Врати се Назад                            Основна Страна

 

 

Конвенција за елиминирање на сите форми на дискриминација на жените

 

 

Државите членки на оваа конвенција,

Констатирајќи дека Повелбата на Обединетите нации повторно ја прогласува верата во основните права на човекот, достоинството и вредноста на човековата личност и во рамноправноста на мажите и жените,

Констатирајќи дека Општата декларација за правата на човекот го потврдува начелото на недопустливост на дискриминацијата и прогласува дека сите луѓе се родени слободни и еднакви во достоинството и правата и дека секому му припаѓаат сите права и слободи што се таму наведени, без какви и да било разлики, вклучувајќи ја и разликата во поглед на полот,

Констатирајќи дека државите потписнички на Меѓународниот пакт за правата на човекот имаат обврска да обезбедат рамноправност на мажите и жените во поглед на сите економски, општествени, културни,             граѓански и политички права,

Имајќи ги предвид меѓународните конвенции склучени под покровителство на Обединетите нации и на специјализираните агенции, што се однесуваат на рамноправноста на мажите и жените.

Имајќи ги, исто така, предвид резолуциите, декларациите и препораките што ги усвоија Обединетите нации и специјализираните агенции, што се однесуваат на рамноправноста на мажите и жените,

Загрижени, меѓутоа, поради фактот што и покрај сите овие инструменти и понатаму постои широка дискриминација на жените

Потсетувајќи дека со дискриминацијата на жените се кршат начелата на рамноправност и почитување на човековото достоинство, дека тоа претставува пречка за рамноправното учество на жените во политичкиот, општествениот, економскиот и културниот живот на нивните земји, го сопира натамошниот напредок на општеството и на семејството и го отежнува целосниот развој на способноста на жените да учествуваат во служба на своите земји и на човештвото,

Загрижени поради фактот што, во услови на сиромаштво, на жените им се најмалку достапни храната, здравствената заштита, образованието, обуката и вработувањето и задоволувањето на другите потреби,

Уверени дека воспоставувањето на нов меѓународен економски поредок, заснован врз рамноправност и праведливост, значително ќе придонесе за остварување на рамноправноста на мажите и жените,

Нагласувајќи дека ликвидацијата на апартхејдот, на сите форми расизам,

расна дискриминација, колонијализам, неоколонијализам, агресија, странска окупација, доминација и мешање во внатрешните работи на други држави е од суштествена важност за потполното остварување на правата на мажите и жените,

Потврдувајќи дека јакнењето на меѓународниот мир и безбедност, попуштањето на меѓународната затегнатост, меѓусебната соработка на сите држави без оглед на нивниот општествен и економски систем, општото и целосно разоружување, посебно нуклеарното разоружување под строга и ефикасна меѓународна контрола, афирмацијата на принципите на справедливост, рамноправност и заемна корист во односите помеѓу земјите, остварувањето на правото на народите под странска и колонијална доминација и странска окупација на самоопределување и независност, како и почитувањето на националниот суверенитет и територијалниот интегритет, ќе придонесат за општествениот напредок и за развојот, а со тоа и за остварувањето на целосна рамноправност на мажите и жените,

Уверени дека целосниот и сестран развој на земјите, благосостојбата на светот и делото на мирот бараат најголемо учество на жените, рамноправно со мажите, во сите сфери на животот,

Имајќи го предвид големиот придонес на жените за благосостојба на семејството и за развојот на општеството, што досега во потполност не е признато, општественото значење на мајчинството и улогата на обата родители во семејството и во подигањето на децата и свесни дека улогата на жената во раѓањето не треба да биде основа за дискриминација туку дека подигањето на децата треба да се смета како заедничка одговорност на мажите и жените и на општеството во целост,

Свесни дека е потребно да се промени традиционалната улога на мажот, како и улогата на жената во општеството, за да се оствари целосна рамноправност на мажите и жените,

