Врати се Назад                             Основна Страна

 

Конвенција за правата на детето

 

ПРЕАМБУЛА

Државите членки на оваа конвенција

Сметајќи дека, во согласност со принципите прокламирани во Повелбата на Обединетите нации, признавањето на вроденото достоинство и на еднаквите и неотуѓиви права на сите припадници на човечката заедница претставува основа на слободата, правдата и мирот во светот,

Имајќи предвид дека народите на Обединетите нации во Повелбата одново ја потврдија вербата во основните права на човекот и достоинството и вредноста на човечката личност и решија да придонесуваат кон социјалниот напредок и подигањето на животниот стандард во поголема слобода,

Свесни дека Обединетите нации во Општата декларација за правата на човекот и во меѓународните пактови за правата на човекот прокламираа и се согласија дека на секој поединец му припаѓаат сите права и слободи содржани во нив, без оглед на расата, бојата на кожата, полот, јазикот, вероисповедта, политичкото или друго убедување, националното или социјалното потекло и имотната состојба, раѓањето или друг статус,

Потсетувајќи дека Обединетите нации во Општата декларација за правата на човекот прокламираа дека на детството му припаѓаат посебна грижа и помош,

Уверени дека на семејството, како основна единица на општеството и природна средина за развој и благосостојба на сите негови членови, а посебно на децата, треба да им биде дадена неопходна заштита и помош за да може во целост да ги преземе одговорностите во заедницата,

Свесни за фактот дека детето, заради целосен и складен развој на личноста, треба да расте во семејна средина, во атмосфера на среќа, љубов и разбирање,

Сметаат дека детето треба во целост да биде подготвено да живее самостојно во општеството и да биде воспитано во духот на идеалите прокламирани во Повелбата на Обединетите нации, а посебно во духот на мир, достоинство, толеранција, слобода, рамноправност и солидарност,

Имајќи предвид дека потребата за посветување посебна грижа за детето е

изнесена во Женевската декларација за правата на детето од 1924 година и во Декларацијата за правата на детето што ја усвоија Обединетите нации во 1959 година и призната во Општата декларација за правата на човекот, во Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права (посебно во чл. 23 и 24), во Меѓународниот пакт за економските, социјалните и културните права (посебно во член 10) и во статутите и соодветните инструменти на специјализираните агенции и меѓународните организации што се занимаваат со заштита на децата,

Имајќи предвид, како што е назначено во Декларацијата за правата на детето што ја усвои Генералното собрание на 20 ноември 1959 година, дека "на детето, со оглед на неговата физичка и ментална незрелост, му се потребни посебна заштита и грижа, вклучувајќи соодветна правна заштита, како пред, така и по раѓањето",

Потсетувајќи на одредбите на Декларацијата за социјалните и правните принципи што се однесуваат на заштитата и благосостојбата на децата, со посебен осврт врз националното и меѓународното старателство и посвојувањето, Правилата на Обединетите нации за стандардниот минимум во малолетничкото правосудство (Пекиншки правила) и Декларацијата за заштита на жените и децата во случај на вонредна состојба и вооружен судир,

Свесни дека во сите земји на светот има деца кои живеат во вонредно тешки услови и дека на тие деца им е неопходна посебна грижа,

Земајќи го предвид значењето на традициите и на културните вредности на секој народ за заштита и складен развој на детето,

Свесни за значењето на меѓународната соработка за подобрување на условите за живот на децата во сите земји, посебно во земјите во развој,

Се согласија за следново:

ПРВ ДЕЛ

 

Член 1

 

За целите на оваа конвенција, дете е секое човечко суштество кое не наполнило осумнаесет години возраст, ако врз основа на законот кој се однесува на детето, полнолетство не се стекнува порано.

Член 2

1. Државите членки на оваа конвенција ги почитуваат и обезбедуваат правата содржани во Конвенцијта на секое дете под нивна јурисдикција, без никаква дискриминација и без оглед на расата, бојата на кожата, полот, јазикот, вероисповедта, политичкото или друго убедување, националното, етничкото или социјалното потекло, имотната состојба, онеспособеноста, раѓањето или друг статус на детето или на неговиот родител или законит старател.

2. Државите членки ги преземаат сите потребни мерки за да се обезбеди заштита на детето од сите форми на дискриминација или казна засновани врз статусот, активностите, изразеното мислење или убедување на родителите, на законитите старатели или на членови на семејството на детето.

Член 3

1. Во сите активности што се однесуваат на децата од примарно значење се интересите на детето, без оглед на тоа дали ги спроведуваат јавни или приватни институции за социјална заштита, судови, административни органи или законодавни тела.

2. Државите членки се обврзуваат на детето да му обезбедат таква заштита и грижа што е неопходна за неговата добросостојба, земајќи ги предвид правата и обврските на неговите родители, законитите старатели или други поединци кои се правно одговорни за детето и ги преземаат за таа цел сите потребни законодавни и административни мерки.

3. Државите членки се грижат институциите, службите и установите кои се одговорни за грижа или заштита на децата да бидат во согласност со стандардите што ги утврдиле надлежните органи, посебно во областа на сигурноста, здравјето, бројот и подобноста на персоналот, како и стручниот надзор.

