|
Денко МАЛЕСКИ
Правен факултет, Скопје
Интервју за
"ФЛАКА"
Флака: Господине професоре што се случува во Македонија?
Има ли некоја средна вистина помеѓу двете тези, (едната) дека е
направена агресија од надвор и (другата) дека станува збор за вооружено
востание за легитимните права?
Денко Малески: Загледани во нашиве локални проблеми кои,
секако најмногу ги допираат нашите животи, забораваме дека на овој
наш балкански лом му претходеше еден голем светски лом пред десетина
години кога се распадна светскиот политички поредок. За такви драматични
промени во светската структура на моќта знаевме само од книгите
или од раскажувањата на нашите стари кога се рушело Отоманското
или Австронгарското царство. Нестабилноста која таквите тектонски
поместувања ја предизвикуваат ја почувствувавме сите ние во регионот
на Југоисточна Европа кога повлекувањето на руската моќ во нејзините
национални граници создаде еден голем вакуум кој мораше да се исполни
со нова содржина. Додека некои народи на поширокиот регион успешно
се снајдоа во новонастанатата ситуација, ние, од поранешна Југославија
паднавме на испитот. Имено, посегнавме по историски испробаните
матоди на делби и етнички војни.Така десет години живееме со крвави
етнички конфликти околу нас, за конечно и нас да не допре тој жесток
вирус на анархијата кога човек пука на човека.Тоа е донекаде и логично
затоа што воениот вриеж околу нас сиве овие години не произведе
прогрес, безбедност, просперитет, со еден збор цивилизација, туку
паравоени формации, криминални лордови, и вооружени борци за слобода.
Паралелно со сето ова што се случуваше во нашево соседство граѓаните
на Македонија ги поставија темелите на својата држава и се учеа
на демократија. Притоа, албанската етничка група имаше, од самиот
почеток, едно поинакво видување на концептот за демократија, барем
кога се работи за односите помеѓу Албанците и Македонците, произведувајќи
го чувството кај нејзините припадници дека им се ускратени легитимни
права. И конечно, да одговорам на вашето прашање: веројатно се работи
за двете - агресија од надвор и домашна поддршка.
Флака: Земањето на оружје во раце, секако дека
е екстремен чекор независно поради кои причини тоа се прави. Впрочем
заедничката осуда на сите фактори, внатрешни и надворешни, го потврдува
ова и во случајот на Македонија. Меѓутоа дали овие случувања во
ридовите на северниот дел на Македонија, не зборуваат и за дефект
на системот. Ако се сложувате со оваа оценка, каде ги гледате овие
несовршеностите на системот, кои можеби продуцираат вакви ситуации.
Д.М: И државите со демократска традиција зборуваат за дефектите
на своите политички системи и за начините како тие да се отклонат.
Оттаму, мислам дека тоа не може да биде оправдување за отфрлањето
на демократијата и посегањето по оружје. Зашто да не заборавиме,
оној момент кога било кој ќе земе оружје во раце, тоа е крај на
демократијата како процес на мирно разрешување на конфликтите во
едно општество. Таквиот "лесен" пат до решение на некој
проблем мора да се напушти во прилог на потешкиот - неизбежно спориот
процес на акомодација на интересите помеѓу Албанците и Македонците.
И да заклучам, во македонското општество не гледам такви проблеми
за кои вреди да се умре, но гледам многу идни шанси за кои вреди
да се живее.
Флака: Се разбира дека најдобриот рецепт за да
не се случат вакви ситуации е превенцијата, меѓутоа Македонија сега
е во друга фаза, кога кризата е реалност. Кои би биле вашите препораки
за политичките фактори за да ја пребродат кризата со што по малку
болки?
Д.М: Единствениот начин да се разрешат проблемите во услови
на демократија е - дијалогот. И да не ја заборавиме максимата на
Черчил дека демократијата е најспориот и најлошиот систем, само
што подобар не е измислен. Но дијалогот е само појдовната точка.
Она од што зависи успехот во еден демократски дијалог е колку од
оние што седат на масата се демократи. Доколку политичарите ја поседуваат
способноста на толеранција, што ќе рече, не само да инсистираат
на задоволувањето на своите интереси туку и на разбирањето на туѓите,
тие се издигаат на ниво на државници и произведуваат решение прифатливо
за сите. Доколку, пак, имаме работа со исклучиви луѓе, решение не
е можно и кризата или ескалира или се турка под килим, до наредната
експлозија на незадоволство.
Флака: Пред неколку дена изјавивте дека е подобро
да се разговара илјада и повеќе илјади денови, отколку да се да
се води војна еден ден. Меѓутоа војната е реалност. Во една ваква
дефектна општествена ситуација, кои фактори би требало да разговараат
и за што?
Д.М: Не, не брзајте. Војната не е реалност во Македонија,
иако се согласувам, лесно може да биде. Дијалогот е сеуште жив.
