Врати се Назад                            Основна Страна

 

 

Европска Конвенција за заштита од мачење и нечовечко или понижувачко постапување или казнување

 

 

 

Државите членки на Советот на Европа, потписнички на оваа Конвенција,

Имајќи ги предвид одредбите на Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи;

Потсетувајќи дека според членот 3 од таа Конвенција, "никој не можеда биде изложен на мачење и нечовечко или понижувачко постапувањили казнување";

Констатирајќи дека лицата кои се сметаат за жртви на повредите на членот 3 може да се повикаат на механизмот наведен во таа Конвенција;

Уверени дека заштитата на лицата лишени од слобода од мачење и нечовечко или понижувачко постапување или казнување би можела да биде засилена со несудски средства од превентивен карактер, прекупосети на затворениците,

Се согласија за следното:

 

Глава И

 

Член 1

 

Се формира Европски комитет за заштита од мачење и нечовечко или понижувачко постапување или казнување (во натамошниот текст: "Комитет"). Преку посети, Комитетот врши увид во постапувањето со лицата лишени од слобода со цел, доколку е потребно, да ја засили нивната заштита од мачење и нечовечко или понижувачко постапување или казнување.

    

Член 2

    

Секоја Страна одобрува посети, согласно оваа Конвенција, на местата што се под нејзина јурисдикција каде лицата се лишени од слобода од страна на властите.

    

Член 3

    

При примената на оваа Конвенција, Комитетот и надлежните власти на Страната во прашање меѓусебно соработуваат.

    

Глава ИИ

 

Член 4

    

1. Бројот на членовите на Комитетот е еднаков на бројот на Страните.

2. Членовите на Комитетот се избираат меѓу личности со висок морал, познати по својата компетентност во областа на човековите права или  личности кои имаат професионално искуство во областите што се предмет на оваа Конвеција.

3. Во Комитетот не може да членува повеќе од еден државјанин на иста држава.

4. Членовите учествуваат во работата на Комитетот во лично својство, тие се независни и непристрасни во вршењето на своите овластувања и се подготвени ефикасно да ги исполнуваат своите функции.

    

Член 5

    

1. Членовите на Комитетот ги избира Комитетот на Министрите на Советот на Европа со апсолутно мнозинство гласови, од листата на имиња изготвена од Бирото на Советодавното собрание на Советот на Европа; националната делегација во Советодавното собрание на секоја Страна предлага тројца кандидати, од кои најмалку двајца се нејзини државјани.

2. Истата постапка се применува и при пополнување на испразнетите места.

3. Членовите на Комитетот се избираат за времетраење од четири години. Тие можат да бидат повторно избрани само уште еднаш. Сепак, кога се работи за членови именувани при првиот избор, функциите на тројца членови престануваат по истек на две години. Членовите чии функции престануваат по завршувањето на почетниот период од две години се определуваат со ждрепка што ја спроведува Генералниот секретар на Советот на Европа веднаш по завршувањето на првиот избор.

    

Член 6

    

1. Комитетот расправа зад затворена врата. Кворумот го чини мнозинството на неговите членови. Одлуките на Комитетот се донесуваат со мнозинство гласови на присутните членови, освен во случаи кога се преминуваат одредбите од членот 10, параграф 2.

2. Комитетот донесува свој Деловник.

3. Секретаријатот на Комитетот го обезбедува Генералниот секретар на Советот на Европа.

    

Глава ИИИ

 

Член 7

 

1. Комитетот организира посети на местата наведени во членот 2. Освен повремени посети, Комитетот може да организира секаква друга посета којашто, според негово мислење, ја бараат околностите.

2. Посетите, по правило, ги вршат најмалку двајца членови на Комитетот. Ако оцени дека е потребно, Комитетот може да побара помош од експерти и преведувачи.

 

Член 8

 

1. Комитетот ја известува владата на Страната во прашање за својата намера да изврши посета. По таквото известување, Комитетот е овластен да ги посети местата наведени во членот 2 во кое било време.

2. Секоја Страна е должна на Комитетот, заради извршување на неговата задача, да му овозможи:

      а) пристап на нејзината територија и движење без никакви ограничувања;

      б) добивање секакви податоци за местата каде што се наоѓаат лицата лишени од слобода;

      в) посета, по сопствена желба, на сите места во кои се наоѓаат лицата лишени од слобода, што подразбира и право на непречено движење во внатрешноста на тие места;

       г) добивање секакви податоци со кои Страната располага што му се потребни на Комитетот за извршување на неговата задача. При барањето на тие податоци, Комитетот води сметка за правните прописи и професионалната етика што се применуваат во односната земја.