 

 

 

Член 4

Државите членки ги преземаат сите соодветни законодавни, административни и други мерки за остварување на правата признати во оваа конвенција. Во врска со економските, социјалните и културните права државите членки ги преземаат таквите мерки максимално користејќи ги своите расположиви средства, а каде што е тоа потребно во рамките на меѓународната соработка.

Член 5

Државите членки ги почитуваат одговорностите, правата и должностите на родителите или, каде што е тоа случај, на членовите на поширокото семејство или заедницата, како што е предвидено со локалните обичаи, на законските старатели или на други лица законски одговорни за детето, на начин кој е во согласност со развојот на способностите на детето да ги обезбедат, да го упатат и да го насочуваат детето во остварувањето на неговите права што се признати во оваа конвенција.

Член 6

1. Државите членки признаваат дека секое дете има вродено право на живот.

2. Државите членки го обезбедуваат во најголема можна мера опстанокот и развојот на детето.

Член 7

1. Детото се пријавува веднаш по раѓањето и од раѓањето има право на име, право на грижење, државјанство и, ако е тоа можно, право да знае кои му се родителите и право на нивно грижење.

2. Државите членки ги обезбедуваат остварувањето на овие права во согласност со националните закони и со своите обврски во согласност со соодветните меѓународни инструменти од оваа област, посебно во случаите каде што детето инаку би било апатрид.

Член 8

1. Државите членки се обврзуваат да го почитуваат правото на детето на зачувување на својот идентитет, вклучувајќи ги државјанството, името и семејните врски, како што е тоа признаено со закон, без незаконито мешање.

2. Во случаите кога детето е нелагално лишено од некој или од сите елементи на својот идентитет, државите членки даваат соодветна помош и заштита за да му биде вратен идентитетот што побргу.

Член 9

1. Државите членки обезбедуваат ниедно дете да не биде одвоено од своите родители против нивната волја, освен кога надлежните органи, врз основа на судски увид, ќе одлучат, во согласност со соодветниот закон и процедури, дека таквото раздвојување е неопходно и во најдобар интерес на детето. Таквата одлука може да биде неопходна во определен случај, како на пр. малтретирање или занемарување на детето од страна на родителите или ако родителите живеат одвоено па мора да се донесе одлука за местото на домување на детето.

2. Во секоја постапка во согласност со точка 1, сите заинтересирани страни ќе добијат прилика да учестуваат во постапката и да го изнесат своето мислење.

3. Државите членки го почитуваат правото на детето кое е одвоено од едниот или од обата родители да одржува лични односи и непосредни контакти со обата родители врз постојана основа, освен ако е тоа во спротивност со најдобрите интереси на детето.

4. Во случаите кога раздвојувањето е последица од мерка што ја презела држава членка, како што се притвор, затвор, прогонство, депортација или смрт (вклучувајќи смрт што поради која и да било причина ќе настапи додека е во грижа на државата) на едниот или на обата родители или на детето, државата членка, по барање на родителите, на детето или, ако случајот е таков, на друг член на семејството, ќе им обезбеди основни информации за местото на престојот на отсутниот член / членови на семејството, ако давањето таква информација не оди во штета на добросостојбата на детето. Државите членки, понатаму, се грижат поднесувањето на такво барање, само по себе, да не повлекува никакви штетни последици за заинтересираното лице/лица.

Член 10

1. Во согласност со обврската на државите членки согласно со член 9 точка 1, барањата на детето или на неговите родители да влезат во државата членка или да ја напуштат заради спојување на семејството, државите членки ги решаваат на позитивен, хуман и експедитивен начин. Државите членки, исто така, обезбедуваат поднесувањето на такво барање да не повлекува никакви штетни последици за подносителите на барањето и за членовите на нивните семејства.

2. Детето чии родители живеат во различни држави има право да одржува лични врски и непосредни контакти со обата родители врз постојана основа, освен под исклучителни околности. За таа цел и во согласност со обврската на државите членки согласно со член 9 точка 2, државите членки го почитуваат правото на детето и на неговите родители да ја напуштат секоја земја, вклучувајќи ја и сопствената, како и да влезат во својата земја. Правото на напуштање на секоја земја подлежи само на оние ограничувања што се пропишани со закон и што се потребни заради заштита на националната безбедност, јавниот ред (ордер публиц), јавното здравје и морал или правата и слободите на други и што се во согласност со другите права признати во оваа конвенција.

Член 11

1. Државите членки преземаат мерки за борба против нелегалниот трансфер и невраќањето на децата од странство.

2. За таа цел, државите членки го поттикнуваат склучувањето на билатерални или мултилатерални спогодби или пристапувањето кон постојните спогодби.

Член 12

1. Државите членки му обезбедуваат на детето кое е способно да формира свое сопствено мислење право на слободно изразување на тоа мислење за сите прашања што се однесуваат на детето, со тоа што на мислењето на детето му се посветува должното внимание во согласност со годините на возраста и зрелоста на детето.

2. За таа цел, на детето посебно му се дава прилика да биде сослушано во сите судски и административни постапки што се однесуваат на него, било непосредно или преку застапник или соодветен орган, на начин кој што е во согласност со процедуралните правила на националниот закон.

Член 13

1. Детето има право на слобода на изразување која опфаќа и слобода да бара, да прима и да дава информации и идеи од сите видови, без оглед на границите, било усно или писмено или преку печат, по пат на уметноста или некој друг медиум, по избор на детето.

