Денко МАЛЕСКИ
Правен Факултет, Скопје

ИНТЕРВЈУ за
"НОВА МАКЕДОНИЈА"

9.05.2001

Нова Македонија(натаму Н.М.) Македонија е доведена во ситуација да ја решава кризата со асистенција на мегународната заедница. Како ке влијае тоа на рејтингот на државата на мегународен план?

Денко Малески(натаму Д.М.): Да внесеме малку прецизнот во изразот и да речеме дека Македонија се доведе во ситуација да ја решава меѓуетничката криза со асистенција од странство. Во неодамнешното интервју во "Актуел" реков дека не сум задоволен од тоа како е воден меѓуетничкиот дијалог последниве десетина години илустрирајќи го тоа со пукотниците, штрајковите, зборовите на омраза, па и еден загубен човечки живот, околу прашањето за високото образование на Албанците. А всушност би можеле да бидеме и построги кон себеси ако се согласиме дека сепак погореизнесените манифестации не се вообичаените инструменти на цивилизиран меѓуетнички дијалог. Би можеле дури и да констатираме дека демократски меѓуетнички дијалог последниве десетина години не постои во Македонија. Постоева два наполно изолирани етнички монолози во кои македонската страна инсистира на својот "граѓански концепт" а албанската на својот "конститутивен народ". Просто сум запрепастен од фактот колку бргу ја заборавивме лекцијата од падот на комунизмот: да бидеме слободномислечки луѓе кои го следат реалниот живот и не дозволуваат да стана заробеници на концепти и идеологи и на ислучивоста која е нивен неминовен производ. Таквите херметички затворени модели произведоа состојби во кои секоја страна завзема еден апсолутистички став кон своите интереси, а потоа и тензии кои постепено не доведоа до работ на граѓанска војна. Посредништвото на ОБСЕ преку нивниот комесар за малцинства Ван дер [тул е доказ за перманентната инволвираност на меѓународната заедница сиве овие години, а кога ситуацијата се закануваше да излезе вон од контрола интервенираа на највисоко ниво преку Робертсон од НАТО и Солана од ЕУ. Има ли потреба да зборувам за рејтингот на државата?

Н.М. Дали ситуацијата во Македонија е доведена до тој степен да мораше да се дозвои мегународна арбитража?

Д.М. Се зависи од тоа како гледате на изминатиов период. Ако сте задоволни од меѓуетничкиот дијалог и што тој произведе, ако сметате дека политичките елити успешно се носеле и се носат со сложените аспекти на македонско-албанските односи, тогаш им припаѓате на оние кои сметаат дека е непотребна оваа странска интервенција во нашата домашна политика. Ако, пак, сметате дека дијалогот е неуспешен, дека политичките елити не се во состојба да произведат решение за проблем од кој зависи опстанокот на државата, тогаш не можете а да не го доживеете странското посредување со олеснување и надеж.

Н.М. Дали мегународното посредување не е мешање во внатрешните работи на земјата?

Д.М.Да нема никакви забуни: ова е мешање во внатрешните работи на една суверена држава. Меѓутоа, мнозина, вкучувајќи ме и мене, тоа го разбираат како нужност. Дури би рекол дека и самите политички елити кои се исправени пред тешки одлуки тоа го одобруваат, ако не јавно тогаш потајно. Зошто? Видете, покрај привилегиите кои ги пружа учеството во политичкиот живот на една земја, доаѓаат моменти на тешки и непопуларни политички одлуки. Бидејќи политичкиот инстинкт да се опстане ги тера политичарите да го одбегнуваат донесувањето на таквите одлуки, но станувајќи свесни дека одбегнувањето само ја продлабочуваат кризата која на крајот може да ги исфрли од седлото, добродојдена е интервенција од страна. Но, и тоа не е доволно. Потребно е сите да ги "извалкаат рацете" за да нема повици од типот "издајство", збор толку омилен кај нас. Решение за тоа е широка коалиција. Во секој случај тешки и политички непопуларни решенија стојат пред политичките претставници во Македонија и никој не е особено среќен што е водечки политичар во овој момент. Но ако најдат мирна разврска која ќе не воведе во ера на прогрес, ќе ја заслужат нашата почит.

Н.М. Познава ли историјата И практиката слични ситуации?

Д.М. Да не одиме во историјата и во светската практика. Доволно е да погледнеме каков пат изодеа поранешните југословенски републики, сега самостојни држави и се ќе ни стане јасно. Имено, не само што странскиот фактор знае да интервенира со емисари туку и со бомби, како во случајот со Босна и со Косово, секогаш кога, според нивна проценка, ќе се пречекори линијата на дозволеното поведение. Такво недозволено поведение за нашиве простори беа и сеуште се етничките колежи. Знаете, ние би сакале да ја споделуваме со Европа и со САД благосостојбата и безбедноста, но тешко ни паѓа кога ни се наметнуваат со норми на дозволено поведение, доживувајќи го тоа како мешање. Е, тие работи одат заедно. Ако сакаме да бидеме во нивно друштво, мораме да се однесуваме според нивните правила на поведение.

Н.М. Колку мегународните повелби и другите акти го дозволуваат сегашниот однос на мегународната заедница кон Македонија?

