Врати се Назад                            Основна Страна

 

 

Меѓународен пакт за социјалните и културните права на човекот

 

Државите - страни на овој пакт,

Сметајќи дека според принципите изразени во Повелбата на Обединетите нации, признавањето на достоинството, кое е суштествено за сите членки на човековото семејство и на нивните еднакви и неотуѓиви права, претставува основа на слободата, правдата и мирот во светот,

Свесни дека овие права произлегуваат од достоинството, неотуѓиво од човековата личност,

Свесни дека според Универзалната декларација за правата на човекот, идеалот на слободното човечко суштество, особено од страв и беда, може да се постигне само ако се создадат услови што овозможуваат секој да ги ужива своите економски, социјални и културни права, и своите граѓански и политички права.

Сметајќи дека Повелбата на Обединетите нации им ја наметнува обврската на државите да го унапредуваат општото и фактичкото почитување на човековите права и слободи.

Водејќи сметка за фактот дека поединецот има должност спрема другите поединци и спрема заедницата на која и припаѓа и дека е должен да се залага за унапредување и почитување на правата признати во овој пакт,

Се договорија за следното:

 

ПРВ ДЕЛ

 

Член 1

   

1. Сите народи имаат право на самоопределување. Врз основа на ова право, тие слободно го определуваат својот политички статус и слободно го обезбедуваат својот економски, социјален и културен развој.

2. За да ги постигнат своите цели, сите народи можат слободно да располагаат со своите богатства и со своите природни извори, без штета по обврските што произлегуваат од меѓународната стопанска соработка, заснована врз принципот на заемниот интерес и меѓународното право. Еден народ каков и да е не може да биде лишен од своите сопствени средства за живот.

3. Државите - страни на овој пакт, вклучувајќи ги тука и оние држави што се одговорни за управувањето со несамостојните територии и со териториите под старателство, се должни да го помагаат остварувањето на правото на народите на самоопределување и да го почитуваат ова право согласно одредбите на Повелбата на Обединетите нации.

    

ВТОР ДЕЛ

 

Член 2

  

1. Секоја држава - страна на овој пакт се обврзува и поединечно и преку меѓународната помош и соработка, особено на економско и техничко поле, а користејќи ги во најголема можна мера своите расположливи извори, да презема чекори за да се постигне постепено потполно остварување на правата признати во овој пакт со сите соодветни средства, вклучувајќи го посебно донесувањето законски мерки.

2. Државите - страни на овој пакт се обврзуваат да гарантираат дека сите права што се наведени во него ќе бидат остварувани без каква и да е дискриминација заснована врз раса, боја, пол, јазик, вера, политичко мислење или некое друго мислење, национално или социјално потекло, имотна состојба, раѓање или некоја друга околност.

3. Водејќи сметка на соодветен начин за правата на човекот и за своето национално стопанство, земјите во развој можат да им определат на лицата што не се нејзини државјани во која мера ќе им ги гарантираат економските права признати со овој пакт.

    

Член 3

     

Државите - страни на овој пакт се обврзуваат да им обезбедат еднакво право на мажите и на жените да ги уживаат сите економски, социјални и културни права што се наброени во овој пакт.

    

Член 4

    

Државите - страни на овој пакт признаваат дека во поглед на уживањето на правата што ги обезбедува државата според овој пакт, државата може да ги ограничи тие права само со закон и тоа во онаа мера, која е во согласност со природата на овие права и исклучиво со цел за унапредување на општата благосостојба во демократското општество.

    

Член 5

    

1. Ни една одредба од овој пакт не може да се толкува како да содржи какво и да е право за некоја држава, групација или поединец да врши некоја дејност или да врши некој акт со цел за рушење на правата или слободите признати со овој пакт или да заведуваат поголеми ограничувања од оние предвидени со овој пакт.

2. Не се признава никакво ограничување или отповикување на основните човекови права што се признати или важат во таа земја според законите, конвенциите, прописите или обичаите, под изговор дека овој пакт нив не ги признава или ги признава во помала мера.

 

ТРЕТ ДЕЛ

 

Член 6

    

1. Државите - страни на овој пакт го признаваат правото на работа кое го опфаќа правото што го има секое лице на можност за заработување преку слободно избрана или прифатена работа и презема соодветни мерки за зачувување на ова право.