2. Остварувањето на ова право може да подлежи на извесни ограничувања, но само на оние што се определени со закон и што се неопходни:

(а) заради почитување на правата или угледот на други; или

(б) заради заштита на националната безедност или јавниот ред (ордер публиц) или јавното здравје или моралот.

Член 14

1. Државите членки ги почитуваат правото на детето на слобода на мислење, совест и вероисповед.

2. Државите членки ги почитуваат правата и должностите на родителите и, каде што е таков случајот, на законитите старатели да го насочуваат детето во остварувањето на неговото право на начин којшто е во согласност со развојот на неговите способности.

3. Слободата на пројавување вероисповед или убедување може да подлежи само на оние ограничувања што се пропишани со закон и што се неопходни заради заштита на јавната сигурност, редот, здравјето или моралот или на основните права и слободи на други.

Член 15

1. Државите членки го признаваат правото на детето на слобода на здружување и слобода на мирно собирање.

2. Не можат да се наметнат никакви ограничувања на остварувањето на овие права освен оние што се во согласност со законот и што се неопходни во демократското општество во интерес на националната безбедност или јавната сигурност, јавниот ред (ордре публиц), заштитата на јавното здравје или моралот или заштитата на правата и слободите на другите.

Член 16

1. Ни едно дете не смее да биде изложено на самоволно или незаконито мешање во неговиот приватен или семеен живот, дом или лична преписка, како ни на незаконити напади врз неговата чест и углед.

2. Детето има право на законска заштита од таквото мешање или напад.

 

Член 17

Државите членки ја признаваат значајната улога на средствата за јавно информирање и овозможуваат пристап на детето до информациите и материјалите од различни национални и меѓународни извори, посебно оние чија цел е унапредувањето на неговото социјално, духовно и морално добро и на физичкото и менталното здравје. За таа цел, државите членки:

а) ги поттикнуваат средствата за јавно информирање да шират информации и материјали од социјален и културен интерес за детето и во согласност со духот на член 29;

б) ја поттикнуваат меѓународната соработка во производството, размената и ширењето на таквите информации и материјали од различни културни, национални и меѓународни извори;

в) го поттикнуваат објавувањето и ширењето на детски книги;

г) ги поттикнуваат средствата за јавно информирање да им посветат посебно внимание на лингвистичките потреби на детето кое и припаѓа на малцинска група или кое е од автохтоно потекло;

д) го поттикнуваат развојот на соодветни насоки за заштита на детето од информациите и материјалите што му штетат на неговото добро, имајќи ги предвид одредбите на чл. 13 и 18.

Член 18

1. Државите членки ќе ги вложат сите напори за да се уважува начелото обата родители да имаат заедничка одговорност во подигањето и развојот на детето. Родителите или, во зависност од случајот, законитите старатели, имаат главна одговорност за подигањето и развојот на детето. Интересите на детето се нивна основна грижа.

2. Заради гарантирање и унапредување на правата содржани во оваа конвенција, државите членки им даваат на родителите и на законитите старатели соодветна помош во вршењето на должноста за воспитување на детето и го обезбедуваат развојот на институциите, објектите и службите за грижа за децата.

3. Државите членки ги преземаат сите соодветни мерки за да обезбедат децата на вработените родители да ги користат услугите на детските установи и објекти.

Член 19

1. Државите членки ги преземаат сите соодветни законодавни, административни, социјални и образовни мерки заради заштита на детето од сите форми на физичко или ментално насилство, повреди или злоупотреба, занемарување или немарен однос, малтретирање или експлоатација, вклучувајќи ја и сексуалната злоупотреба, додека е на грижа кај родителите, законитите старатели или некое друго лице на кое му е доверена грижата за детето.

2. Тие заштитни мерки треба да опфатат, по потреба, ефикасни постапки за востановување на социјални програми за да се обезбеди поддршката неопходна на детето и на оние на кои им е доверена грижата за детето, како и други форми на спречување, утврдување, пријавување, проследување, истрага, постапување и следење на случаите на наведеното малтретирање на детето и, по потреба, обраќање до судот.

Член 20

1. Детето кое е привремено или трајно лишено од семејната средина или на кое, во негов најдобар интерес, не му е дозволено да остане во тој круг, има право на посебна заштита и помош од државата.

2. Државите членки, во согласност со своите национални закони, обезбедуваат алтернативна грижа за тоа дете.

3. Таа грижа треба да опфаќа, меѓу другото, сместување во друго семејство, кафалах според исламското право, посвојување или, ако е неопходно, сместување во соодветни установи за грижа за децата. При разгледувањето на решението треба да се обрне должно внимание и на фактот дека е пожелен континуитет во подигањето на детето, како и на етничкото, верското, културното и лингвистичкото потекло на детето.

