Врати се Назад                            Основна Страна

 

II Факултативен Протокол кон Меѓународниот Пакт за граѓански и политички права за укинување на смртната казна

 

Државите-членки на овој Протокол,

Верувајќи дека укинувањето на смртната казна ќе придонесе кон јакнење на човековиот дигнитет и кон прогресивниот развој начовековите права,

Повикувајќи се на на членот 3 од Универзалната декларација за човекови права усвоена на 10 декември 1948 г. и на членот 6 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, усвоен на 16 декември 1966 г.,

Забележувајќи дека во членот 6 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права се содржани одредби во врска со смртната казна кои сугерираат дека укинувањето на истата е многу пожелно,

Убедени дека сите мерки за укинување на смртната казна треба да се сметаат за напредок во однос на уживањето на правото на живот,

Со желба на ваков начин меѓународно да се обврзат да се укине смртната казна,

Се договорија за следново:

 

Член 1

     

1. Ниту едно лице под јурисдикцијата на државите-членки на овој Протокол нема да биде егзекутирано.

2. Секоја држава-членка ќе ги преземе сите неопходни мерки да се укине смртната казна на нејзината јурисдикција.

     

Член 2

 

1. Не е дозволено да се стави резерва на овој Протокол, освен резервите направени во времето на ратификацијата или пристапувањето, со која се предвидува примена на смртната казна во време на војна, врз основа на пресуда за сериозно кривично дело од воена природа сторено за време на војна.

2. Државата-членка која ќе направи резерва, во времето на ратификацијата или пристапувањето ќе го извести Генералниот секретар на Обединетите нации за релевантните одредби од нејзиното законодавство што се применуваат во време на војна.

3. Државата-членка што ќе стави таква резерва ќе го извести Генералниот секретар на Обединетите нации за почетокот или крајот на состојбата на војна што важи за нејзината територија.

 

Член 3

    

Државата-членка на овој Протокол во извештаите што ги поднесува до Комитетот за човекови права, а во согласност со членот 40 од Пактот, ќе ги вклучи информациите за мерките што ги усвоила со цел да се спроведе овој Протокол.

Член 4

     

Во однос на земјите-членки на Пактот што поднеле изјава според членот 41, надлежноста на Комитетот за човекови права да прима и разгледува жалби кога една земја-членка тврди дека другата земја-членка не ги исполнува своите обврски, ќе се прошири и во однос на одредбите на овој Протокол, освен ако односната држава-членка не поднела спротивна изјава во моментот на ратификацијата или пристапувањето.

     

Член 5

 

Во однос на земјите-членки на првиот Факултативен протокол кон Меѓународниот пакт за граѓански и политички права усвоен на 16 декември 1966 г. надлежноста на Комитетот да прима и разгледува жалби од поединци под негова јурисдикција, ќе се прошири и на одредбите од овој Протокол, освен во случај државата-членка не поднела спротивна изјава во моментот на ратификацијата или пристапувањето.

     

Член 6

    

 1. Одредбите од овој Протокол ќе се применуваат како дополнителни одредби на Пактот.

 2. Без да се ограничи можноста за ставање резерви според членот 2 од овој Протокол, правото гарантирано во членот 1, став 1 од овој Протокол нема да подлежи на дерогација, според членот 4 од Пактот.

     

Член 7

     

1. Овој Протокол ќе биде отворен за потпишување од страна на било кој

држава што го потпишала Пактот.

2. Овој Протокол подлежи на ратифкација од страна на било која држава што го ратификувала Пактот или што пристапила кон истиот. Инструментот за ратификација ќе биде депониран при Генералниот секретар на Обединетите нации.

3. Овој Протокол ќе биде отворен за пристапување од страна на секојадржава којашто го ратификувала или пристапила кон Пактот.

4. Пристапувањето ќе биде полноважно со депонирање на инструментот за пристапување при Генералниот секретар на Обединетите нации.

5. Генералниот секретар на Обединетите нации ќе ги извести сите држави што го потпишале овој Протокол или коишто пристапиле кон истиот за депонирањето на инструментот за ратификација или пристапување од страна на секоја земја.

 

Член 8

     

1. Овој Протокол ќе стапи во сила три месеци по датумот на депонирање на десет инструменти на ратификација или пристапување при Генералниот секретар на Обединетите нации.

2. За секоја држава што ќе го ратификува или ќе пристапи кон овој

Протокол по депонирањето на десеттиот инструмент за ратификација или

пристапување, овој Протокол ќе стапи во сила три месеци по датумот на депонирањето на инструментот за ратификација или пристапување од страна на односната земја.

     

Член 9

     

Одредбите од овој Протокол ќе важат за сите делови на федералните држави без било какви ограничувања или исклучоци.

     

Член 10

     

Генералниот секретар на Обединетите нации ќе ги извести сите држави спомнати во членот 48, став 1, од Пактот за следново:

       (а) Резервите, жалбите и известувањата според членот 2 од овој Протокол;

       (б)   Изјавите поднесени според членовите 4 и 5 од овој Протокол.

       (в) Потпишувањето, ратификацијата или пристапувањето според членот 7 од овој Протокол;

       (г)  Датумот на стапување во сила на овој Протокол според членот 8 од истиот.

    

Член 11

    

1. Овој Протокол, чии текстови на арапски, кинески, англиски, француски, руски и шпански се подеднакво автентични, ќе биде депониран во архивите на Обединетите нации.

2. Генералниот секретар на Обединетите нации ќе достави заверени копии од овој Протокол до сите држави споменати во членот 48 од Пактот.