2. Меѓу мерките што треба да ги преземе секоја држава - страна на овој пакт, со цел за потполно остварување на ова право, спаѓаат програмите на техничката и стручната ориентација и обука, политиката и методите за постигнување на постојан економски, социјален и културен развој и потполна производна вработеност во услови што на човекот му гарантираат уживање на основните политички и економски слободи.

 

Член 7

    

Државите - страни на овој пакт го признаваат правото што го има секое лице да се користи со правичните и поволните услови за работа што особено обезбедуваат:

а)      награда што им обезбедува минимум на сите работници;

- праведна заработувачка и еднаква награда за работа од иста вредност, без каква и да е разлика; посебно жените мора да имаат гаранција дека условите на нивната работа не се полоши од условите што ги уживаат мажите и да примаат иста награда како овие за истата работа;

- пристоен живот за нив и за нивното семејство согласно со одредбите на овој пакт;

      б) хигиенско-техничка заштита при работа;

      в) иста можност за сите да напредуваат во својата работа во повисока соодветна категорија, водејќи сметка единствено за наполнетите години на служба и за способностите;

      г) одмор, разонода, разумно ограничување на работното време и повремени платени отсуства, како и надоместок за празнични денови.

    

Член 8

    

1. Државите членки на овој пакт се обврзуваат да го обезбедат:

      а) правото што го има секое лице со други да основа синдикати и да се зачлени во синдикат по свој избор, со единствен услов - правилата да бидат утврдени од страна на заинтересираната организација, со цел за унапредување и заштита на економските и социјалните интереси. Остварувањето на ова право може да биде предмет единствено на ограничувањата предвидени со закон, а што се неопходни во демократското општество во интерес на националната безбедност или на јавното устројство, или на заштитата на правото и слободата на друг;

      б) правото што го имаат синдикатите да создаваат национални здруженија и сојузи и правото што тие го имаат на создавање меѓународни синдикални организации или на зачленување во нив;

      в) правото што го имаат синдикатите слободно да ја вршат својата дејност, без друго ограничување, освен она што го предвидува законот, а кое претставува потребна мерка во демократското општество, во интерес на националната безбедност или на јавното устројство, или заради заштита на правата и слободите на друг;

      г) правото на штрајк, што се остварува според законите на секоја земја.

2. Овој член не спречува реализирањето на овие права од страна на членовите на оружените сили, на полицијата или на државната управа, да подлежи на законски ограничувања.

3. Ни една одредба од овој член не им допушта на државите - страни на Конвенцијата на Меѓународната организација на трудот од 1948 година за синдикалната слобода и за заштита на синдикалното право да донесуваат законски мерки што би ги нарушувале или да го применуваат законот на начин што би ги нарушувал границите предвидени со наведената конвенција.

Член 9

    

Државите - страни на овој пакт на секое лице му го признаваат правото на социјално обезбедување, вклучувајќи го тука социјалното осигурување.

    

Член 10

    

Државите - страни на овој пакт признаваат дека:

1. Треба да му биде дадена што поширока заштита и помош на семејството кое е природен и основен составен дел на општеството, посебно за неговото засновање и за она време за кое тоа ја поднесува одговорноста за издржување и воспитување на децата за кои се грижи. За склопување на брак идните сопружници мораат слободно да се согласат.

2. Треба да им биде дадена на мајките посебна заштита за разумно време пред и по раѓањето на децата. Вработените мајки за време на овој период треба да уживаат платено отсуство или отсуство со соодветни давања од социјалното осигурување.

3. Треба да се преземат посебни мерки за заштита и помош во корист на децата и младите, без каква и да е дискриминација од роднински или од други причини. Децата и младината мора да бидат заштитени од економска и социјална експлоатација. Со закон треба да се санкционира вработувањето на работни места што се од таква природа што можат да го изложат на опасност нивниот морал или нивното здравје, да го доведат во опасност нивниот живот или да му наштетат на нивниот морален развој. Државите, исто така, треба да ги утврдат границите на возраст под кои платеното вработување на детска работна сила е со закон забрането и санкционирано.

    

Член 11

    

1. Државите - страни на овој пакт на секое лице му го признаваат правото на животен стандард, доволен за самиот него и за неговото семејство, вработувањето, како и постојаното подобрување на неговите животни услови. Државите - страни ќе преземат соодветни мерки заради обезбедување на остварувањето на ова право и за таа цел тие го признаваат суштественото значење на слободно избраната меѓународна соработка.