Член 21

Државите членки кои го признаваат и/или дозволуваат системот на посвојување обезбедуваат најдобрите интереси на детето да бидат решавачки и:

а) обезбедуваат усвојувањето на детето да го одобрува само надлежниот орган кој утврдува, во согласност со односниот закон и процедурите и врз основа на сите релевантни и сигурни информации, дека посвојувањето се дозволува со оглед на положбата на детето во врска со родителите, роднините и законитите старатели и, по потреба, дека заинтересираните лица свесно дале согласност за усвојување врз основа на таквиот совет кој може да биде потребен;

б) признаваат дека меѓудржавното усвојување може да се смета како алтернативна можност за грижа за детето ако детето не може да се смести во друго семејство или да биде посвоено или ако за него не може да се води грижа на адекватен начин во земјата на неговото потекло;

в) обезбедуваат детето на кое се однесува меѓудржавното посвојување да ужива заштита и стандарди еднакви на оние што постојат во случај на посвојување во рамките на една земја;

г) ги преземаат сите соодветни мерки сместувањето да нема, во случај на меѓудржавно посвојување, за последица неоправдана финансиска корист за оние што ќе учествуваат во тоа;

д) ги унапредуваат, каде што е тоа згодно, целите на овој член со склучување на билатерални или мултилатерални аранжмани или спогодби и настојуваат, во тие рамки, сместувањето на детето во друга земја да го извршат надлежните органи или тела.

Член 22

1. Државите членки преземаат соодветни мерки за да му овозможат на детето кое бара статус на бегалец или кое се смета како бегалец, во согласност со соодветниот меѓународен или национален закон и процедури, без оглед на тоа дали е детето во придружба на своите родители или на некое друго лице или не, да добие соодветна заштита и хуманитарна помош во остварувањето на правата содржани во оваа конвенција и во другите меѓународни инструменти за правата на човекот или за хуманитарните прашања чии членки се споменатите држави.

2. За таа цел, државите членки, ако сметаат дека е тоа целесообразно, учествуваат во сите напори на Обединетите нации и на другите надлежни меѓувладини или невладини организации што соработуваат со Обединетите нации заради заштита и давање помош на тоа дете и заради наоѓање на родителите или на другите членови на семејството на детето-бегалец за да се прибават информациите неопходни за спојување со неговото семејство. Во случаите кога не можат да се пронајдат родителите ниту другите членови на семејството, на детето му се дава еднаква заштита како и на сите други деца кои се постојано или привремено лишени од семејниот круг поради која и да било причина, како што е тоа наведено во оваа конвенција.

Член 23

1. Државите членки признаваат дека ментално заостанато или физичко инвалидно дете треба да ужива полн и достоен живот, во услови со кои се обезбедува неговото достоинство, се поттикнува самостојноста и се олеснува активното учество на детето во заедницата.

2. Државите членки го уважуваат правото на инвалидното дете на посебна нега и ќе поттикнуваат и обезбедуваат помош на детето кое за тоа ги исполнува условите и на оние кои се одговорни за грижата за него, за која е поднесено барање, во зависност од расположивите средства, а што одговара на состојбата на детето и на условите на родителите или на другите лица кои се грижат за детето.

3. Уважувајќи ги посебните потреби на инвалидното дете, помошта во согласност со точка 2 се дава бесплатно секогаш кога е тоа можно, имајќи ги предвид финансиските средства на родителите или на другите лица кои се грижат за детето и која е осмислена така што инвалидното дете да има ефикасен пристап и да добива образование, обука, услуги на здравствена заштита, рехабилитација, подготовка за вработување и можности за рекреација на начин кој што придонесува за остварување на што поцелосна општествена интеграција и личен развој на детето, вклучувајќи културен и духовен развој.

4. Државите членки преземаат врз себе обврска да ја унапредуваат и поттикнуваат меѓународната соработка заради постепено постигање целосна реализација на правата од овој член. Во тој поглед, посебно ќе се земат предвид потребите на земјите во развој.

Член 24

1. Државите членки го признаваат правото на детето на највисоко ниво на здравствена и медицинска заштита и на рехабилитација. Државите членки ќе настојуваат ни едно дете да не биде лишено од правото на таква здравствена заштита.

2. Државите членки ќе се залагаат за целосно остварување на ова право и, посебно, ќе преземаат соодветни мерки за:

а) намалување на смртноста на доенчињата и децата;

б) обезбедување неопходна медицинска помош и здравствена заштита на сите деца, со акцент врз развојот на примарната здравствена заштита;

в) спречување на болести и потхранетост, вклучувајќи ги во рамките на примарната здравствена заштита, меѓу другото, примената на лесно достапна технологија и обезбедувањето на адекватни хранливи продукти и чиста вода за пиење, земејќи ги предвид опасностите и ризикот од загадувањето на животната средина;

г) обезбедување соодветна заштита на мајката пред и по раѓањето на детето;

д) овозможување на сите сегменти на општеството, посебно на родителите и децата, да бидат информирани, како и да им се даде поддршка во користењето на основните знаења за здравјето, исхраната на детето, предностите на доењето, хигиената и хигиенските услови на животната средина, како и за спречување на несреќите;

ѓ) развој на превентивна здравствена заштита, совети за родителите и

образование и давање услуги во врска со планирањето на семејството.

3. Државите членки ги преземаат сите ефикасни и соодветни мерки за укинување на традиционалната практика која му штети на здравјето на децата.

4. Државите членки преземаат врз себе обврска да ја унапредуваат и поттикнуваат меѓународната соработка заради постепено постигање целосна реализација на правата од овој член. Во тој поглед, посебно ќе се земат предвид потребите на земјите во развој.

Член 25

Државите членки го уважуваат правото на детето што надлежните органи го згрижиле заради грижа, заштита или лекување на неговото физичко или ментално здравје, на периодични проверки на лекувањето што му се обезбедува на детето и сите други околности од значење за неговото згрижување.