Решени да ги применат принципите содржани во Декларацијата за елиминирање на дискриминацијата на жените, како и за таа цел да ги усвојат мерките потребни за отстранувањето на таа дискриминација во сите нејзини видови и манифестации,

Се согласија за следното:

 

ДЕЛ ПРВИ

 

Член 1

 

За целите на оваа конвенција, изразот "дискриминација на жените" ја означува секоја разлика, исклучување или ограничување во поглед на полот, што има за последица или цел да го загрози или оневозможи признавањето, остварувањето или вршењето од страна на жените на човековите права и основните слободи на политичко, економско, општествено, културно и граѓанско или друго поле, без оглед на нивната брачна состојба, врз основа на рамноправност на мажите и жените.

    

Член 2

 

Државите членки ја осудуваат дискриминацијата на жените во сите видови, согласни се да ја спроведуваат, со сите соодветни средства што им стојат на располагање и без одлагање, политиката на отстранување на дискриминација на жените и за таа цел се обврзуваат:

       а) да го внесат принципот на рамноправност на мажите и жените во своите национални устави или во соодветните закони, доколку тоа веќе не го сториле, како и да обезбедат, со законски или со други соодветни мерки, практична примена на тој принцип;

       б) да усвојат соодветни законски и други мерки, вклучувајќи и санкции каде што е потребно, со кои се забрануваат сите видови дискриминација на жените;

       в) да воведат правна заштита на правата на жените врз рамноправна основа со мажите и, преку надлежните национални судови и други јавни институции, да обезбедат ефикасна заштита на жените од секоја постапка со која се врши дискриминација;

       г) да се воздржат од секоја постапка или практика на дискриминација на жените и да обезбедат јавните органи и институции да постапуваат во согласност со оваа обврска;

       д) да ги преземат сите потребни мерки заради отстранување на дискриминација на жените од страна на кое било лице, организација или претпријатие;

       ѓ) да ги преземат сите погодни мерки, вклучувајќи ги и законодавните, заради измена или укинување на постојните закони, прописи, обичаи и практика, што претставуваат дискриминација на жените;

       е) да ги стават надвор од сила сите внатрешни казнени одредби со кои се врши дискриминација на жените.

  

Член 3

 

Државите членки ги преземаат во сите области, посебно во политичката, општествената, економската и културната, сите погодни мерки, вклучувајќи ги законодавните, заради обезбедување целосен развој и напредок на жените, за да им се гарантира остварување и уживање на правата на човекот и на основните слободи, рамноправно со мажите.

    

Член 4

    

 1. Усвојувањето на посебни привремени мерки од страна на државите членки, што имаат за цел да се забрза остварувањето на рамноправноста на мажите и жените де факто, не се смета за дискриминација како што е дефинирано во оваа конвенција, но не смее на кој и да било начин да има за последица нееднакви или различни мерила, а овие мерки ќе престанат да важат кога ќе се оствари целта на сите да им се дадат еднакви можности и третман.

2. Усвојувањето на посебни мерки од страна на државите членки, вклучувајќи ги и мерките содржани во оваа конвенција што имаат за цел да се заштити мајчинството, не се смета за дискриминација.

    

Член 5

     

Државите членки ги преземаат сите погодни мерки:

       а) заради измена на општествените и културните обичаи во поглед на однесувањето на мажите и жените за да се отстранат предрасудите, како и вообичаената и секоја друга практика заснована врз сфаќањето за инфериорноста или супериорноста на едниот или другиот пол или за традиционалната улога на мажите односно на жените;

       б) семејното воспитување да го опфати и правилното сфаќање за мајчинството како општествена функција и признавањето на заедничката одговорност на мажите и жените во подигањето и развојот на децата, подразбирајќи во сите случаи да мора, пред се да се води сметка за интересите на детето.

Член 6

 

Државите членки ги преземаат сите погодни мерки, вклучувајќи ги и законодавните, заради спречување на сите форми на трговија со жените, како и искористувањето на проституцијата на жените.