2. Државите - страни на овој пакт, признавајќи му го основното право што секое лице го има на заштитата од глад, ќе донесат поединечно или преку меѓународна соработка потребни мерки, вклучувајќи ги тука и конкретните програми;

      а) за подобрување на методите на производство, на зачувувањето и поделбата на прехранбените производи преку целосно ширење на воспитните принципи за исхрана, развиток или реформа на аграрните системи, така што да обезбедат колку е можно подобро оспособување и користење на природните богатства;

      б) за обезбедување на праведна распределба на светските прехранбени богатства во однос на потребите, водејќи сметка за проблемите што се поставуваат како во земјите - увознички, така и во земјите - извознички на прехранбени производи.

    

 

 

 

Член 12

    

1. Државите - страни од овој пакт го признаваат правото на секое лице за       најдобро физичко и ментално здравје што може да се постигне.

2. Мерките што ќе ги преземат државите - страни на овој пакт, со цел за обезбедување целосно остварување на ова право, треба да ги опфатат мерките што треба да обезбедат:

      а) намалување на бројот на мртвородените деца и смртноста на децата, како и здрав развиток на детето;

      б) подобрување на сите видови хигиена на средината и на индустриската хигиена;

      в) профилаксија и лекување на епидемични, ендемични, професионални и други заболувања, како и борба против овие болести;

      г) создавање услови за обезбедување лекарски услуги и помош за сите во случај на болест.

     

Член 13

    

1. Државите - страни на овој пакт го признаваат на секое лице правото на образование. Тие се согласуваат дека образованието треба да е насочено кон целосен развој на човечката личност и достоинство и да го зајакне почитувањето на човековите права и основни слободи. Освен тоа, тие се согласни дека образованието треба да му овозможи на секое лице да игра корисна улога во слободното општество, да го унапредува разбирањето, толеранцијата и пријателството меѓу сите народи и сите расни, етнички или верски групи и да го поттикнува развојот на дејноста на Обединетите нации за зачувување на мирот.

2. Државите - страни на овој пакт, со цел за обезбедување на потполно користење на ова право, признаваат дека:

      а) основното образование треба да биде задолжително и бесплатно, достапно

за сите;

      б) средното образование во своите разни видови, вклучувајќи го тука и

средно-техничкото и стручното школување, треба да биде општо и достапно за

сите преку соодветни мерки, а особено преку постепено воведување бесплатно

школување;

      в) високото образование треба да им биде достапно на сите подеднакво, зависно од способноста на секој, преку соодветни средства, а особено преку постепено воведување бесплатно школување;

      г) основната настава треба да биде поттикнувана или засилена што е можно повеќе за лицата што не добиле основно образование или што не го добиле во потполност;

      д) треба активно да се работи врз развојот на школската мрежа на сите степени, да се воспостави адекватен систем на стипендии и постојано да се подобруваат материјалните услови на наставниот персонал.

3. Државите - страни на овој пакт се обврзуваат да ја почитуваат слободата на родителите и , во даден случај, на законските старатели, да изберат за своите деца други училишта освен оние што се формирани од јавните власти, а што се во согласност со таков минимум образовни стандарди евентуално пропишани или одобрени од државата и да обезбедат верско и морално воспитување на своите деца согласно своите сопствени убедување.

4. Ниту еден дел од одредбава од овој член не може да се толкува како нарушување на слободата на поединец и на правни лица да основаат и да     управуваат со образовни институции под услов принципите изнесени во точката 1 на овој член да бидат почитувани и под услов образованието што го даваат овие училишта да биде во согласност со минималните стандарди што државата може да ги пропише.

 

Член 14

    

Секоја држава - страна на овој пакт, која во моментот кога станува членка уште не можела да обезбеди во својата метропола и на териториите под своја управа задолжително и бесплатно основно образование, се обврзува во рок од две години да изработи и да донесе исцрпен план на мерки потребни за постапно остварување, во разумен број години, што ќе ги утврди тој план, со целосна примена на принципот на задолжително бесплатно основно образование за сите.

    

Член 15

    

1. Државите - страни на овој пакт секому му го признаваат правото:

      а) да учествува во културниот живот;

      б) да се користи со достигањата на науката и со нивната примена;

      в) да ужива заштита на моралните и материјалните интереси што произлегуваат од секоја научна, литературна или уметничка продукција, чиј автор е тој.

2. Мерките што ги преземаат државите - страни на овој пакт, а со цел обезбедување целосно користење на ова право, мора да ги опфаќаат мерките што се потребни за обезбедување на зачувувањето, развитокот и ширењето на науката и културата.