Член 26

1. Државите членки го уважуваат правото на секое дете да користи социјална заштита, вклучувајќи социјално осигурување, и ги преземаат сите мерки неопходни за целосно остварување на тоа право, во согласност со националните закони.

2. Овие повластици треба да бидат признати, ако тоа одговара, земајќи ги предвид средствата и условите на детето и на лицата што се одговорни за издржување на детето, како и сите други услови од значење за барањата за повластици што ќе ги поднесе детето или што ќе се поднесат од негово име.

Член 27

1. Државите членки му признаваат право на секое дете на животен стандард примерен на физичкиот, менталниот, духовниот, моралниот и друштвениот развој на детето.

2. Родителот(ите) или другите лица одговорни за детето имаат првенствено одговорност, во рамките на своите способности и финансиски можности, да обезбедат животни услови потребни за развој на детето.

3. Државите членки, во согласност со националните услови и своите можности, преземаат соодветни мерки за помош на родителите и на другите лица одговорни за детето, заради остварување на ова право и, во случај на потреба, обезбедуваат материјална помош и програми за потпора, посебно во поглед на исхраната, облеката и домувањето.

4. Државите членки ги преземаат сите соодветни мерки за да обезбедат детето да добива издржување од родителите или од другите лица кои се финансиски одговорни за детето, како во рамките на државите членки така и од странство. Посебно, ако лицето кое е финансиски одговорно за детето не живее во иста држава во која и детето, државите членки го поттикнуваат пристапувањето кон меѓународни спогодби односно склучувањето на такви спогодби, како и кон други соодветни аранжмани.

Член 28

1. Државите членки му признаваат право на детето на образование и, заради постепено остварување на тоа право врз основа на еднакви можности,

посебно:

а) го прогласуваат основното образование како задолжително и бесплатно за сите;

б) го поттикнуваат развојот на различни форми средношколско образование, вклучувајќи го општото и стручното образование, кое им е достапно на сите деца и преземаат соодветни мерки, како што се воведувањето на бесплатно образование и укажувањето финансиска помош во случај на потреба;

в) на сите им овозможуваат стекнување на високо образование врз основа на способностите, користејќи адекватни средства;

г) на сите деца им ставаат на располагање образовни и стручни информации и услуги за професионална ориентација;

д) преземаат мерки за поттикнување на редовното школување и за намалување на испишувањето од училиштето.

2. Државите членки ги преземаат сите соодветни мерки за да може дисциплината во училиштата да се спроведува на начин кој е во согласност со човечкото достоинство на детето и со оваа конвенција.

3. Државите членки ја унапредуваат и поттикнуваат меѓународната соработка за прашањата што се однесуваат на образованието, посебно заради давање придонес за елиминација на незнаењето и неписменоста во светот и за олеснување на пристапот кон науката, техничкото знаење и кон современите методи на наставата. Во тој поглед, посебно внимание им се посветува на потребите на земјите во развој.

Член 29

1. Државите членки се согласни дека образованието на детето треба да биде насочено кон:

а) развој на личноста на детето, развој на надареноста и менталните и физичките способности до крајни граници;

б) развој на почитувањето на правата на човекот и на основните слободи, како и почитување на принципите содржани во Повелбата на Обединетите нации;

в) развој на почитувањето на родителите на детето, неговиот културен идентитет, јазикот и вредностите, националните вредности на земјата во која детето живее и на земјата од која тоа потекнува, како и на цивилизациите што се различни од неговата;

г) подготвување на детето за одговорен живот во слободно општество, во духот на разбирањето, мирот, толеранцијата, еднаквоста на половите и пријателството помеѓу сите народи, етнички, национални и верски групи и лица од автохтоно потекло;

д) развој на почитувањето на природната средина.

2. Ниту една одредба од овој член, како ни член 28, не смее да се толкува така што да се ограничува слободата на поединци и тела да основаат и да управуваат со образовни установи, имајќи го секогаш предвид почитувањето на принципите изнесени во точка 1 од овој член и под услов образованието во таквите институции да биде во согласност со минималните стандарди што може да ги пропише државата.

Член 30

Во оние држави во кои постојат етнички, верски или јазички малцинства или лица од автохтоно потекло, детето кое му припаѓа на такво малцинство или е од автохтоно потекло не смее да биде лишено од правото, во заедница со другите припадници на групата, на своја култура, исповедување на своја вера и вршење на верски обреди или на употреба на својот јазик.

Член 31

1. Државите членки му признаваат право на детето на одмор и слободно време, на игра и рекреација која и одговара на возраста на детето и на слободно учество во културниот живот и уметноста.

2. Државите членки го почитуваат и унапредуваат правото на детето на полно учество во културниот и уметничкиот живот и го поттикнуваат давањето на адекватни и еднакви можности за културни, уметнички, рекреативни и слободни активности.

Член 32

1. Државите членки му признаваат право на детето на заштита од економската експлоатација и од работење на работа која може да биде опасна или да го спречува образованието на детето или да биде штетна за здравјето на детето односно за неговиот физички, ментален, духовен, морален или социјален развој.

2. Државите членки преземаат законодавни, административни, социјални и образовни мерки за примена на одредбите од овој член. За таа цел, а имајќи ги предвид соодветните одредби од другите меѓународни инструменти, државите членки посебно:

а) ја определуваат минималната возраст за вработување;

б) обезбедуваат регулирање на работното време и на условите за работа;

в) определуваат соодветни казни или други санкции за да се обезбеди ефикасна примена на одредбите од овој член.