    

ДЕЛ ВТОРИ

 

Член 7

 

Државите членки ги преземаат сите погодни мерки за отстранување на дискриминацијата на жените во политичкиот и јавниот живот на земјата, а посебно се должни да го обезбедат, под еднакви услови како и на мажите, правото на жените:

       а) да гласаат на сите избори и јавни референдуми и да бидат избирани во сите тела што се избираат по пат на јавни избори;

       б) да учествуваат во креирањето и спроведувањето на владината политика и да заземаат раководни положби и да ги вршат сите јавни функции на сите нивоа на власт;

       В) да учествуваат во работата на невладините организации и здруженија што се занимаваат со јавниот и политичкиот живот во земјата.

    

Член 8

    

Државите членки ги преземаат сите погодни мерки за да им обезбедат на жените можност, под еднакви услови со мажите, без дискриминација, да ги претставуваат своите влади на меѓународно ниво, како и да учествуваат во работата на меѓународните организации.

 

Член 9

 

1. Државите членки им признаваат на жените еднакви права како и на мажите, да го стекнат, да го променат или да го задржат своето државјанство. Тие посебно се грижат склучувањето на брак со странски државјанин или промената на државјанство на мажот за време на траењето на бракот автоматски да нема за последица промена на државјанството на жената, ниту таа да стане лице без државјанство односно да биде присилена да го земе државјанството на мажот.

2. Државите членки им обезбедуваат на жените еднакви права како и на мажите, во поглед на државјанството на децата.

 

ДЕЛ ТРЕТИ

 

Член 10

 

Државите членки ги преземаат сите погодни мерки заради отстранување на дискриминацијата на жените за да им обезбедат еднакви права како и на мажите, во поглед на образованието, а посебно за да обезбедат врз основа на рамноправност на мажите и жените:

       а) еднакви услови во поглед на кариерата и професионално насочување, во поглед на можноста за учење и стекнување на дипломи во образовните установи од сите категории како во селските така и во градските средини, оваа рамноправност се обезбедува во поглед на предучилишното, општото, техничкото и стручното образование, како и на вишото техничко образование и на сите видови професионално насочување;

       б) достапност на еднакви наставни програми, еднакви испити и наставен персонал кој има квалификации од исто ниво, како на училишни простории и опрема од ист квалитет;

       в) отстранување на традиционалното сфаќање за улогите на мажите и жените на сите степени и во сите форми на образование со поттикнување создавањето на мешовити одделенија и други видови образование што можат да придонесат за постигањето на таа цел, посебно со ревизија на учебниците и на училишните програми и со приспособување на наставните методи;

       г) еднаква можност за користење на стипендиите и на другите видови бесповратна помош за студии;

       д) еднаква можност за пристап кон програмите на перманентно образование, вклучувајќи ги програмите за образование на возрасните и функционалните програми за описменување, посебно оние што имаат за цел во што е можно пократко време да се намали јазот во степенот на образованието помеѓу мажите и жените;

       ѓ) намалување на стапката на напуштање на училиштето од страна на женската младина и организација на програми за девојките и жените кои прерано го напуштиле училиштето;

       е) еднакви можности за активно занимање со спорот и физичко воспитување;

       ж) достапност на посебните информации од областа на образованието, заради давање помош во обезбедувањето на здравјето и благосостојбата на семејството, вклучувајќи ги информациите и советите за планирањето на  семејството.

   

Член 11

 

1. Државите членки ги преземаат сите погодни мерки заради елиминирање на дискриминација на жените во областа на вработувањето за да може, врз основа на рамноправнсота на мажите и жените, да се обезбедат еднакви права, а посебно:

       а) правото на работа како неотуѓиво право на сите луѓе;

      б) правото на еднакви можности за вработување, вклучувајќи ја и примената на еднакви критериуми при изборот на кандидати за работното место;

      в) правото на слободен избор на професијата и вработувањето, правото на унапредување, сигурност на вработувањето и сите права и услови што произлегуваат од работа, како и правото на стручно оспособување и преквалификација, вклучувајќи го учењето во стопанството, вишото стручното оспособување и повременото додатно оспособување;

      г) правото на еднаква награда, вклучувајќи ги бенефициите, како и на еднаков третман за еднаква работа и еднаков третман при оценувањето на квалитетот на работата;

      д) правото на социјална заштита, посебно во случај на заминување во пензија, невработеност, болест, инвалидност, старост и други видови неспособност за работа, како и правото на платено отсуство;

       ѓ) правото на здравствена заштита и заштита при работа, вклучувајќи ја и заштитата на биолошките и репродуктивните функции на жената.

