Врати се Назад                            Основна Страна

 

 

Факултативен протокол кон Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права

 

 

Сметајќи дека за натамошно подобро остварување на целите на Меѓународниот пакт за граѓански и политички права (во натамошниот текст: Пактот) и за спроведување на неговите одредби би било најсоодветно да му се овозможи на Комитетот за човекови права, воспоставен со делот IV од Пактот (во натамошниот текст: Комитетот) да прима и разгледува писмени обраќања од поединци кои тврдат дека се жртви на кршење на кое и да е од правата наведени во Пактот, како што е предвидено со овој Протокол,

Се договорија за следното:

 

Член 1

           

Државата-договорна страна на Пактот, што станува договорна страна на овој Протокол, ја прифаќа надлежноста на Комитетот да прима и да разгледува писмени обраќања од поединци, кои тврдат дека се жртви на кршење на кое и да е од правата наведени во Пактот, од страна на државата - договорна страна, согласно неговата надлежност. Комитетот нема да прифати писмени обраќања што се однесуваат на државата - договорна страна на Пактот, што не е договорна страна на овој Протокол.

          

Член 2

          

Според одредбите од членот 1, поединците кои тврдат дека кое било од правата, наведени во Пактот, се прекршени и кои ги исцрпиле сите расположливи домашни правни лекови, можат да поднесат писмено обраќање до Комитетот за разгледување.

 

Член 3

    

Комитетот ќе ги смета за неприфатливи писмените обраќања според овој Протокол што се анонимни, или оние за кои смета дека го злоупотребуваат правото за поднесување на такво обраќање, или дека не се во согласност со одредбите од овој Протокол.

    

Член 4

     

1. Според одредбите на членот 3, Комитетот ќе ја извести за писмените обраќања според овој Протокол државата - договорна страна за која се сомнева дека прекршила која било од одредбите на Пактот.

2. Во рок од шест месеци државата што примила такво известување на Комитетот ќе му поднесе писмено објаснување или изјава, во кои се расветлува прашањето и се наведува мерката по правниот лек, доколку таква постои, што можеби таа држава ја употребила за да ја подобри ситуацијата во врска со прашањето.

    

Член 5

    

1. Комитетот ќе ги разгледува писмените обраќања примени според овој Протокол во светло на сите писмени информации што му се ставени на располагање или од страна на поединецот или од страна на засегнатата држава - договорна страна.

2. Комитетот нема да ги разгледува писмените обраќања доколку не се утврди дека:

       а) истото прашање не се разгледува во рамките на некоја друга процедура на меѓународна истрага или решавање на спорови;

       б) поединецот ги исцрпел сите расположливи внатрешни правни лекови. Ова нема да се применува онаму, каде што применувањето на правните лекови неоправдано се одолговлекува.

       3. Комитетот ќе одржува затворени состаноци кога ги разгледува писмените обраќања според овој Протокол.

       4. Комитетот ќе ги достави своите гледишта до засегнатата држава договорна страна и до поединецот.

    

Член 6

     

Комитетот во својот годишен извештај, во согласност со член 45 од овој Протокол, ќе вклучи преглед на неговите активности според овој Протокол.

    

Член 7

     

До постигнувањето на целите на резолуцијата 1514 (XV), усвоена од Генералното собрание на Обединетите нации на 14 декември 1960 година, што се однесува на Декларацијата за давање независност на колонијалните земји и народи, одредбите на овој Протокол на ниту еден начин нема да го ограничат правото на петиција што им припаѓа на овие народи во согласност со Повелбата на Обединетите нации и другите меѓународни конвенции и инструменти на Обединетите нации и нејзините специјализирани агенции.

    

Член 8

     

1. Овој Протокол е отворен за потпишување за секоја држава што го потпишала Пактот.

2. Овој Протокол подлежи на ратификација од страна на секоја држава што го ратификувала или му пристапила на Пактот. Инструментите за ратификација ќе бидат депонирани кај Генералниот секретар на Обединетите нации.

3. Овој Протокол ќе биде отворен за пристапување од страна на секоја држава што го ратификувала или му пристапила на Пактот.

4. Пристапувањето ќе се изврши со депонирање на инструментот за пристапување кај Генералниот секретар на Обединетите нации.

 5. Генералниот секретар на Обединетите нации ќе ги извести сите држави што го потпишале или пристапиле кон овој Протокол за депонирање на секој инструмент на ратификација или пристапување.

Член 9

    

1. Според одредбите за стапување во сила на Пактот овој Протокол ќе стапи во сила три месеци по поднесувањето на десетиот инструмент на ратификација или инструмент за пристапување кај Генералниот секретар на Обединетите нации.

2. За секоја држава што го ратификува или стапува кон овој Протокол по депонирањето на десеттиот инструмент на ратификација или инструмент на пристапување, овој Протокол ќе стапи во сила по три месеци од денот на депонирањето на нејзиниот инструмент за ратификација или инструмент за пристапување.

    

Член 10

     

Одредбите од овој Протокол се однесуваат на сите делови на федералните држави, без никакви ограничувања или исклучоци.

    

Член 11

     

Секоја држава - договорна страна во овој Протокол може да поднесе амандман и да го достави до Генералниот секретар на Обединетите нации. Генералниот секретар на Обединетите нации ќе им ги соопшти предложените амандмани на државите-договорни страни на овој Протокол, со барање истите да го известат дали се за одржување на конференција на државите - договорни страни, со цел да се разгледа и да се гласа за предлогот. Во случај една третина од државите - договорни страни да се изјаснат за одржување на таква конференција, Генералниот секретар ќе ја свика конференцијата под покровителство на Обединетите нации. Секој амандман, усвоен со мнозинство гласови од државите - договорни страни што присуствуваат и што гласаат на конференцијата, ќе биде доставен до Генералното собрание на Обединетите нации за одобрување.

2. Амандманите ќе стапат во сила кога ќе се одобрат од страна на Генералното собрание на Обединетите нации и ќе се прифатат од двотретинско мнозинство на државите - договорни страни во овој Протокол, во согласност со нивните уставни постапки.

3. Кога амандманите ќе стапат во сила, тие ќе бидат обврзувачки за оние држави - договорни страни што ги прифатиле; другите држави договорни

страни се се уште обврзани од одредбите на овој Протокол и од кој и да се претходен амандман што го прифатиле.

    

Член 12

     

1. Секоја држава - договорна страна може да се откаже од овој Протокол во секое време со писмено известување до Генералниот секретар на Обединетите нации. Откажувањето ќе се смета за важечко три месеци по датата од кога Генералниот секретар го примил известувањето.

2. Откажувањето нема да се однесува на натамошната примена на одредбите на овој Протокол за кое било писмено обраќање, поднесено според членот 2, пред датата кога истото станува важечко.

Член 13

     

Без оглед на известувањата според член 8, став 5 на овој Протокол, Генералниот секретар на Обединетите нации ќе ги информира сите држави наведени во член 48, став 1 од Пактот за следново:

       а) потпишувањата, ратификациите и пристапувањата според членот 8;

       б) денот на стапување во сила на овој Протокол според членот 9 и за денот на стапување на сила на секој амандман според членот 11;

       в) откажување според членот 12.

    

Член 14

     

1. Овој Протокол ќе биде депониран во архивите на Обединетите нации, а

текстовите од овој Протокол на кинески, англиски, француски, шпански и руски јазик се еднакво автентични.

2. Генералниот секретар на Обединетите нации ќе достави заверени примероци од овој Протокол до сите држави наведени во членот 48 од Пактот.