Член 33

Државите членки ги преземаат сите соодветни мерки, вклучувајќи законодавни, административни, социјални и образовни мерки, за заштита на децата од нелегалната употреба на опојни дроги и психотропни супстанции, како што е дефинирано со соодветните меѓународни договори, и за спречување на користењето на децата во нелегално производство и трговија со тие супстанции.

 

 

Член 34

Државите членки се обврзуваат да го заштитат детето од сите форми на сексуално искористување и сексуална злоупотреба. За таа цел, државите членки посебно ги преземаат сите соодветни национални, билатерални и мултилатерални мерки за спречување на:

а) наведувањето или присилувањето на детето да учествува во незаконити сексуални активности;

б) експлоататорското користење на децата во проституција или во други незаконити сексуални дејствија;

в) експлоататорското користење на децата во порнографски претстави и списанија.

Член 35

Државите членки ги преземаат сите соодветни национални, билатерални и мултилатерални мерки за да се спречат насилното одведување, продажбата или трговијата со деца за која и да било цел и во која и да било форма.

Член 36

Државите членки го штитат детето од сите други форми на експлоатација штетни за детето.

Член 37

Државите членки обезбедуваат:

а) ниту едно дете да не биде изложено на мачење или други свирепи,

нечовечки или понижувачки постапки или казни. Смртната казна и доживотната робија без можност за пуштање на слобода не можат да се изречат за кривични дела што ги сториле лица помлади од 18 години;

б) ниту едно дете не може да биде лишено од слобода незаконито или самоволно. Апсењето, притворот или затворот за дете мораат да бидат во согласност со законот и да се користат само како последна можна мерка и за најкратко можно време;

в) со дете лишено од слобода се постапува така што се почитува достоинството на човечката личност, како и на начин со кој се земаат предвид потребите на лице од негови години. Секое дете лишено од слобода се одвојува од возрасните, освен ако не се смета дека тоа е во најдобар интерес на детето и има право да одржува контакт со своето семејство преку писма и посети, освен во исклучителни случаи;

г) секое дете лишено од слобода има право на итна правна и друга соодветна помош, како и право да го постави пред судот или друг надлежен, независен и непристрасен орган прашањето за законитоста на лишувањето од слобода и

на право на итна одлука за тоа прашање.

 

 

 

 

Член 38

1. Државите членки се обврзуваат да ги почитуваат и да ги обезбедат почитувањето на правилата од меѓународното хуманитарно право што се применуваат на нив во вооружени судири, а што се однесуваат на детето.

2. Државите членки ги преземаат сите практично изводливи мерки лицата што уште не наполниле петнаесет години возраст непосредно да не учествуваат во судири.

3. Државите членки се воздржуваат од регрутирање во вооружените сили на лица што уште не наполниле петнаесет години возраст.При регрутирањето на оние лица што наполниле петнаесет години возраст, но не осумнаесет, државите членки настојуваат да им дадат предност на најстарите.

4. Во согласност со обврските врз основа на меѓународното хуманитарно право да го штитат цивилното население во вооружени судири, државите членки ги преземаат сите практично изводливи мерки за да се обезбедат заштита и грижа за децата погодени со вооружениот судир.

Член 39

Државите членки ги преземаат сите соодветни мерки за подобро физичко и психичко закрепнување и социјална реинтеграција на детето кое е жртва на некоја форма на занемарување, експлоатација, злоупотреба, мачење или некоја друга форма на свирепо, нехумано или понижувачко постапување или казнување, или на вооружени судири. Таквото закрепнување и реинтеграција се одвиваат во средина која го поттикнува здравјето, самопочитувањето и достоинството на детето.

Член 40

1. Државите членки му признаваат право на секое дете, за кое ќе се утврди, или кое е обвинето или за кое е признато дека го прекршило кривичниот закон, со него да се постапува на начин кој е во согласност со потткнувањето на неговото чувствување на достоинство и вредност, што го засилува неговото почитување на правата на човекот и основните слободи на другите и при што се земаат предвид возраста на детето и желбата да се подобри неговата реинтеграција и тоа да преземе конструктивна улога во општеството.

2. За таа цел и имајќи ги предвид соодветните одредби на меѓународните инструменти, државите членки посебно обезбедуваат:

а) ниту за едно дете неосновано да не се тврди, да не биде обвинето или да не се признае дека го прекршило кривичниот закон поради дело или пропуст што не биле забранети со националните или меѓународните закони во времето кога се направени;

б) на секое дете за кое се тврди или кое е обвинето за кршење на кривичниот закон да му се дадат барем следните гаранции:

(и) да се смета за невино додека вината не се докаже според законот;

(ии) да биде веднаш и директно известено за обвиненијата против него и ако е потребно неговите родители или законски старатели и да има правна или друга соодветна помош во подготовката и презентирањето на својата одбрана;

(иии) постапката да се води без задоцнувања од страна на надлежен независен и непристрасен орган или судско тело, со справедливо сослушување во согласност со законот, во присуство на правна или друга соодветна помош, и освен ако не се смета дека тоа не е во интерес на детето, посебно земајќи ги предвид неговите години, или положбата на неговите родители или законски старатели;

(ив) да не биде присилено да сведочи или да признае вина; да се испитуваат или да бидат испитани сведоци на другата страна и да се обезбеди учество и испитување на неговите сведоци под еднакви услови;

(в) ако се смета дека го прекршило кривичниот закон, оваа одлука и секоја досудена мерка која од тоа произлегува, повторно да ја разгледува повисок, надлежен, независен и непристрасен орган или судско тело во согласност со законот;

(ви) да има бесплатна помош од преведувач ако детето не може да го разбере или не го зборува јазикот кој се користи;

(вии) да се почитува неговата приватност на сите нивоа на постапката.