2. Заради спречување на дискриминацијата на жените поради стапување во брак или мајчинство и заради обезбедување на нивното стварно право на работа, државите членки перземаат соодветни мерки заради:

      а) забрана, под закана од преземање на санкции, на давањето отказ поради бременост или породилно отсуство и дискриминацијата при отпуштањето од работа поради брачна состојба;

      б) воведување платено породилно отсуство или слични социјални бенефиции, без губење на правото на поранешното работно место, примањата по основа на стаж и социјалните примања;

       в) поттикнување да се обезбедуваат потребните помошни општествени служби за да им се овозможи на родителите да ги усогласат семејните обврски со обврските на работното место и учеството во општествениот живот, посебно со поттикнување на основањето и развојот на мрежата на установи за грижа за децата;

       г) обезбедувањето на посебна заштита на жената за време на бременоста на оние работни места за кои е докажано дека се штетни за бремените жени.

3. Мерките на законска заштита што се однесуваат на прашањата опфатени во овој член се преиспитуваат периодично, во светлината на научните и технолошките сознанија и по потреба, се ревидираат, укинуваат или продолжуваат.

    

Член 12

 

1. Државите членки преземаат соодветни мерки заради елиминирање на дискриминацијата на жените во областа на здравствената заштита за да можат, врз основа на рамноправноста на жените и мажите, да обезбедат достапност на здравствените услуги, вклучувајќи ги оние што се однесуваат на планирањето на семејството.

2. Без оглед на одредбата на став 1 од овој член, државите членки им обезбедуваат соодветни здравствени услуги на жените за време на бременоста, раѓањето и во периодот по раѓањето на детето, со обезбедување на бесплатни услуги, каде што е тоа потребно, како и соодветна исхрана за време на бременоста и доењето.

    

Член 13

 

Државите членки ги преземаат сите соодветни мерки заради елиминирање на дискриминацијата на жените во другите области на стопанскиот и општествениот живот, за да им се обезбедат врз основа на рамноправноста на жените и мажите, еднакви права, а посебно:

 

      а) право на банкарски заеми, хипотекарни и други видови финансиски

кредити;

      б) право на учество во рекреативните активности спортот и сите други форми на културен живот.

    

Член 14

    

1. Државите членки ќе ги земат предвид посебните проблеми со кои се соочува жената на село, како и значајната улога што таа ја има во економскиот опстанок на своето семејство, вклучувајќи ја нејзината работа во секторите на стопанството во кои не се остварува доход и ќе ги преземат сите соодветни мерки за да обезбедат одредбите на оваа конвенција да се применуваат на жената на село.

2. Државите членки ќе ги преземат сите соодветни мерки заради елеминирање на дискриминацијата на жените во селските подрачја за да обезбедат тие, врз основа на рамноправноста на мажите и жените, да учествуваат во развојот на селото и да имаат од тоа користи, а посебно за да го обезбедат нивното право на:

      а) учество во изработката и спроведувањето на плановите за развој на сите нивоа;

       б) пристап до соодветната здравствена заштита, вклучувајќи ги информациите, советите и услугите во врска со планирањето на семејството;

       в) директно користење на програмите за социјална заштита;

       г) стекнување на сите видови обука и образование, формално и неформално, вклучувајќи го описменувањето, како и пристап до сите услуги во рамките на месната заедница, како и до советодавните услуги, меѓу другото, заради проширување на нивните општи и технички знаења;

       д) организирање на групи за самопомош и на задруги за да остварат еднаков пристап до стопанските дејности по пат на вработување или вршење на самостојна дејност;

       ѓ) учество во сите активности на месната заедница;

       е) достапност до земјоделските кредити и заеми, до олесненијата при продажбата на производи, соодветна технологија и еднаков третман во земјишната и аграрната реформа, како и до програмите за повторно населување;

       ж) адекватни животни услови, посебно во поглед на домувањето, хигиенските услови, електричната енергија и снабдувањето со вода, сообраќајот и врските.

