|
Kiril Temkov
Faculty of Phylosophy, Skopje
New Balkan Politics
An Academic Quarterly Journal of Politics
(on-line)
Новото време е епоха на сознание и информација, на размисла и духовна
размена. Во него се реализираат старите соништа за апсолутен дофат
на стварноста, за засилување и замена на физичкиот труд со машински,
за автоматизација на функциите, за механизација на мислата. Дури
се креира и нова стварност.
Но, во тој свет опстојат и стари елементи, односи и вредности.
Некои застарени начини на однесување и одамнешни претпоставки за
егзистенција небаре се засилуваат. Битката меѓу старото и новото
не е завршена, иако одамна е започната и се чини дека во некои прашања
е разрешена.
Сето тоа ја возбудува научната свест, и дава материјал за дејност,
ја крева интелектуалната тензија.Науката се интересира и за новите
и за заостанатите феномени, ја искажува амбицијата да ги разоткрие
нивните законитости, се обврзува да ги вложи своите зголемени моќи
и капацитети да ги дообјасни пројавите на старото и да загатне
решенија за објаснување на новото.
Ние не сме отстрана од тие интелектуални трендови. И покрај кадровското
сиромаштво и недостигот на најсовремена технолошка опременост и
кај нас има интересни сознајни дострели, понекоја корисна идеја,
врските со светот и со колегите куцаат, но функционираат. Македонските
научници не се најнеактивната страна на нашето движење и прогрес.
Со своите сознанија тие можат многу повеќе да и помогнат на општата
свест и на политиката во осмислувањето на состојбите и на прашањата,
во пронаоѓањето на решенија, во разрешувањето на проблемите.
Серија такви прашања се однесуваат на Балканот. Нашиот животен
простор е во вриеж, традицијата се судира со иновациите, закостенетоста
се сменува со неизвесностите. Географијата и историјата викаат и
пелтечат истовремено. Колку што сме горди, толку сите на нашиот
полуостров се исплашени, она што го знаеме како сигурно се разнишува,
а релативизмот станува стандардна формула. Увереноста се сменува
со скептичноста - како многу пати на Балканот досега, од Антиката
до денес.
Мораме да се нурнеме во битието и пројавите на Балканот, за научно
да го отвориме и тоа прашање. Сознанијата од разни сфери можат
да дадат сериозен прилог кон осмислувањето на нашата заедничка егзистенција,
која ги интересира и многу научници од другите делови на светот
и со кои епистемолошката размена треба да стане наше секојдневие.
Со таа цел проф. д-р Мирјана Малеска го покрена новото електронско
списание за политички и општествени науки - со новите информатички
средства, со прилози од целиот свет, со плодна научна размена, со
редакција и научни сознанија од сите блиски и многу далечни земји
да даде наш придонес кон дофаќање на смислата, проблемите и загатките
на Балканот и светот.
|