3. Државите потписнички ќе настојуваат да поттикнуваат донесување на закони, постапки, воспоставување на органи и установи применливи врз децата за кои се тврди, кои се обвинети и за кои се смета дека го прекршиле кривичниот закон, а посебно:

(а)      утврдување на најниската возраст под која децата не можат да бидат сметани како способни за кршење на кривичниот закон;

(б)     секогаш кога е тоа можно и пожелно, мерки за постапување со такви деца, без прибегнување кон судска постапка, со тоа што човечките права и законската заштита да бидат во целост почитувани.

4. Разноликоста на расположливите можности како што се грижа, советување, надзор; правно застапување; условно казнување; прифаќање; образование и програми на стручно насочување и други можности на институционална грижа ќе бидат на располагање за да се обезбеди со децата да се постапува на начин кој одговара на нивното добро и кој е пропорционален и на околностите и на стореното дело.

Член 41

Ни една одредба од оваа конвенција нема да влијае врз кои и да било други одредби кои повеќе придонесуваат за остварување на правото на детето, а кои евентуално се наоѓаат:

а) во законите на државата членка или

б) во меѓународното право што таа држава го применува

 

ВТОР ДЕЛ

 

Член 42

Државите членки се обврзуваат да ги запознаат со принципите и одредбите на Конвенцијата што пошироко и на адекватен и активен начин како возрасните лица така и децата.

Член 43

1. Заради разгледување на постигнатиот напредок на државите членки во извршувањето на обврските преземени врз основа на оваа конвенција, се основа Комитет за правата на детето, кој ги врши функциите наведени во натамошниот текст.

2. Комитетот го сочинуваат десет експерти со високи морални квалитети или со призната компетентност во областа на која се однесува оваа конвенција. Членовите на Комитетот ги избираат државите членки од редовите на своите државјани и тие ги вршат своите должности во лично својство, при што се води сметка за подеднаквата географска застапеност, како и за главните правни системи.

3. Членовите на Комитетот се избираат со тајно гласање од листата на лицата што ги номинираат државите членки. Секоја држава членка може да номинира едно лице од редовите на своите државјани.

4. Првите избори за Комитетот се одржуваат најдоцна шест месеци по датумот на влегувањето на оваа конвенција во сила, а потоа секоја втора година. Најмалку четири месеци пред датумот на сите избори, Генералниот секретар на Обединетите нации им упатува писмо на државите членки, повикувајќи ги да ги поднесат своите номинации во рок од два месеци. Генералниот секретар потоа ја подготвува листата на сите така номинирани лица по абецеден ред, назначувајќи ги и државите членки што ги номинирале и им ја поднесува на државите членки на оваа конвенција.

5. Изборите се одржуваат на состаноците на државите членки што ги свикува Генералниот секретар во седиштето на Обединетите нации. На тие состаноци на кои кворум сочинуваат две третини од државите членки, во Комитетот се избираат лицата што ќе добијат најголем број гласови и апсолутно мнозинство на гласовите од претставниците на државите членки што се присутни и што гласаат.

6. Членовите на Комитетот се избираат на период од четири години. Можат повторно да се избираат ако бидат повторно номинирани. Мандатот на петмината членови избрани на првите избори истекува по две години. Веднаш по првите избори имињата на тие петмина членови ги утврдува со ждрепка претседавачот на состанокот.

7. Ако некој член на Комитетот умре или поднесе оставка или изјави дека од некоја друга причина не може повеќе да ја врши должноста во Комитетот, државата членка која го номинирала тој член именува друг експерт од редовите на своите државјани на истото место за преостанатиот дел од мандатот во зависност од одобрението на Комитетот.

8. Комитетот утврдува свој деловник.

9. Комитетот ги избира своите функционери на период од две години.

10. Состаноците на Комитетот обично се одржуваат во седиштето на Обединетите нации или во некое друго згодно место што ќе го определи Комитетот. Комитетот обично се состанува еднаш годишно. Должината на траењето на состанокот на Комитетот се определува и, по потреба, се преиспитува на состанокот на државите членки на оваа конвенција, во зависност од согласноста на Генералното собрание.

11. Генералниот секретар на Обединетите нации обезбедува потребен персонал и услови за ефикасно вршење на функциите на Комитетот врз основа на оваа конвенција.

12. Со согласност на Генералното собрание, членовите на Комитетот основан врз основа на оваа конвенција примаат плата од средствата на Обединетите нации, под условите што ќе ги определи Собранието.

Член 44

1. Државите членки се обврзуваат на Комитетот да му поднесуваат извештаи преку Генералниот секретар на Обединетите нации за мерките што ги усвоиле, а што придонесуваат за остварување на правата што се признати овде, како и за напредокот постигнат во остварувањето на тие права:

а) во рок од две години од влегувањето на Конвенцијата во сила во државите членки;

б) потоа, секои пет години.