    

ДЕЛ ЧЕТВРТИ

 

Член 15

    

1. Државите членки им признаваат на жените еднакви права пред законот како и на мажите.

2. Државите членки им признаваат на жените еднаква правна способност во граѓанските работи како и на мажите и им даваат еднакви можности да се користат со неа. Тие посебно им даваат на жените еднакви права на склучување договори и управување со имот и ги третираат рамноправно во сите фази на постапката пред судот.

3. Државите членки се согласни дека сите напори и сите други приватни инструменти од кој и да било вид, чие правно дејство има за цел да ја ограничи правната способност на жените, се сметаат како ништовни и неважечки.

4. Државите членки им признаваат на жените и мажите еднакви права во поглед на законите за движењето на лицата и слободата на изборот на местото на престојувањето и живеалиштето.

    

Член 16

    

1. Државите членки ги преземаат сите соодветни мерки заради отстранување на дискриминацијата на жените во сите прашања што се однесуваат на бракот и семејните односи, а посебно обезбедуваат, врз основа на рамноправноста на мажите и жените:

       а) еднакво право на склучување на брак;

       б) еднакво право на слободен избор на брачниот другар и склучување на брак само по слободна волја и при потполна согласност;

       в) еднакви права и одговорности во бракот и при разводот;

       г) еднакви родителски права и обврски во однос на децата, без оглед на брачниот статус. Во сите овие случаи интересите на децата мораат да бидат на прво место;

       д) еднакви права слободно и одговорно да одлучуваат за планирањето на семејството, како и да имаат пристап кон информациите, образованието и средствата што ќе им овозможат да се користат со овие права;

       ѓ) еднакви права и одговорности во поглед на старателството, туторството, управувањето со имотот и усвојувањето на деца или сличните институции ако постојат во националното законодавство. Во сите случаи интересите на децата мораат да бидат на прво место;

       е) еднакви лични права на мажот и жената, вклучувајќи го правото на изборот на семејното име, професијата и занимањето;

       ж) еднакави права на обата брачни другари во поглед на сопственоста над имотот односно стекнувањето, управувањето, уживањето и отуѓувањето на имотот, без оглед на тоа дали ова се врши бесплатно или за значителна материјална награда.

2. Свршувачката и стапувањето на детето во брак не може да има никакви правни последици, а ќе се преземат сите потребни мерки, вклучувајќи ги законодавните, заради утврдување на минималните години на возраст за склучување на брак, како и воведувањето на обврската бракот да се склучи во официјалната матична служба.

    

ДЕЛ ПЕТТИ

 

Член 17

   

 1. Заради следење на напредокот остварен во примената на оваа конвенција, ќе се формира Комитет за елиминирање на дискриминацијата на жените (натаму во текстот: Комитет) кој при влегувањето на Конвенцијата во сила ќе има 18, а по ратификацијата или пристапувањето на 35 држави членки, 23 стручњаци со високи морални квалитети и стручност за областа на која се однесува оваа конвенција. Државите членки меѓу своите државјани избираат стручњаци кои во работата на Комитетот ќе учествуваат во лично својство. При изборот на членовите на Комитетот ќе се води сметка за рамномерната географска застапеност, како и за тоа да бидат избрани стручњаци кои ќе ги претставуваат разните цивилизации и главните правни системи.

2. Членовите на Комитетот се избираат со тајно гласање, врз основа на списокот на кандидати што ги именувале државите членки. Секоја држава членка може да именува еден свој државјанин.