3. Комитетот може да разговара со лицата лишени од слобода без присуство на сведок.

4. Комитетот може слободно да стапи во контакт со секое лице за кое смета дека ќе му даде корисни податоци.

5. Доколку е потребно, Комитетот на лице-место им ги соопштува забелешките на надлежните органи на Страната во прашање.

    

Член 9

    

1. Во исклучителни околности, надлежните органи на Страната во прашање можат да го одбијат барањето на Комитетот за посета во време што тој го предвидел или на определено место што Комитетот има намера да го посети. Таквото одбивање може да биде само од причини на национална одбрана или јавна безбедност или поради сериозни нереди во местата во кои лицата се лишени од слобода, поради здравствената состојба на определено лице или поради итно сослушување во врска со тешко кривично дело.

2. При такви одбивања, Комитетот и Страната веднаш се консултираат со цел да ја разјаснат ситуацијата и да постигнат спогодба за мерките што ќе му овозможат на Комитетот да ги извршува своите функции што е можно побргу. Таквите мерки можат да опфатат префрлување на друго место на секое лице коешто Комитетот има намера да го посети. Во очекување на остварувањето на посетата, Страната ќе му ги достави на Комитетот податоците за секое лице во прашање.

    

Член 10

    

1. По секоја посета, Комитетот подготвува извештај за утврдените факти, водејќи притоа сметка за сите забелешки што евентуално ќе ги достави заинтересираната Страна. Комитетот и го доставува на Страната својот извештај кој ги содржи препораките што тој ги смета за потребни. Комитетот може да се консултира со Страната со цел, и доколку тоа е потребно, да даде сугестии за подобрување на заштитата на лицата лишени од слобода.

2. Доколку Страната не соработува или доколку одбие да ја подобри положбата врз основа на препораките на Комитетот, со двотретинско мнозинство на своите членови и откако ќе и биде дадена можност на Страната да се произнесе, Комитетот може да одлучи да даде јавна изјава во врска со тоа прашање.

    

Член 11

    

1. Информациите што Комитетот ги добил во текот на определена посета, неговиот извештај, како и неговите консултации со страната во прашање се доверливи.

2. Комитетот го објавува својот извештај, како и секаков коментар на Страната во прашање, ако таа тоа го побара.

3. Сепак, ниту еден податок од лична природа не може да биде објавен без изрична согласност на заинтересираното лице.

 

Член 12

 

Секоја година, Комитетот му доставува на Комитетот на Министрите, водејќи притоа сметка за прописите на доверливост предвидени во членот 11, општ извештај за своите активности, којшто потоа му се доставува на Советодавното собрание и се објавува.

    

Член 13

    

Членовите на Комитетот, експертите и другите лица кои му помагаат, во текот на нивниот мандат и по неговиот истек, подлежат на обврската да ја чуваат тајноста на фактите или податоците до кои дошле при извршувањето на нивните функции.

    

Член 14

    

1. Имињата на лицата кои му помагаат на Комитетот се наведуваат во известувањето од членот 8, параграф 1.

2. Експертите работат според упатствата и надлежностите на Комитетот. Тие треба да располагаат со знаења и искуство од областа што е предмет на оваа Конвенција, а се должни да ги почитуваат истите обврски за независност, непристрасност и подготвеност како и членовите на Комитетот.

3. По исклучок, определената Страна може да изјави дека некој експерт или друго лице кое што му помага на Комитетот не може да присуствува при посетата на место што е под нејзина јурисдикција.

 

Глава ИВ

 

Член 15

 

Секоја Страна му ги доставува на Комитетот името и адресата на надлежниот орган кој е овластен да ги прими известувањата упатени до неговата влада, како и името и адресата на секој службеник за врска што може да го назначи.

    

Член 16

 

Комитетот, неговите членови и експертите наведени во членот 7, параграф 2, ги уживаат привилегиите и имунитетите наведени во анексот на оваа Конвенција.

    

Член 17

    

1. Со оваа Коневенција не се повредуваат одредбите од внатрешното право или меѓународните спогодби со кои се обезбедува поголема заштита на лицата лишени од слобода.