2. Во изештаите подготвени во согласност со овој член ќе се укаже на факторите и тешкотиите, ако ги има, што влијаат врз степенот на остварување на обврските по оваа конвенција. Извештаите треба да содржат доволно информации врз основа на кои Комитетот ќе има целосен увид во примената на Конвенцијата во односната земја.

3. Државата членка која на Комитетот му поднела сеопфатен прв извештај не мора во своите наредни извештаи што се поднесуваат во согласност со точка 1 (б), да ги повторува основните информации што претходно веќе ги дала.

4. Комитетот може да побара од државите членки додатни информации што се однесуваат на примената на Конвенцијата.

5. Комитетот му поднесува на Генералното собрание, преку Економскиот и социјален совет, секои две години извештаи за своите активности.

6. Државите членки и ги ставаат извештаите на увид на јавноста во своите земји.

Член 45

Заради поттикнување на ефикасната примена на Конвенцијата и охрабрување на меѓународната соработка во областа за која говори оваа конвенција;

а) специјализираните агенции, УНИЦЕФ и други организации на Обединетите нации имаат право на присуство на свој претставник при рагледувањето на примената на оние одредби од оваа конвенција што се во нивна надлежност. Комитетот може да ги повика специјализираните агенции, УНИЦЕФ и други органи на Обединетите нации да поднесат извештаи за примената на Конвенцијата во областите што се во рамките на нивните активности;

б) Комитетот, ако смета дека е потребно, им ги доставува на специјализираните агенции, на УНИЦЕФ и на други надлежни тела извештаите на државите членки што содржат барање или укажуваат на потреба од стручни совети или помош, заедно со евентуалните забележувања и предлози во врска со тие молби или потреби;

в) Комитетот може да му даде препорака на Генералното собрание да го замоли Генералниот секретар од името на Комитетот да преземе студии за конкретните прашања што се однесуваат на правата на детето;

г) Комитетот може да дава предлози и општи препораки што се засноваат врз информациите примени во согласност со чл. 44 и 45 од оваа конвенција. Таквите предлози и општи препораки им се доставуваат на заинтересираните држави членки, а Генералното собрание за нив се известува, со евентуални коментари од државите членки.

 

 

Т Р Е Т Д Е Л

 

Член 46

Оваа конвенција им е отворена за потпишување на сите држави.

Член 47

Конвенцијата подлежи на ратификација. Ратификационите инструменти се депонираат кај Генералниот секретар на Обединетите нации.

Член 48

Оваа конвенција останува отворена за пристапување на сите држави. Инструментите за пристапување се депонираат кај Генералниот секретар на Обединетите нации.

Член 49

1. Оваа конвенција влегува во сила триесеттиот ден од датумот на депонирањето на дваесеттиот ратификационен инструмент или инструмент за пристапување кај Генералниот секретар на Обединетите нации.

2. За секоја држава која ќе ратификува Конвенцијата или ќе и пристапи по депонирањето на дваесеттиот ратификационен инструмент или инструментот за пристапување, Конвенцијата влегува во сила триесеттиот ден од датумот на депонирањето на ратификациониот инструмент или инструмент за пристапување.

Член 50

1. Секоја држава членка може да предложи амандман и да му го поднесе на Генералниот секретар на Обединетите нации. Генералниот секретар потоа им го доставува предложениот амандман на државите членки со молба да назначат дали се за конференција на државите членки заради разгледување и гласање за предлозите. Во случај кога во рок од четири месеци од датумот на доставувањето на таквиот амандман најмалку една третина од државите членки се изјасни за конференција, Генералниот секретар свикува конференција под покровителство на Обединетите нации. Сите амандмани што ќе ги усвои мнозинството држави членки што се присутни и што гласаат на конференцијата, се поднесуваат на одобрение до Генералното собрание.

2. Амандманот усвоен во согласност со точка (1) на овој член влегува во сила по одобрение на Генералното собрание на Обединетите нации и по прифаќањето од страна на две третини од државите членки.

3. Кога ќе влезе во сила амандманот станува задолжителен за оние држави членки што го прифатиле, а другите држави членки и понатаму ги обврзуваат одредбите од оваа конвенција и сите евентуални амандмани прифатени порано.

 

 

 

 

Член 51

1. Генералниот секретар на Обединетите нации го прима и им го доставува на сите држави текстот за резервите што ќе ги изразат државите во време на ратификацијата или пристапувањето.

2. Резервата која не е во согласност со целта и намената на оваа конвенција не е дозволена.

3. Резервите можат да се повлечат во кое и да било време по пат на писмено известување упатено до Генералниот секретар на Обединетите нации, кој за тоа ги известува сите држави. Таквото известување влегува во сила на денот кога ќе го прими Генералниот секретар.

Член 52

Државата членка може да ја откаже оваа конвенција по пат на писмено известување до Генералниот секретар на Обединетите нации. Откажувањето влегува во сила една година по денот на приемот на известувањето од страна на Генералниот секретар.

Член 53

Генералниот секретар на Обединетите нации е определен за депозитар на Конвенцијата.

Член 54

Оригиналот на оваа конвенција, чиишто текстови на арапски, кинески, англиски, француски, руски и шпански јазик се подеднакво веродостојни, се депонира кај Генералниот секретар на Обединетите нации.

Потврдувајќи го наведеното, потписниците за тоа прописно овластени, ја потпишаа оваа конвенција.