3. Државите - страни на овој пакт се обврзуваат да ја почитуваат слободата неопходна за научно истражување и творечка дејност.

4. Државите - страни на овој пакт ги признаваат придобивките што треба да бидат резултат на јакнењето и на развитокот на меѓународната соработка и врските на полето на науката и културата.

 

ЧЕТВРТИ ДЕЛ

 

Член 16

 

1. Државите - страни на овој пакт, според одредбите на овој дел на Пактот, се обврзуваат да поднесат извештаи за мерките што ќе ги усвојат, како и за напредокот постигнат со цел да се обезбеди почитување на правата признати во Пактот.

2. а) Сите извештаи се упатуваат до Генералниот секретар на Организацијата на Обединетите нации, кој ја доставува нивната копија до Економско - социјалниот совет на разгледување, во согласност со одредбите на овој

пакт.

      б) Генералниот секретар на Организацијата на Обединетите нации, исто така, им ги доставува на специјализираните установи копиите на извештаите или соодветни делови од извештаите што ги упатиле државите - страни на овој пакт кои исто така се членови на наведените специјализирани установи, доколку овие извештаи или делови од извештаите се однесуваат на прашањата во врска со надлежностите на овие установи во согласност со нивните законски акти.

    

Член 17

    

1. Државите - страни на овој пакт своите извештаи ги поднесуваат по етапи, според програмата што ќе ја изработи Економско-социјалниот совет во рок од една година, сметајќи од денот на влегувањето во сила на овој пакт, откако ќе ги консултира државите - страни и заинтересираните специјализирани установи.

2. Извештаите можат да укажуваат на факторите и тешкотиите што ги попречуваат овие држави да ги извршат во потполност своите обврски предвидени во овој пакт.

3. Во случај државата членка на овој пакт веќе да и ги упатила на Организацијата на Обединетите нации или на некоја специјализирана установа известувањата по тоа прашање, нема да биде потребно да се умножуваат известувањата и ќе биде доволно да се повика на овие известувања.

    

Член 18

    

Врз основа на одговорностите што му се дадени со Повелбата на Обединетите нации по прашањето на човековите права и основните слободи, Економско-социјалниот совет може да склучи спогодби со специјализираните установи заради поднесување извештаи во врска со постигнатиот напредок во поглед на почитувањето на одредбите од овој пакт што влегуваат во рамките на нивната дејност. Овие извештаи можат да ги опфатат податоците за одлуките и препораките усвоени од страна на надлежните органи на специјализираните установи по прашањето на спроведувањето на овие мерки.

    

Член 19

    

Економско-социјалниот совет, заради општо проучување и препораки или заради информации ако е потребно, на Комисијата за правата на човекот може да и ги врати извештаите по прашањето на правата на човекот што ги доставуваат државите согласно член 16 и 17 и извештаите по прашањето на правата на човекот што ги доставуваат специјализираните установи според членот 18 на овој пакт.

    

Член 20

    

Државите - страни на овој пакт и заинтересираните специјализирани установи можат да му поднесат на Економско - социјалниот совет забелешки за секоја препорака од општ карактер, направена согласно со членот 19 на овој пакт или за секоја забелешка на препорака од општ карактер во извештајот на Комисијата за правата на човекот или во секој друг документ наведен во тој извештај.

    

Член 21

    

Економско-социјалниот совет, одвреме-навреме, може да му поднесе на Генералното собрание извештаи што содржат препораки од општ карактер и преглед на известувањата што се добиени од државите - страни во овој пакт и од специјализираните установи за преземените мерки и за постигнатиот напредок заради обезбедување на општо почитување на правата признати во овој пакт.

   

Член 22

    

Економско-социјалниот совет може да им обрне внимание на другите органи на Организацијата на Обединетите нации, на нивните помошни органи и на заинтересираните специјализирани установи што се занимаваат со давање техничка помош, на секое прашање содржано во извештаите, наведени во овој дел на овој пакт, а кое може да им помогне на овие органи да се изјаснат секој во областа на својата надлежност, за утешноста на меѓународните мерки што можат да придонесат за фактичното и постапно спроведување на овој пакт.

    

Член 23

    

Државите - страни на овој пакт се согласни дека мерките од меѓународен карактер што имаат за цел да обезбедат остварување на правата, признати во овој пакт, опфаќаат особено склучување на конвенции, усвојување на препораки, давање техничка помош и, заедно со заинтересираните влади, организирање регионални и технички состаноци заради консултирање и проучување.