2. Ниту една одредба на оваа Конвенција не може да се толкува како ограничување или укинување на надлежностите на органите на Европската конвенција за човековите права или на обврските преземени од Страните врз основа на таа Конвенција.

3. Комитетот нема да ги посетува местата што претставниците или делегатите на Заштитничките сили или на Меѓународниот комитет на Црвениот Крст редовно ги посетуваат врз основа на Женевските конвенции од 12 август 1949 и Дополнителните протоколи од 8 јуни 1977 година.

 

Глава В

 

Член 18

 

Оваа Конвенција можат да ја потпишат државите членки на Советот на Европа. Таа е предмет на ратификација, прифаќање и одобрување. Инструментите за ратификација, прифаќање и одобрување се депонираат кај Генералниот секретар на Советот на Европа.

    

Член 19

 

1. Оваа Конвенција стапува на сила првиот ден во месецот по истекот на период од три месеца од датумот на кој седум држави членки на Советот на Европа ќе дадат согласност за почитување на Конвенцијата според одредбите од членот 18.

2. За секоја држава членка која потоа ќе даде согласност за почитување на Конвенцијатта, истата стапува на сила првиот ден од месецот по истекот на период од три месеца од датумот на депонирањето на инструментот за ратификација, прифаќање или одобрување.

 

Член 20

 

1. Во моментот на потпишувањето или во моментот на предавањето на својот инструмент за ратификација, прифаќање или одобрување, секоја држава може да ја (ги) наведе територијата или териториите на кои оваа Конвенција ќе се применува.

2. Во секој друг момент потоа, секоја држава може, со изјава доставена до Генералниот секретар на Советот на Европа, да ја прошири примената на оваа Конвенција на секоја друга територија наведена во изјавата. Конвенцијата стапува на сила по однос на таа територија првиот ден од месецот по истекот на период од три месеца од датумот на приемот на изјавата од Генералниот секретар.

3. Секоја изјава дадена врз основа на двата претходни параграфа може да биде повлечена, по однос на секоја територија наведена во неа, со официјално известување упатено до Генералниот секретар. Повлекувањето стапува во дејство првиот ден во месецот по истекот на период од три месеца по датумот на приемот на известувањето од Генералниот секретар.

 

Член 21

 

Одредбите на оваа Конвенција не подлежат на никакви резерви.

 

Член 22

 

1. Секоја страна може, во секој момент, да ја откаже оваа Конвенција со официјално известување упатено до Генералниот секретар на Советот на Европа.

2. Откажувањето стапува на сила првиот ден од месецот по истекот на период од дванаесет месеци по датумот на приемот на известувањето од Генералниот секретар.

 

Член 23

 

Генералниот секретар на Советот на Европа ги известува државите членки на Советот на Европа за:

      а) секое потпишување;

      б) предавањето на секој инструмент за ратификација, прифаќање или одобрување;

      в) секој датум на стапување на сила на оваа Конвенција согласно нејзините членови 19 и 20;

      г) секој друг акт, известување или соопштение во врска со Конвенцијата, освен за мерките наведени во членовите 8 и 10.

Како потврда на ова, долупотпишаните, прописно овластени за таа цел, ја потпишаа оваа Конвенција. о Стразбур, 26 ноември 1987, на француски и англиски јазик, со тоа што обата текста се еднакво веродостојни, во еден единствен примерок што ќе биде депониран во архивите на Советот на Европа. Генералниот секретар на Советот на Европа ќе има достави заверени копии на сите држави членки на Советот на Европа.

    

П Р И Л О Г

 

Привилегии и имунитети (член 16)

1. За целите на овој Прилог, во листата членови на Комитетот се опфатени експертите наведени во член 7, параграф 2.

2. Во текот на вршењето на нивните функции, како и при патувања заради вршење на тие функции, членовите на Комитетот ги уживаат следните привилегии и имунитети:

      а) имунитет од апсење или притворање и заплена на нивните лични работи, а по однос на изговорените или напишани зборови и сите акти што ги извршуваат во официјално својство,-имунитет од секаков вид судско гонење;

      б) ослободување од секакво ограничување на нивната слобода на движење: излегување и враќање во нивната земја на живеење и влегување во и излегување од земјата во која ги вршат своите функции, како и од сите формалности за пријавување на странци во земјите што ги посетуваат или низ кои поминуваат при вршењето на нивните функции.

