.м., СН), без чиешто залагање ќе имаше жртви меѓу луѓето од логорот во Жељуша. Овој Србин, вистински Европеец, работите на Балканот не ги гледаше како однапред исцртани од дивото срце на разни шовинистички претстави и националистички подбуцнувања. Тој не ги сметал за решенија со методи на челична тупаница, т.е. со крв и смрт...
Слично на повеќето имиња од овој расказ, според некои од нив беа именувани градови и села, фабрики и улици, а потоа беа избришани некаде сосема заслужено, некаде пак неправедно, со потценување кон сè што направиле. Сепак, има и такви што треба да се запомнат и кои едноставно нема да бидат заборавени, дури и тогаш кога густата магла околу нас зборува поинаку ...
Се надевам дека дедо ќе биде токму таков човек.”

 

Превод од бугарски на македонски јазик:

Д-р. Марија Коробар- Белчева