    

Член 24

    

Ни една одредба од овој пакт не може да се толкува како да ги нарушува одредбите на Повелбата на Обединетите нации и на уставите на специјализираните установи, што ги определуваат одговорностите на разните органи на Организацијата на Обединетите нации и на специјализираните установи во поглед на прашањата што се обработени во овој пакт.

    

Член 25

    

Ни една одредба од овој пакт не може да се толкува како да го нарушува правото што им припаѓа на сите народи на потполно и слободно уживање и користење на нивните богатства и природни извори.

    

ПЕТТИ ДЕЛ

 

Член 26

   

1. Овој пакт е отворен за потпишување на секоја држава - страна на Организацијата на Обединетите нации или на член од која и да е специјализирана установа, на секоја држава - страна на Статутот на Меѓународниот суд на правдата, како и на секоја друга држава што ќе ја повика Генералното собрание на Обединетите нации да стане членка на овој пакт.

2. Овој пакт подлежи на ратификација, а ратификационите инструменти се депонираат кај Генералниот секретар на Обединетите нации.

3. Овој пакт е отворен за пристапување на секоја држава, спомната во точката 1 од овој член.

4. Пристапувањето се врши со депонирање на инструментите за пристапување кај Генералниот секретар на Организацијата на Обединетите нации.

5. Генералниот секретар на Организацијата на Обединетите нации ги известува сите држави што го потпишале овој пакт, или што му пристапиле, за депонирањето на секој ратификационен инструмент или инструмент за пристапување.

    

Член 27

    

1. Овој пакт влегува во сила три месеци по денот на депонирањето на триесет и петтиот ратификационен инструмент или инструмент за пристапување кај Генералниот секретар на Организацијата на Обединетите нации.

2. За секоја држава што ќе го ратификува овој пакт или ќе му пристапи по депонирањето на триесет и петтиот ратификационен инструмент или инструмент за пристапување, овој пакт влегува во сила три месеци по депонирањето на ратификациониот инструмент или инструментот за пристапување од страна на државата.

    

Член 28

    

Одредбите на овој пакт се применуваат, без какво и да е ограничување и исклучоци, врз сите уставни единици на федералните држави.

    

Член 29

     

1. Секоја држава - страна на овој пакт може да предложи измена и дополнение и изменетиот и дополнетиот текст да го депонира кај Генералниот секретар на Организацијата на Обединетите нации. Генералниот секретар тогаш ги доставува сите нацрт - измени и дополненија до државите - страни на овој пакт, барајќи да му назначат дали сакаат да се свика конференција на државите - страни заради разгледување на овие нацрти и за нивните изгласувања. Ако најмалку една третина од државите се изјаснат за ова свикување, Генералниот секретар свикува конференција под покровителство на Организацијата на Обединетите нации. Секоја измена и дополнение, што ќе ја усвои мнозинството држави што се присутни и што гласаат на конференцијата, се доставува на усвојување до Генералното собрание на Обединетите нации.

2. Овие измени и дополненија влегуваат во сила кога ќе ги одобри Генералното собрание на Обединетите нации и ќе ги прифати, според своите уставни правила, двотретинското мнозинство на државите - страни од овој пакт.

3. Кога овие измени и дополненија ќе влезат во сила, задолжителни се за државите - страни што ги усвоиле, а другите држави - страни остануваат врзани со одредбите на овој пакт и со секое друго дополнение и изменување што ќе биде подоцна усвоено.

 

Член 30

   

Независно од известувањата предвидени во точката 5 на членот 26 на овој пакт, Генералниот секретар на Обединетите нации ги известува сите држави спомнати во точката 1 на овој член:

      а) за потписите ставени на овој пакт и за ратификационите инструменти и за инструментите за пристапување депонирани според членот 26 на овој пакт;

      б) за датумот на влегувањето во сила на овој пакт според членот 27 и за датумот на влегувањето во сила на измените и дополненијата предвидени во членот 29 на овој пакт.

    

Член 31

    

1. Овој пакт, чиј англиски, кинески, шпански, француски и руски текст се подеднакво веродостојни, се депонира во архивите на Организацијата на Обединетите нации.

2. Генералниот секретар на Организацијата на Обединетите нации им доставува заверена копија на овој пакт на сите држави наведени во членот 26 на овој пакт.