3. Во текот на патувањата заради извршување на нивните функции, на членовите на Комитетот, во однос на царинските формалности и контролата на девизите, им се одобруваат:

       а) од нивната влада, истите олеснувања коишто им се признаваат на високите функционери кои престојуваат во странство во привремена официјална мисија;

      б) од владите на другите Страни, истите олеснувања коишто им се признаваат на претставниците на странски влади во привремена официјална мисија.

4. Документите и исправите на Комитетот се неповредливи, доколку се однесуваат на активностите на Комитетот. Службената преписка и другите службени соопштенија на Комитетот не можат да бидат задржувани или цензурирани.

5. Со цел, на членовите на Комитетот да им се обезбедат целосна слобода на изразување и целосна независност во извршувањето на нивните функции, нивниот имунитет од судско гонење заради изговорени или пишани зборови или секакви акти што ги направиле во извршувањето на нивните функции, продолжува дури и по престанокот на нивниот мандат.

6. Привилегиите и имунитетите им се одобруват на членовите на Комитетот, не заради нивна лична корист, но со цел да се обезбеди сосема независно извршување на нивните функции. Единствено Комитетот има право да ги одземе имунитетите; тој не само што има право, туку има и обврска да му го одземе имунитетот на некој свој член во сите случаи кога по негово мислење, имунитетот би бил пречка правдата да биде извршена и кога имунитетот може да биде одземен без да и се нанесе штета на целта за која е одобрен.

 

ПРОТОКОЛ Бр. 1

кон Европската конвенција за заштита од мачење и нечовечко или понижувачко постапување или казнување

 

Државите членки на Советот на Европа, потписнички на овој Протокол кон Европската конвенција за заштита од мачење и нечовечко или понижувачко постапување или казнување, потпишана во Стразбур на 26 ноември 1987 година (во натмаошниот текст: "Конвенција"),

Оценувајќи дека е потребно на државите кои не се членки на Советот на Европа да им се овозможи, на покана на Комитетот на Министрите, да и се приклучат на Конвенцијата,

Се согласија за следното:

 

Член 1

 

Параграф 1 од член 5 на Конвенцијата се дополнува со следниот став:

"Во случај на избор на член на Комитетот како претставник на држава која не е членка на Советот на Европа, Бирото на Советодавното собрание ги повикува парламентот на односната држава да предложи тројца кандидати, од кои најмалку двајца се нејзини државјани. Комитетот на Министрите го врши изборот по консултации со заинтересираната Страна".

 

Член 2

 

Членот 12 на Конвенцијата гласи:

"Секоја година, Комитетот му доставува на Комитетот на Министрите, водејќи притоа сметка за правилата на доверливост предвидени во членот 11, општ извештај за своите активности, кој им се упатува на Советодавното собрание, како и на секоја држава не-членка на Советот на Европа потписничка на Конвенцијата, и се објавува".

 

 

 

Член 3

 

Текстот на членот 18 од Конвенцијата странува параграф 1 на истиот член и се дополнува со следниот параграф 2:

"2 Комитетот на Министрите на Советот на Европа може да ја покани секоја држава не-членка на Советот на Европа да и се приклучи на Конвенцијата".

 

Член 4

 

Во параграф 2 од членот 19 на Конвенцијата, зборот "член" се брише, а зборовите "или за одобрување", се заменуваат со "за одобрување или приклучување".

 

Член 5

 

Во параграф 1 од членот 20 на Конвенцијата, зборовите "или одобрување" се заменуваат со "за одобрување или приклучување".

 

Член 6

 

1. Воведната реченица од членот 23 на Конвенцијата гласи:

"Генералниот секретар на Советот на Европа ќе ги извести сите држави членки и секоја држава не-членка на Советот на Европа-страна на Конвенцијата за:"

2. Под буквата б од членот 23 на Конвенцијата, зборовите "или за одобрување"; се заменуваат со "за одобрување или приклучување";.

 

Член 7

 

1. Овој Протокол е отворен за потпишување за државите членки на Советот на Европа потписнички на Конвенцијата, кои можат да ја изразат својата

согласност да се обврзат со:

      а) потпишување без резерва при ратификација, прифаќање или одобрување; или

      б) потпишување под резерва при ратификација, прифаќање или одобрување, проследено со ратификација, прифаќање или одобрување.