3. Првите избори ќе се одржат шест месеци по денот на влегувањето на оваа конвенција во сила. Најмалку три месеци пред датумот на секои избори, Генералниот секретар на Обединетите нации ќе им упати покана на државите членки да поднесат предлози во рок од два месеци. Генералниот секретар ќе го подготви списокот на сите така именувани лица, по азбучен ред, со називите на државите членки што ги именувале и ќе им го достави на државите членки.

4. Изборите за членови на Комитетот ќе се одржат на состанокот на државите членки што ќе го свика Генералниот секретар на Обединетите нации и што ќе се одржи во седиштето на Обединетите нации. На тој состанок, на којшто кворумот го сочинуваат две третини од членовите, ќе бидат избрани оние кандидати што ќе добијат најголем број гласови и апсолутно мнозинство

на гласовите на присутните претставници на државите членки кои гласаат.

5. Членовите на Комитетот се избираат на четири години. Меѓутоа, мандатот на деветмината членови што ќе бидат избрани на првото гласање истекува по две години; веднаш по првите избори, претседателот на Комитетот со ждребка ќе ги избере имињата на овие деветмина членови.

6. Изборите за пет додатни членови на Комитетот ќе се одржат во согласност со одредбите на став 2, 3 и 4 од овој член, по соопштувањето за триесет и петтата ратификација или пристапувањето кон Конвенцијата. Мандатот на двајцата додатни членови на Комитетот што ќе бидат избрани при таа прилика, им истекува по две години. Овие двајца членови ги избира претседателот на Комитетот со ждребка.

7. За пополнување на евентуалните празни места државата членка на чиј претставник му престанала функцијата во својство член на Комитетот именува друго лице од редовите на своите државјани, под резерва на одобрение од Комитетот.

8. Членовите на Комитетот, при согласност од Генералното собрание, ќе примаат награда од средствата на Обединетите нации, под условите што ќе ги определи Генералното собрание, имајќи го предвид значењето на задачите што ги врши Комитетот.

9. Генералниот секретар на Обединетите нации го обезбедува потребниот персонал и условите за ефикасно вршење на функциите на Комитетот во рамките на оваа конвенција.

    

 

 

Член 18

    

1. Државите членки се обврзуваат на Генералниот секретар на Обединетите нации да му поднесат, заради разгледување во Комитетот, извештај за законодавните, судските, управните или други мерки што ги усвоиле заради примена на одредбите на Конвенцијата, како и за напредокот остварен во тој период:

       а) во рок од една година по влегувањето на Конвенцијата во сила во односната држава;

       б) најмалку секоја четврта година по тоа и секогаш кога тоа ќе го побара Комитетот.

2. Во извештаите можат да се наведат факторите и тешкотиите што влијаат врз тоа до која мерка се извршуваат обврските што произлегуваат од оваа конвенција.

    

Член 19

 

Комитетот ги избира своите функционери на период од две години.

    

Член 20

    

1. Комитетот обично се состанува еднаш годишно во траење од најмалку две недели, заради разгледување на извештаите поднесени во согласност со член 18 од оваа конвенција.

2. Состаноците на Комитетот обично се одржуваат во седиштето на Обединетите нации или на кое и да било друго соодветно место што ќе ги определи Комитетот.

    

Член 21

     

1. Комитетот, преку Економскиот и социјалниот совет, секоја година го известува Генералното собрание за својата работа и може да дава предлози и општи препораки врз основа на разгледаните извештаи и информации што ги примил од државите членки. Таквите предлози и општи препораки се внесуваат во извештајот на Комитетот, заедно со евентуалните забелешки на државите членки.

2. Генералниот секретар ги доставува извештаите на Комитетот до Комисијата за положбата на жените, заради информирање.