Д.М. И во ова прашање провејува ставот дека некој однадвор работи против интересите на нашата држава, правејќи нешто што не е дозволено со меѓународните акти бидејќи, претпоставувам, е спротивно на нашата волја. Ќе се обидам да ја објаснам дилемата со која сме соочени, со сосема обични зборови.Ние сме суверена земја и ако не ни се допаѓаат странците можеме да им речеме да си одат. Ако не ни се допаѓа ЕУ и НАТО, можеме да го соопштиме тоа јавно и да си одбереме некоја друга надворешнополитичка опција. Но, не можеме да бараме членство во тие организации а едновремено да им приговараме зошто ни ги наметнуваат стандардите на поведение на членките на ЕУ и НАТО.

Н.М. Дали мегуетничките односи во државата се до тој степен загрозени што мораше да се случат нтерористички напади или пак станува збо за обиди да се окупира дел од територија?

Д.М. Иако упадот на терористичките групи од Косово е сериозна провокација, таа и не треба толку да не зачудува. Ако нешто треба да не зачуди тоа е како сето ова не се случи порано. Зашто, еднодеценијскиот крвав распад на Југославија произведуваше се само не цивилизација на нашите граници. Произведе, покрај борци за слобода, и вооружени банди, паравојски, шверцери, корупција и криминал, ја произведе најголемата меѓународна воена интервенција во Европа по Втората светска војна... Во тој хаос многу е веројатно дека границите, во голема мерка, и не постоеле. Конечно, своевидна потврда за тоа беше сето она што се случи по потпишувањето на договорот за границата со Југославија кога Македонија се обиде веднаш да воспостави контрола врз "секоја педа" од својата територија иако, претпоставувам знаеше за овој "разлеан хаос" долж границите произведен од тектонски поместувања далеку помоќни од капацитетите на нашата држава, па според тоа и на секоја власт. Таквата акција, со која се обидовме набрзина, под слоганот "ни треба една победа", да разрешиме еден проблем кој далеку помоќна Србија, на пример, сеуште не може да го разреши во долината на Прешево и Бујановац, беше легитимна. Друго е дали беше умна и нели живееме во време кога дипломатијата, како инструмент за мирно разрешување на проблемите, не треба да има предност над правото. Дипломатските книги велат дека најлоши дипломати се фанатиците и правниците, а најдобри здраворазумски и помалку скептични човечки суштества. Имам чувство дека ни фалат овие вториве. Враќајќи се на вашето прашање ќе речам, во контекстот на оваа поширока слика на Регионот која што се обидов да ја скицирам, дека причините за терористичките упади можат да бидат од најразлична природа, а секој да ги користи за свои цели - од борци за слобода, до шверцери. Но, она што треба особено да не замисли е во која мерка таквите упади можат да ја дестабилизираат меѓуетничката рамнотежа во Македонија и во која мерка проблемот е "увезен", а во која "домашен". Политиката мора да даде точна и отворена проценка. Ако е увезен, ќе се справиме со него, ако, пак, е домашен, тоа е друга приказна и бара други средства за негово решавање.

Н.М. Дали кризата може да представува одредена пречка во реализација на Спогодбата за асоцијација И стабилизација?

Д.М.Апсолутно. Во таа спогодба нема никакви волшепства. Со неа ни се отвора патот до Европа преку макотрпна работа на преуредување на нашата економија, право и политика според стандардите на Унијата, за да создадеме едно вибрантно, европско, општество. Бидејќи располагаме со толку енергија како општество со колку што располагаме, на нас е да одлучиме како ќе ја трошиме.

Н.М. Дали сте оптимист за разрешување на кризата во државата?

Д.М. Кога ќе го слушнам зборот "оптимизам" врзан за состојбите на Балканот, се присеќавам на мислата на нобеловецот Иво Андриќ за, она што тој го нарекува, "ориентален оптимизам". Тоа е посебен вид оптимизам кој не ја бара својата основа во реалниот живот, туку во самиот себе. Народски, овој оптимизам кај нас е познат како "не бери гајле", кај србите, хрватите, босанците "нема проблема", а сигурен сум дека во некоја форма е присутен кај сите балкански народи. Е, ако го отфрлиме ориенталниот пристап и ако ги погледнеме реалните процеси, место за оптимизам нема. Значи, и после формирањето на широката коалиција ќе живееме со политичари чија основна грижа е повеќе лична моќ и богатства и со интелектуалци чија алчност за лична слава и чест нема граници. Заедничкиот именител на овие две, во македонската политика, доминантни групации, е што буквално здивени од слободата забораваат на обичниот човек, узурпирајќи ја неговата слобода за сметка на своите персонални политики. На кој обичен човек мислам? Па, да речеме, на комшијата или роднината кому претпријатието му е во ликвидација, женаму не работи, а синот, инженер, на триесет години бара начин да избега од земјава. Големиот Германски поет Хајне, инаку пријател на Маркс, згрозен од мизеријата која ја гледал околу себе, се приклучил на социјалистичкото движење, иако, како што запишал, бил свесен дека работниците ќе ја користат хартијата на која се напишани неговите песни за да завиткуваат риби на пазар. Малку сочувство од нашите политичари и интелектуалци за малиот човек и неговите огромни проблеми не би била спротивна на демократијата и слободата. За оние обични луѓе кои се загрижени за животот и иднината на своите деца и кои со блага насмевка или бес ја следат гротескната турканица на тесната македонска политичката сцена на цела една булумента егоманијаци - политичари и интелектуалци.