2. Инструментите за ратификација, прифаќање или одобрување се депонираат кај Генералниот секретар на Советот на Европа.

 

Член 8

 

Овој Протокол стапува на сила првиот ден од месецот по истекот на период од три месеца од датумот на кој сите Страни во Конвенцијата ќе изразат согласност да бидат обврзани со Протоколот, согласно со одредбите од членот 7.

 

Член 9

 

Генералниот секретар на Советот на Европа ги известува државите членки на Советот на Европа за:

      а) секое потпишување;

      б) депонирањето на секој инструмент за ратификација, прифаќање или одобрување;

      в) датумот на стапувањето на сила на овој Протокол, согласно со членот 8;

       г) секој друг акт, известување или соопштение во врска со овој Протокол.

Како потврда на ова, долупотпишаните, прописно овластени за таа цел го потпишаа овој Протокол. Во Стразубр, 4 ноември 1993, на француски и на англиски јазик, со тоа што обата текста се еднакво веродостојни, во еден единствен примерок што ќе биде депониран во архивите на Советот на Европа. Генералниот секретар на Советот на Европа ќе им достави заверени копии на сите држави членки на Советот на Европа.

    

ПРОТОКОЛ Бр. 2

кон Европската конвенција за заштита од мачење инечовечко или понижувачко постапување или казнување

    

Државите потписнички на овој Протокол кон Европската конвенција за заштита од мачење и нечовечко или понижувачко постапување или казнување, потпишана во Стразбур на 26 ноември 1987 (во натамошниот текст: "Конвенција").

Уверени во потребата да им се овозможи на членовите на Европскиот комитет за заштита од мачење и нечовечко или понижувачко постапување или казнување (во натамошниот текст: "Комитет") да бидат повторно избрани;

Ценејќи ја, освен тоа, потребата од гарантирање на уредно обновување на членовите на Комитетот,

Се согласија за следното:

 

Член 1

 

1. Втората реченица од параграф 3 на членот 5 од Конвенцијата гласи:

"Тие можат да бидат избрани два пати".

 2. Членот 5 од Конвенцијата се дополнува со следните параграфи 4 и 5:

 "4. Со цел во рамките на можното, да обезбеди обновување на половината на Комитетот на секои две години, Комитетот на Министрите може, пред да пристапи кон секој натамошен избор, да одлучи, еден или повеќе мандати на членовите кои треба да се изберат да бидат не на четири години, но сепак, нивното времетраење да не биде подолго од шест или пократко од две години.

5. Во случај кога е потребно да се утврдат повеќе мандати и кога Комитетот на Министрите го применува предходниот параграф, распределбата на мандатите ја врши со ждрепка Генералниот секретар на Советот на Европа, веднаш по изборот".

 

Член 2

 

1. Овој Протокол е отворен за потпишување од државите потписнички на Конвенцијата или оние кои и се приклучуваат, кои можат да ја дадат својата согласност да се обврзат со:

      а) потпишување без резерва при ратификација, прифаќање или одобрување: или

      б) потпишување со резерва при ратификација, прифаќање или одобрување, проследено со ратификација, прифаќање или одобрување.

2. Инструментите за ратификација, прифаќање или одобрување се депонираат кај Генералниот секретар на Советот на Европа.

 

Член 3

 

Овој Протокол стапува во сила првиот ден од месецот по истекот на период од три месеца од датумот на кој сите Страни во Конвенцијата ќе изразат согласност да се обврзат со Протоколот, согласно со одредбите од членот 2.

 

Член 4

 

Генералниот секретар на Советот на Европа ќе ги извести државите членки на Советот на Европа и државите не-членки страни на Конвенцијата за:

      а) секое потпишување,

      б) депонирањето на секаков инструмент за ратификација, прифаќање или одобрување;

      в) датумот на стапувањето на сила на овој Протокол, согласно со членот 3;

       г) секаков друг акт, известување или соопштение во врска со овој

Протокол.

Како потврда на ова, долупотпишаните, прописно овластени за таа цел, го потпишаа овој Протокол. Во Стразбур, 4 ноеври 1993, на француски и на англиски јазик, со тоа што обата текста се еднакво веродостојни, во еден единствен примерок кој ќе биде депониран во архивите на Советот на Европа. Генералниот секретар на Советот на Европа ќе им достави заверени копии на сите држави членки на Советот на Европа.