    

Член 22

     

Специјализираните агенции имаат право да присуствуваат на состаноците при разгледувањето на примената на оние одредби од оваа конвенција што спаѓаат во нивниот делокруг. Комитетот може да побара специјализираните агенции да поднесат извештаи за примената на одредбите на Конвенцијата во областите што спаѓаат во делокругот на нивната работа.

    

 

 

ДЕЛ ШЕСТИ

 

Член 23

     

Ниту една одредба од оваа конвенција не смее да влијае врз кои и да било одредби што поефикасно водат кон постигнување на рамноправност на мажите и жените, а кои можат да бидат содржани во која и да било друга меѓународна конвенција, договор или спогодба што е во сила во односната држава членка.

    

Член 24

     

Државите членки се обврзуваат да ги усвојат сите потребни мерки на внатрешен план заради целосно остварување на правата признати во оваа конвенција.

    

Член 25

    

1. Оваа конвенција им е отворена за потпишување на сите држави.

2. Генералниот секретар на Обединетите нации е определен за депозитар на Конвенцијата.

3. Оваа Конвенција подлежи на ратификација. Ратификационите инструменти се депонираат кај Генералниот секретар на Обединетите нации.

4. Оваа конвенција им е отворена за пристапување на сите држави. Пристапувањата се вршат со депонирање на инструментите за пристапување кај Генералниот секретар на Обединетите нации.

    

Член 26

     

1. Барање за ревизија на Конвенцијата може да поднесе секоја држава членка во секое време по пат на соопштение во писмена форма, упатено до Генералниот секретар на Обединетите нации.

2. Генералното собрание на Обединетите нации решава за евентуалните мерки што треба да се преземат во врска со барањето.

    

Член 27

     

1. Оваа конвенција влегува во сила триесетиот ден сметајќи од денот на депонирањето кај Генералниот секретар на Обединетите нации на дваесетиот  инструмент за ратификација или за пристапување.

2. За секоја држава што ја ратификува оваа конвенција или што и пристапува по депонирањето на дваесеттиот инструмент за ратификација или пристапување, Конвенцијата влегува во сила триесеттиот ден сметајќи од денот на депонирањето на нејзиниот инструмент за ратификација или пристапување.

    

 

 

 

Член 28

     

1. Генералниот секретар на Обединетите нации го прима и доставува до сите држави текстот на резервите што државите ќе ги изјават при ратификацијата или пристапувањето.

2. Резерва што не е споива со предметот и целите на оваа конвенција не е дозволена.

3. Резервите можат да се повлечат во секое време по пат на соопштение во таа смисла, упатено до Генералниот секретар на Обединетите нации, кој за тоа ги известува сите држави. Таквото соопштение влегува во сила почнувајќи од датумот на приемот.

    

Член 29

     

1. Секој евентуален спор помеѓу две или повеќе држави членки во поглед на толкувањето или примената на оваа конвенцијата што не ќе се реши по пат на преговори, се поднесува на арбитража по барање на едната од нив. Доколку во рок од шест месеци од датумот на поднесувањето на барањето за арбитража државите членки не успеат да се согласат за организацијата на арбитражата, секоја страна може да се обрати до Меѓународниот суд на правдата заради решавање на спорот со барање што се поднесува во согласност со Статутот на Судот.

2.Секоја држава членка може при потпишувањето или ратификацијата на оваа конвенција или при пристапувањето кон конвенцијата да изјави дека не се смета обврзана согласност со став 1 од овој член. Другите држави членки нема да бидат обврзни согласно со став 1 од овој член во однос на секоја држава членка што изјавила таква резерва.

3. Секоја држава членка која изјавила резерва во согласност со став 2 од овој член може во секое време да ја повлече резервата по пат на соопштение до Генералниот секретар на Обединетите нации.

    

Член 30

     

Оваа конвенција е составена на арапски, кинески, англиски, француски, руски и шпански јазик, при што сите текстови се еднакво веродостојни и ќе се депонираат кај Генералниот секретар на Обединетите нации.

Во потврда на што долупотпишаните прописно овластени за таа цел, јапотпишаа оваа конвенција.