[то се однесува до мојата изјава дека е подобро да се разговара
со илјадници денови отколку да имате макар и еден ден војна тоа
е сепак само метафора, која, ми се чини, може да наведе на погрешен
заклучок - дека е можна еднодневна војна. Не, ако почне вистинска
војна таа трае и трае( во Европа војните траат во просек четри години).Во
меѓувреме, процесот на деструкција кој таа го ослободува ја уназадува
заедницата, и го прави мизерен животот на поединците. Зашто, да
го парафразирам грчкиот антички историчар Тукудид, во војната, тој
суров учител на насилието, исчезнуваат секакви обзири спрема оние
од другата страна, а човековото поведение се спушта на нивото на
воените околности, при што честа на поединецот е првата жртва.
Флака: Имаме ваква ситуација: земање на оружје
во раце кое го осудуваат на вооружените албански групи од самите
партии кои ја осудуваат употребата на оружје. Имаме од трета страна
скоро консензуална согласност на диалог за отворените прашања (на
сите субјекти, државни, партиски и на надворешниот фактор). Како
да се балансираат работите кога ги имаме овие (не)спротивности?
Д.М: Апелирам од оваа комплицирана формула да ги исклучите
оние кои посегнале по оружје, без оглед на тоа колку ви се чинат
оправдани нивните барања. Целите не смееме да ги одвоиме од средставта,
во спротивно страда демократијата која налага конфликтните состојби
да се решаваат мирно и низ политичка процедура. Не може едната страна
да има и вооружени луѓе и демократски преговарачи, зашто мора да
се почитуваат правилата на демократската игра која не дозволува
употреба на оружје. Па, целата смисла на демократијата почива врз
филозофијата куршумите да се заменат со гласачки ливчиња.Значи,
нема потреба од балансирање на интересите со вооружените формации
во услови кога демократски избраните политички претставници се живи
и здрави и спремни на дијалог. Зашто, колку утре може да никнат
вооружени групи од некоја друга страна со некои други барања.
Флака: Оние политички кругови кои ги поддржуваат
барањата на вооружените албански групи, мислат дека било какви разговори
без претставник од овие групи, би биле залудни. Дали мислите дека
резултатот на разговорите помеѓу легитимните претставници можат
да бидат такви да ги убедат групите да се повлечат од планините.
Во последната резолуција на Советот за безбедност на ООН милитантните
групи во Прешевската долина и овие во Македонија се ставаат во една
иста (негативна) категорија, меѓутоа Србија зборува со нив. Вашиот
коментар?
Д.М: Ние во Македонија имаме една релативно пристојна демократија.
Конечно, тоа е оценката на сите светски фактори кои сакаат да видат
унапредување на таа демократија. Мислам дека демократски избраните
албанските претставници треба да се свртат кон меѓуетничкиот дијалог
кој треба да започне, и во кој и тие треба да ја презентираат својата
визија за Македонија. Така најдобро ќе ги убедат вооружените групи
да го положат оружјето. Србија разговара со милитантните групи од
Прешевската долина затоа што таа, во еден значаен дел, придонесе
кон создавањето на албанскиот вооружен радикализам, исклучувајќи
го населението од институционализираната политика. Значи, Србите
и Албанците ги прават првите чекори кон демократски дијалог. За
нас, ќе се согласите, после сите демократски избори, и создавањето
една, во основа, умна албанска политичка елита, седнувањето на маса
со вооружени лица би било пораз на демократијата.
Флака: Господине професоре, овие денови на една
трибина, зборувавте за еден општествен модел, за кој рековте дека
веднаш би го потпишале, меѓутоа за кој рековте дека не би можел
да оживее во практика. Кажете ни по подробно за овој модел за кого
сте мислеле и кои се причините за вашата скепса?
Д.М: Станува збор за таканаречениот граѓански модел според
кој, како јас го разбирам, не е важно на која етничка група и припаѓаш,
туку, дали како поединец ги уживаш сите демократски права. Тоа е
модел кој се спротиставува на идеата за колективни права на граѓаните,
гледајќи на нив како на идни генератори на натамошни делби и сецесија
од Македонската држава. Теоретски гледано овој концепт е најдобар,
а стравот од продлабочувањето на јазот помеѓу Албанците и Македонците
во услови на внесување на консенсуални елементи во процесот на политичкото
одлучување во државата, е реален. Па, во што е тогаш проблемот,
и зошто ѓраѓанскиот концепт не заживува во праксата? Одговорот е
едноставен - затоа што Албанците не го прифаќаат и бараат гаранција
за своите колективни права. Бидејќи не спаѓам меѓу оние теоретичари
кои веруваат дека стварноста може да се произведе од концепт (во
случајов, граѓанскиот), туку дека концептот треба да произлезе од
стварноста, сметам дека ќе мора да се вградат извесни консенсуални
елементи во политичкиот систем на Македонија кои ќе ја отсликуваат
реалноста. Се разбира, мнозинството може и натаму да ги игнорира
барањата на Албанците но тие представуваат толкав голем дел од вкупната
популациоја на државата, што отсуство на договор ќе биде увертира
во нови кризи. Состојбата пред почетокот на најавениот дијалог е
следнава: едната страна се залага за "чист" граѓански
концепт, додека другата за втор конститутивен народ. Резултатот
од еден фер и искрен дијалог кој се стреми не да ги реши сите меѓуетнички
проблеми еднаш засекогаш, туку да произведе мир и соработка за една
до две децении, ќе го најдете некаде помеѓу овие два екстрема.
|